X
 18.10.2016 Живот

Одговори од анкета: 70 проценти од родителите во Македонија ги вакцинираат децата

Поголемиот дел од родителите во Македонија се одлучуваат да ги вакцинираат своите деца. Така велат одговорите од нашата онлајн анкета во која дури 70 отсто од анкетираните одговорија дека ги вакцинираат своите деца. Од пристигнатите 209 одговори 145 родители одговорија дека ги вакцинираат децата, додека 64, односно 30,6 проценти дека не ги вакцинираат.


Во повеќето одговори родителите образложуваат дека децата ги вакцинираат поради страв од искоренетите болести, дека вакцината е најголемата придобивка, но има и такви кои што велат дека вакцинирале, па престанале поради информациите кои сега ги добиле. Оние што не вакцинираат главно одговориле дека се плашат од последиците, дека не веруваат во квалитетот на вакцините и дека тие им штетат на децата. Некои од нив ги напишаа и последиците после примена вакцина. Во најголем дел од одговорите децата поминувале со благо покачена температура, некои деца почнале почесто да се разболуваат, а некои од нив одговорија дека детето им добило епилепсија, атопичен дераматитис...

Ова се дел од одговорите кои ги добивме од анкетата на прашањата: Дали ги вакцинирате децата, зошто да или не и какви последици имало вашето дете после примена вакцина:

„Го вакцинирам бидејќи не верувам во теориите на заговор за вакцините и сметам дека така ќе биде заштитено од заразните болести“.

„Да, затоа што тоа е најголемата придобивка на медицината на 20.век и обезбедува заштита од тешки болести“.

„Бенефитот од вакцините е неспорен и докажан преку искуството. Ги вакцинирам за да не се вратат болестите од минатото кои се искоренети“

„Сметам дека вакцината носи поголема штета за организмот отколку бенефит“.

„По многубројни прочитани научни студии кои не се лажирани, по многуте документарци за на крај и пример во моето семејство, одлучив моето дете никогаш да не дозволам да ги прими тие отрови“.

„Тоа беше пред 12 години, затоа што немав информации за штетноста на вакцините.Сега не би ги вакцинирала“.

„Вакцина - ДА, затоа што ги штитам децата (и моите и другите околу нив) од болестите за кои се вакцинирани. Вакцина -НЕ, затоа што се плашам од негативните несакани последици од вакцината (аутизам, пречки во развојот итн.) Ги вакциниравме децата и се молевме на Бога се' да биде во ред“...

„Да, затоа што смешно би било да се разболат од болести што биле кобни пред стотици години. На пример на невакцинирано бебе ако го фатат сипаници, тоа може да биде и фатално“.

„Со самото тоа што никој не презема одговорност дали ќе имат последици по здравјето на моето дете ми даваат сомнеж дека се штетни што и се покажа дека се“.

„Вакцината е медицински потврдена дека делува за заштита од заразни болести. Спротивно на тоа не постои ниеден потврден аргумент за штетноста од вакцинирањето“.

„ Да, заради тоа што сметам дека последиците од невакцинирање на децата се поголеми отколку евентуална реакција која би можела да настане како резултат на низа други фактори “.

„Да, затоа што благодарение на вакцините многу опасни заболувања се искоренети. Нема полио со сите негови последици , нема епидемија на туберкулоза, морбили или пертусис. Затоа што и во случај на појава на овие заболувања вакцинираните деца заболуваат од минорни клинички облици. Единствено сум против вакцината за ХПВ“.

„После ММР доби епилепсија“.

„Клиничка смрт и тромбоцитопенија“.

„Од првата и втората примена вакцина, на моето дете му се појави тешка форма на атопичен дерматитис со големи рани и крварење на кожата на лицето и телото, и тоа беше пресудно да одлучам да не го вакцинирам моето дете“.

„Високи температури кои траеја 7 недели“.

„Вакцините предизвикаа невролошки реакции кај моето дете“.

„Проблеми со говор, комуникација, развој“.

„Последната ја прими на 18 месеци и од тогаш до сега веќе 6 и пол години прекинавме со вакцинација, заради последиците од истата. Намален имунитет, куп алергии, подоцнежно прозборување, немир и невротични испади. Се лекува со хомеопатија и се прочистува од веќе примените вакцини. Детето ми се врати во нормала“.
Подготвил: М.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот