X
 18.10.2016 Живот

Писмо на една Белграѓанка: И во Норвешка веќе не тече мед и млеко

Девојка во шума


Норвешка, најбогатата земја која само во својот инвестициски фонд располага со преку 800 милијарди евра, долго време важела за држава со сурова клима и рајски услови за живот. Меѓутоа, и тоа се менува. Балканците што живеат таму, сведочат за низа тешкотии со кои се соочуваат, како на пример, недостижна работа, енормно високи цени итн.

Белграѓанката Тања Поповиќ (35) која работи како рецепционерка во еден помал норвешки град, во Норвешка дошла во 1999 година, непосредно пред бомбардирањето на Србија, бидејќи нејзината мајка таму нашла работа. Таа ја раскажува својата приказна за животот во Норвешка, каде што живее и денес со семејството. Тања споделува и искуства за стекнување работа, образование, здравствена заштита и социјална помош.

-    Кога ќе го споредам животот во Србија и во Норвешка, тука е многу подобро, бидејќи имаш сигурност. Но, кога ќе ја споредам 1999 со 2016 година, можам да констатирам дека тогаш полесно се доаѓаше до работа, а и цените беа драстично пониски. Моето прво работно место беше во една локална болница како чистачка. Кога отидов да барам работа, ми рекоа: „Почнувате од утре.“ Имав виза за престој, секој месец ми го продолжуваа договорот и немав никакви проблеми. Сега, иако имам државјанство, сè потешко се стекнува работа. Ги вработуваат тинејџерите и имигрантите кои им работат за минимална плата, вели Тања.

Студентите од странство не мораат да го враќаат кредитот ако заминат од државата

-    Образованието е речиси бесплатно – еден семестар чини 50 евра, единствено книгите сам си ги купуваш. Ги имаш истите привилегии како и студентите што студираат во приватни школи, а се финансираш делумно преку кредити и од неповратни средства што ги добиваш од државата. На студентите од странство им нудат кредити и стипендии кои не мораат да ги вратат, доколку се вратат во своите држави. Јас во Норвешка завршив вишо стручно школо за туризам и една година на менаџмент, па ми беше потешко да си најдам работа, отколку кога немав диплома. Таа диплома ми помогна да се интегрирам во норвешкото општество, иако според степенот е на ниво на средно училиште во Србија и е многу лесно.

Како да дојдете до работа

-    Како и многу други држави, и во Норвешка можеш да добиеш работна виза, ако те повика некоја фирма. Значи, треба сам да си најдеш работа, па да заминеш таму. Знам дека некои фирми доведуваат работници од Србија, а за да останат, потребно е да положат норвешки јазик и некој друг општествен предмет. Платата им е добра, но не надоместуваат прекувремен труд и не секогаш имаат опрема за работа на тешко достапните места. На пример, агенцијата на чистачките во мојот хотел ги убедува да не земаат одмор, иако имаат законска обврска да земат. Генерално, луѓето тука не си ги знаат своите права, особено ако се странци, иако секој би помислил поинаку. Ако сакаш да работиш, нема голем избор, па луѓето го одбираат тоа што се нуди. Сè потешко се наоѓа работа, бидејќи Норвежаните сè почесто земаат евтина работна сила – странци со дозвола или тинејџери кои работат за минималец.

На овој линк можете да прочитате како Тања гледа на иднината во Норвешка.  
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот