Да се кажат на глас сопствените слабости не е секогаш лесно и веројатно многумина се соочуваат со потешкотии да си ги признаат истите и само пред нив. Но, за жал, ова е едно од омилените прашања на Вашиот потенцијален иден работодавач.
Кога станува збор за интервју за работа, сепак, имате време да се подготвите и да смислите издржан одговор. Ова е трик прашање. Тој што ќе ве интервјуира веќе ги има слушнато поголем дел од одговорите: дека понекогаш сте преголеми перфекционисти или дека преземате многу одговорности и не ги делите со колегите. И двете опции укажуваат на Вашите слабости, но целта на првичното прашање е поинаква. Тој што Ве интервјуира сака да добие валидни сигнали за Вашата самосвест и да Ве процени како личност.
Важно е да знаете каде имате пропусти затоа што ќе се очекува да работите на нив ако сте станале свесни за истите. Можеби навистина сте перфекционисти, но обидете се да најдете нешто пооригинално од Вашата листа на слабости. Покажете дека знаете на што работодавачот алудира и за сега, потполнете ги своите пропусти и слабости со добар одговор за тоа како се обидувате да се справите со нив. Тоа не значи дека истите ќе исчезнат по две недели, но, важно е да покажете дека преземате иницијатива за позитивни промени кај себе.
Сите имаат дамки – некои се познаваат, некои се сокриени. Работодавачите сакаат кандидатите да го надминат стравот да изгледаат лошо и да настапат со самодоверба за своите мани. Тоа не значи дека треба да кажете дека никогаш не би завршиле одреден проект на време, туку да потенцирате слабости и јаки страни со кои ќе покажете дека се познавате себе си.