X
 22.10.2016 Образование

Што велат наставници за учебниците: Грешки во превод, неточни информации, несоодветни лекции за возраста


 
Недоследности, небулози, неточни информации, содржини несоодветни за возраста на учениците се само дел од проблемите поврзани со македонските учебници во основното образование. И дел од новите учебници работени според Кембриџ програмата, кои се вметнаа во нашето образование со цел да да се решат овие проблеми, не даваат резултати. Грешките, несоодветните содржини сè уште се тука и го будат бесот кај родителите, како што е последниот случај со Општеството за четврто одделение. Во него, како домашна работа од учениците се бара да залепат фотографија од свадбата на родителите со датум и податоци каде се случила веселбата и венчавката. Граѓани, на социјалните мрежи реагираа прашувајќи како ќе се чувствуваат децата на самохраните родители, со починат родител или оние чии родители воопшто не правеле свадба. На дел од постовите на Фејсбук реагираа и наставници кои и самите не се согласуваат со содржините во учебниците. За Факултети мк. неколку наставници и професори од основните и средните училишта ни одговорија што не им се допаѓа во учебниците и кои лекции треба да се исфрлат. Ниту еден наставник не ни даде одговор дека учебниците се добри.

- Најмногу ми пречи тоа што има некои лекции кои се обемни и не се усогласени според возраста на учениците и потоа тие стануваат несфатливи за нив, а ние мака мачиме како сето тоа да им го пренесеме на учениците. Би ги исфрлила од настава сите лекции од предметот математика и природни науки според Кембриџ - вели одделенска наставничка.

Наставник по географија ни одговори дека во зависност од предметите, но најмногу пречат новите дефиниции кои се базирани на внатре политичката ситуација, а не на реалноста.

- Ова значи злоупотреба на учениците за наметнувате на мислење кое одговара на политичка елита, а вакви примери имаме во многу учебници - вели тој.

Негова колешка вели дека нема последователност на лекциите.

- Лекција, или наставна единица, како таква, не постои, во смисла учениците да знаат од која наставна единица да учат. Не ни е познато до кое ниво треба да се предава, а учениците немаат од каде да научат за тоа што им предаваме. Огромни, огромни грешки во превод, неточни информации и несоодветен и превод и вокабулар - вели таа.

Професорката Е.С. која предава стручни предмети во средно образование вели дека во учебниците најмногу и пречи неусогласеноста на содржините во учебниците со возраста и сознајното ниво на учениците.

- Леснотијата со која се рецензираат и печатат учебници со погрешни факти, со факти кои го деформираат визирот на учениците и ги учат на вредности кои еден издржан извор на знаење не смее да ги содржи. Учебникарството е посебна приказна и еден аспект од воспитно образовното милје кое мора да претрпи сериозни корекции. За исфрлање на лекции зависи за кој учебник се работи. Тврдам дека на кој и да било наставник да му го поставите ова прашање, ќе има што да каже, затоа што не постои учебник кој не содржи аспекти кои не смее да ги има. Секоја содржина која не е точна, прецизна, педагошки одмерена, не му овозможува да ја разбере и со леснотија да ја совлада, не е синхронизирана со возраста на ученикот и не е во функција на градење на поглед на свет кој ќе го води и насочува цел живот, треба да биде исфрлена - вели Е.С.

Професорката В. С, која предава математика во средно училиште вели дека во учебниците по средно образование има многу податоци кои ученикот нема да ги користи во животот, а според програмата треба да ги знае за преодна оценка.

- Комплетно би ги исфрлила од учебниците годините на раѓање и умирање на автори - вели таа.
Подготвил: М.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование