X
 25.10.2016 Политика

Во Кина се одржува партиска седница што би можела да го промени текот на кинеската историја


Далеку  од очите на јавноста, 400 функционери на комунистичката партија на Кина, одлучуваат за судбината на оваа велесила.


Комунистичка партија на Кина

Раководството на најмоќната политичка партија во Кина, деновиве во Пекинг одржува седница која може да го измени текот на кинеската историја.

На состаноците кои се одржуваат во хотелот Јингџи, далеку од очите на љубопитната јавност, речиси 400 раководители на кинеската комунистичка партија, ќе заседаваат следните четири дена и ќе дебатираат за измените и начините како да се управува со големата парија.

Седницата, според службената новинска агенција Џинхуа, ќе биде фокусирана на прашањето за „партиските стеги“.

Скудното соопштение можеби е обид да се прикрие жестоката и профитабилна борба за контрола над втората по големина светска економија, сметаат странските аналитичари.

Шестиот пленум на партијата во која членуваат над 88 милиони Кинези, влегува во период на „тектонски промени“.

Откако главниот секретар Си Џинпинг ја презеде власта во партијата, целокупните активности ги приспособи на соствената волја, ставајќи под контрола повеќе подрачја од кој било претходник после Мао Це Тунг.

Неговиот поход против корупцијата ги опустоши партиските структури, растурајќи ги наизглед непобедивите тврдини на моќ, како онаа на поранешниот челник за безбедност, Џоу Јонгканг, со што ги парализираше, од страв, пониските ешалони на власта.

Џинпинг  ја опишува партијата како „моќно оружје“ кое може да се употреби за примена на неопходните реформи за да се постигне „големото подмладување на кинеската нација“, што како цел е поставена на ниво на „кинески сон“.

Но, обидите да се завладее со претпријатијата во државна сопственост кои пропаѓаат, а ги контролираат стратешките економски сектори во земјата и се под надзор на моќните кинески политичари, наидуваат на отпор.

„Овие реформи не се помрднале од место последните три години“, смета експертот за кинеска политика од Харвард Универзитетот, Ентони Саик.

„Јасно е дека Си ја гледа партијата како единствено оружје со кое ќе може да иницира реформи. Тој нема доверба ниту во државата, ниту во општетвото“, вели Саик, додавајќи дека на седницата со сигурност ќе има  „маневрирање меѓу оние кои ја имаат поддршката од Џинпинг и оние на кои кампањата против корупција им нанесе штета на угледот.“

За Џинпинг засилувањето на партиската стега значи многу повеќе од намалувањето на недоличното однесување на партиските кадри.

„Тој е многу амбициозен во приграбувањето моќ и доделувањето дополнителни овластувања  самиот на себе“, вели Вили Лам, експерт за Кина на Кинескиот универзитет во Хонг Конг.

Главен мотив за какви било нови прописи кои би се усвоиле на пленумот, ќе биде „зацврстувањето на моќта на големиот шеф“, вели тој.

Неколку мерки веќе се усвоени за да се обезбеди следењето на линијата на Џинпинг од страна на партиските членови, објаснува Лам, меѓу кои е и мерката на забрана на функционерите „да критикуваат без аргументи“.

„Само едно лице во партијата, Си Џинпинг, има право да ги одредува политичките правила“,  додаде Лам.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Политика