X
 26.10.2016 Живот

„Доживеав со свои очи да го гледам распаѓањето на светот што го градев“, приказна на 101-годишна партизанка



Приказна на една жива партизанка


Минатиот јули наполнила 101 година. Ида Сабо е најстарата жива партизанка, носител на Партизанска споменица од 1941 година, поранешен член на Претседатеството на СФРЈ, поранешна пратеничка во српското собрание. Родена е во Печуј, тогашна Австро-Унгарија, во 1915 година. Најголемиот дел од својот живот го поминала во Нови Сад, каде живее и денес.

„Овие мои 101-а поминаа неверојатно брзо. Имав убав и исполнет живот, знаев за што живеам. Доживеав со свои очи да го гледам распаѓањето на светот што го градев, и тоа не е лесно. Времето на општествена регресија предолго трае. Национализмот е првото оружје на буржоазијата, на капиталот секогаш му требаат војни. Национализмот не е вроден, човекот е подложен на манипулации. Да бев помлада и поздрава, и денес би се борела“, вели Сабо.

„Живееме во свет во кој се изгубени чувствата на праведност и хуманост. Во мое време младите заминуваа да се борат во Шпанската граѓанска војна против фашизмот, затоа што чувствувавме дека тоа е заедничка борба. Денес во Европа левицата е разединета и многу слабо видлива, практично ја нема, што е поразително. Фашистите повторно пискаат“, загрижено истакнува таа.

На своја тринаесетгодишна возраст, заради сиромаштија, го прекинала школувањето и се вработила како текстилна работничка. Набрзо се приклучила во работничкото движење, а во 1934 година ја примиле во СКОЈ. Пет години подоцна, избегала од унгарските фашисти во Љубљана, каде станала секретар на Окружниот комитет на СКОЈ. Во 1941 година била дел од групата комунисти што го организирале востанието во Словенија. Во првите воени години била координатор на герилските акции, но во 1942 година италијанскиот окупатор ја уапсил и ја затворил. По излегувањето од затворот, веднаш им се приклучила на партизаните, а крајот на војната го дочекала како член на Главниот штаб на Словенија.
На прашањето што ја одржувало во живот, без двоумење истакнува: „Борбата. Не знам дали беше потешко  да се бориш со пушка во рака или после војната да водиш битка за градење на својата држава. Животот, по својата природа, е непрекината борба. На мојата генерација ништо не ѝ беше подарено, за сè моравме сами да се избориме.“

И покрај сè, вели: „Беше тешко, но сепак нам ни беше полесно отколку  што е денес. Бидејќи бевме полни со верба и бевме единствени. Довербата што ја имав кон своите другари и вербата во она за што се боревме, ме одржаа во живот додека бев и во затворите на Хорти и во оние на Мусолини. Од оваа перспектива, јасно ми е дека нас нè одржа занесот. Идеалот ни беше најмоќното оружје  во борбата против фашизмот. Меѓусебната доверба и единството што го имавме, нè одржаа во живот. Затоа нам ни беше полесно. Знаевме дека одиме кон подобро утре и тој оптимизам беше несовладлив. Затоа и го победивме фашизмот.“

Пред неколку години, во своите доцни деведесетти, за малку повторно ќе завршела во затвор, се потсетува Сабо. Во паркот што е во близина на нејзиниот дом, додека хранела бездомни мачки и кучиња, од блиската грмушка ѝ скокнал непознат маж. Сметајќи дека се работи за крадец, го нападнала со торбичката што ја носела. Се покажало дека станува збор за комунален инспектор. „Им кажав дека од грмушки можат да скокнат единствено партизани или крадци. Бидејќи веќе оддамна нема партизани – логично беше да заклучам дека се работи за крадец“, го опишува Сабо начинот на кој таа го восприема денешниот свет.

„И така завршив на суд заради напад врз службено лице. Ми рекоа – или плати ја казната или ќе завршиш во затвор. Не ни помислував да им платам, бев подготвена да одам и во затворот на Тадиќ. Немаше да ми е првпат“, одлучно вели таа. Случајот е ставен ад акта, откако ќерка ѝ, без нејзино знаење, ја платила паричната казна.

До пред две години, редовно добивала покани од Словенија да присуствува на одбележувањето на Денот на победата. „Откако разбрав дека сум единствената жива партизанка, го откажав патувањето. Тоа е цената што ја плаќа човек со вака длабока старост. Староста значи осаменост, мојата генерација веќе не постои, ги нема веќе моите другари...“
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот