X
 31.10.2016 Живот

Василије Ќорлука: Играта „Sea Hero Quest“ за пет месеци донесе податоци кои научниците би ги собирале дури 8.800 години

Играта “Sea Hero Quest“, за само пет месеци на научниците кои се борат против деменција им донесе податоци и вредни информации кои со користење на класични истражувачки методи би ги имале за дури 8.800 години. Првите резултати од истражувањето ќе бидат достапни во ноември, во Сан Диего на една од најголемите невролошки конференции во светот. Токму за оваа кампања Извршниот креативен директор во Publicis One Македонија, Василије Ќорлука се закити со признание за најдобар креативен директор на фестивалот Голден Драм. Со Факултети мк тој сподели и како вообичаено му поминува работниот ден, како ги доживува наградите и како се роди идејата за “Sea Hero Quest“.




Факултети.мк: Добитник сте на признанието Golden Watch за најдобар креативен директор на фестивалот Голден Драм. Како всушност се станува најдобар креативен директор?

- Наградата Golden Watch ја добива креативниот директор на кампањата која вкупно освоила најмногу поени во сите категории на фестивалот. Оваа година тоа беше кампањата Sea Hero Quest која ние во Saatchi&Saatchi Македонија, дел од Publicis One Македонија, ја реализиравме заедно со Saatchi&Saatchi во Лондон. Инаку рецепт за најдобар креативен директор мислам дека не постои, она што е важно е да се сака оваа работа, да се биде секогаш инспириран и од секој бриф да се проба да се најде најдоброто можно решение за потребите на клиентот.

Факултети.мк:  Кампањата “Sea Hero Quest“ која годинава нанижa награди на сите фестивали низ светот каде што се појави, доминираше и во Љубљана, каде беше прогласена за најдобрата кампања во 2016 година. Очекувавте ли ваков успех?

- Со оглед на тоа дека кампањата освои 9 лавови, вклучувајки и златен лав, на фестивалот во Кан кој е најпрестижниот фестивал во светот, можам да речам дека имавме одредени очекувања и за Голден Драм. Но успехот на фестивалите никогаш не е загарантиран, а фактот дека кампањата освои два Гран При и три златни награди и беше прогласена за најдобра кампања на целиот фестивал, секако ги надмина нашите очекувања и многу не израдува.

Факултети.мк:  Идејата за оваа игра за мобилен телефон се роди во Вашата агенција. Кога луѓето ја играат, докторите добиваат значајни податоци кои ќе им помогнат во борбата со деменцијата. Споделете ни некои интересни моменти како се создаваше оваа игра.

- Идејата за овој проект тргна од еден неверојатен факт, а тоа е дека луѓето денес во светот поминуваат 3 милијарди часови неделно во играње игри. Што ако направиме игра која додека луѓето ја играат ќе помагаат во решавање на некој проблем? “Sea Hero Quest“ е многу забавна и бесплатна игра за мобилни уреди која во позадината има многу поважна функција, а тоа е да и помогне на современата наука во борбата против деменцијата. Инаку, деменцијата е прогласена за чума на 21-виот век со огромни последици по целото човештво. За неа нема лек и истражувањата во оваа област заостануваат зад оние во областа на канцерот или срцевите заболувања. Болеста во нејзините најрани фази влијае на способноста на луѓето да се ориентираат во просторот (овие симптоми се јавуваат дури и пред проблемите со меморијата кои се карактеристични за деменцијата). Во “Sea Hero Quest“ играчите го возат своето рибарско бротче низ различни “лавиринти”. Начинот на кој тие се ориентираат во просторот анонимно се праќа во научна база која служи да се воспостави научен модел за тоа како здравата популација се ориентира во просторот. Ова е од огромен значење за светската наука затоа што таков модел во овој момент не постои. Врз основа на ова истражување научниците и докторите развиваат дијагностички методи со кои ќе ги споредуваат резултатите добиени од потенцијалните пациенти со резултатите од здравата популација и на тој начин ќе можат порано да ја дијагностицираат болеста. Ова е круцијално затоа што сите потенцијални третмани на болеста бараат што порана примена уште на самиот почеток на развојот на болеста.


Факултети.мк:  Колку луѓе досега ја играа, дали се исполнија вашите очекувања и секако на истражувачите на Алцхајмеровата болест?

- Играта до сега ја имаат преземено преку 2.4 милиони луѓе во скоро сите земји во светот. Вкупното време поминато во играње на играта е 59 години, а научниците пресметаа дека со користење на класични истражувачки методи би им биле потребни 8.800 години за да соберат исто количество на податоци кои играта ги генерираше за само 5 месеци. Првите научни резултати од истражувањето ќе бидат претставени во Ноември оваа година во Сан Диего на една од најголемите невролошки конференции во светот. Од неофицијалните информации кои ги имаме, се работи за навистина интересни и исклучително корисни податоци за светската наука.

Факултети.мк:  Може ли да ни опишете како изгледа еден Ваш работeн ден?

- Ако треба да употребам еден збор тоа би бил зборот “жонглирање”. Во текот на денот работам на повеќе различни проекти, со повеќе различни тимови и во повеќе фази на подготовката на креативните решенија. Работата е напорна, но многу интересна - секој ден и секој проект е различен, секој клиент има различни потреби и постојат многу начини да се дојде до решение. Во еден ден можеби учествувам на брифинг за нова кампања за пиво, ги дискутирам со креативниот тим идеите за кампања за кредитни картички, презентирам на клиентите решенија за кампања за телекомуникациски услуги, работам со режисери, монтажери, композитори, фотографи, блогери, или сум на снимање на телевизиска реклама, или учам нешто ново за новите трендови како Snapchat, Virtual Reality, и сл. Секако, за мојата работа најважни се моите колеги - одличниот агенциски тим на креативци и акаунти со кои секојдневно соработувам. Оваа мала, но исклучително талентирана група луѓе со своето секојдневно залагање овозможуваат нашите идеи да бидат впечатливи и релевантни, а проектите да се реализираат на најдобар можен начин.

Факултети.мк: Како всушност влеговте во маркетинг бизнисот?

- Адвертајзингот е место каде што се сретнуваат и преплетуваат креативноста и бизнисот. Мене отсекогаш ме интересирало пишувањето и креативната работа, а при крајот на студиите по маркетинг открив дека постои нешто што се вика копирајтер. Оваа работа на интересен начин ги комбинира желбата за пишување и генерирање на идеи, со познавањата во областа на маркетингот и бизнисот. Почнав пред 14 години како помлад копирајтер, сфатив дека оваа работа ме исполнува и оттогаш се немам свртено наназад.

Факултети.мк:  Што треба една млада личност да поседува, какви квалитети, образование за да се занимава со оваа работа?

- Ние на шега велиме дека за да работиш во адвертајзингот единствен услов е да ти е “влезена чивијата”. Со други зборови, работата е доста напорна и стресна, со кратки рокови и динамична тимска соработка, па единствен начин да се работи успешно, е навистина да се сака тоа што се работи. Типот на образование не е пресуден фактор, би рекол дека поважно е личноста да е љубопитна и отворена, интелигентна и спремна да научи многу нови работи, да има иницијатива и секако способност и желба да работи посветено. Внимателно одбираме кого ќе вклучиме во нашиот тим, затоа што во волку динамична средина секој член на тимот е исклучително важен. Кај нас во агенцијата работат графички дизајнери, економисти, психолози, филозофи, книжевници, новинари, електро-инженери, програмери и многу други. Сите тие имаат различни хобија и интереси, од фотографија и архитектура, до блогирање, правење музика и сл. Токму оваа мешавина на луѓе и интереси ја прави нашата секојдневна работа свежа и интересна.

(Подготви: М.Ф)
Подготвил: М.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот