X
 01.11.2016 Живот

Онлајн анкета: Дури 96,2 отсто од граѓаните сакаат подолго породилно боледување, идеално би им било 2 години

Доколку законодавците одлучат да го продолжат породилното боледување на 18 месеци, но само првите девет да се платени, 67,8 отсто од анкетираните нема да се согласат да го користат целосно.

Многу голем дел од граѓаните во земјава сметаат дека породилното боледување во Македонија треба да биде подолго од сегашните 9 месеци, при што мнозинството како идеален период го наведува 2 години. Сепак, повеќе од половината не би прифатиле подолго породилно отсуство доколку сите месеци не се платени.



Ова го покажа онлајн анкетата на Факултети.мк во која дури 96,2 отсто од анкетираните се изјаснија дека породилното боледување треба да биде подолго од 9 месеци. Притоа, 21,5 отсто сметаат дека платеното отсуство од работа по раѓањето на детето треба да е 12 месеци, додека 74,7 отсто дека треба да е подолго од 12 месеци. Само 1,7 отсто сметаат дека породилното треба да остане на сегашните 9 месеци, додека 2 отсто дека треба да е пократко и од тоа.

Во анкетата на Факултети.мк учествуваа 612 испитаници. Таа ја спроведовме откако група мајки во Собранието поднесоа иницијатива за зголемување на породилното отсуство од сегашните девет на 18 месеци. Граѓанската иницијатива се надева дека ќе успее да покрене измени во Законот за работни односи со кои државата ќе го зголеми породилното отсуство на 18 месеци без разлика дали мајката родила едно дете, близнаци, тројки или повеќе деца. Тие сметаат дека сегашните 9 месеци не се доволни за на бебето да му се обезбедат неопходната нега, грижа и внимание.

Најголемиот дел од учесниците во анкетата кои веќе користеле или користат породилно отсуство се изјаснија дека ги искористиле законски одобрените платени 9 месеци отсуство од работа. Девет месеци боледување искористиле 74,3 отсто од анкетираните. Дел од нив, односно 11,3 отсто ја искористиле можноста за 12 месеци породилно боледување, од кои 3 месеци се неплатено отсуство од работа, додека 14,4 отсто се вратиле на работното место порано од девет месеци.

Доколку законодавците одлучат да го продолжат породилното боледување на 18 месеци, но само првите девет да се платени, 67,8 отсто од анкетираните нема да се согласат да го користат целосно. Но, 32,2 отсто би ги прифатиле тие 18 месеци и под овој услов.

Запрашани кои ќе бидат позитивни, а кои негативни ефекти од евентуалното продолжување на породилното боледување, мнозинството сметат дека мерката ќе има само позитивни страни. Меѓу нив ги наведуваат тоа што детето подолго време ќе биде со мајката, особено во периодот на најинтензивен психофизички развој, дека децата подоцна ќе тргнуваат во градинка со веќе изграден имунолошки систем што многу позитивно ќе влијае врз нивното здравје, а и мајките ќе можат подолго да ги дојат. Приврзаниците на идејата за подолго породилно боледување го нагласуваат и намалениот стрес кај мајката поради тоа што треба бебето да го остави само додека е уште многу малечко, честопати и со целосни странци. Меѓу негативните ефекти, пак, се наведуваат дискриминацијата со која што ќе се соочуваат жените при вработувањето бидејќи работодавците ќе избегнуваат да вработуват жени кои допрва треба да раѓаат, можноста за губење на работното место поради долгото отсуство, заостанување во професионалниот развој и сл.

- По деветтиот месец, детето е во таа фаза од развојот каде сè повеќе ја чувствува потребата од блискост со родител, а и свесност за него. Следува периодот кога е важно влијанието и вниманието од родителот за воспоставување на некои основни особини, во воспитувањето и навики кои се стекнуваат во таа возраст. Негативен ефект би била само одлуката продожувањето на подродилното да биде неплатено, затоа што ефектот од одлуката нема да биде видлив бидејќи голем дел од мајките нема да ја искористат оваа „поволност“ – пишува еден од учесниците во анкетата.

Друг учесник образложува дека најголема придобивка од подолгото породилно боледување ќе биде здравјето на децата.

- Најчесто мајките, реално секако се на боледување повеќе од 9 месеци поради нега на своето дете бидејќи кога мајката ќе тргне на работа, што најчесто е порано од 9 месеци, детето ќе почне во градинка и ќе почне да се разболува. Доколку породилното се зголеми на 18 месеци ќе има дефинитивно само позитивни ефекти од аспект на растоварен здравствен систем, помалку боледувања, помалку упати, помалку препишани лекарства и децата би тргнувале во градинка целодневно подоцна кога нивниот имун систем би бил позајакнат. За придобивките на самото дете мислам дека веднаш се воочуваат ефектите. Околу негативните ефекти не би коментирал бидејќи нехумано и не е етички да споредуваат позитивни придовки на еден човечки живот со негативни ефекти што би ги имала државата со поголемиот товар на Фондот како и работодавците. Во секој случај мислам дека позитивните придовки ќе бидат дефинитивно повеќе отколку негативните – вели еден од анкетираните.

Сепак, има и такви кои што сметаат дека продолжувањето на породилното боледување ќе има и низа негативности.

- Осумнаесет месеци е предолг период за жените да бидат надвор од работа, ќе изгубат секаков континуитет во работата, тек со настаните и сл. Ова особено ќе биде изразено доколку жената реши да раѓа второ или трето дете брзо после првото, што повлекува отсуство од работа речиси 3 години, што е премногу. Оваа мерка ќе ги одвраќа работодавците да вработуваат жени бидејќи за нив тоа автоматски ќе значи дека ќе треба да обезбедат замена за долг период додека вработената е на породилно. Исто така, буџетот не може да издржи дополнителни 9 месеци на товар на Фондот за здравствено осигурување – пишува еден од учесниците во анкетата.
Подготвил: Д.Ф.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот