X
 01.11.2016 Технологија

Работите се промениja - проверете какви работници се бараат на Wall Street

Се покажало дека самоуките програмери без завршен факултет се многу конкурентни на пазарот, и дека голем број од нив добиваат работа во финансиски и технолошки компании. 

Самоуки програмери

Приказната за двајцата гении кои се обележје на технолошкиот пазар од крајот на седумдесеттите години на минатиот век до денес, на сите ни е добро позната – Стив Џобс и Бил Гејтс наместо студирање и диплома, одлучиле да тргнат по свој пат, се откажале од факултетот, основале сопствени компании и станаа дел од историјата. Нивното знаење, упорноста, ентузијазмот и визијата се заслужни за развојот на производите кои го промениле не само технолошкиот пазар, туку во голема мера влијаат и врз нашите животи, бидејќи компјутерите со Windows, Office, iPhone-ите,  iPad-ите и Мековите станаа неизбежен дел од секојдневието на стотици милиони луѓе низ целиот свет. Се разбира, нивниот успех не е антипропаганда за факултетите, туку поттик за оние кои не завршиле факултет и тргнале по некој свој пат или, пак, образованието го стекнале преку интернет, да можат да добијат позиции за кои се смета дека им припаѓаат само на тие од елитните универзитети.

Финансиските компании од Wall Street, традиционално своите работници ги бараа меѓу дипломците од Стенфорд и другите големи  и звучни школи, односно меѓу дотогашните вработени во технолошките компании од Силициумската долина, но како што се напоменува во Bloomberg, на тој начин се запоставуваат одличните програмери кои завршиле помалку атрактивни факултети или оние коишто се откажале од студиите. Исто така, денес побарувачката за програмери е поголема од понудата, т.е. бројот на лица со дипломи од престижните универзитети е премал во однос на потребата на компаниите, кои поради тоа се свртуваат кон нови извори за регрутирање работници. Изворите, како на пример HackerRank, им овозможуваат на компаниите поставување на т.н. „предизвик за кодирање“ што би им помогнал во пронаоѓањето на најдобрите кандидати за работа, при што се изземаат условите стекнато образование и работно искуство, а се вреднува нивната способност. Единствено што им е важно на работодавачите се вештините на кандидатите. Поголемиот број одлични програмери се самоуки и ги усовршуваат своите вештини преку интернет страници и сервиси.

„Вистински добрите програмери се откажале од факултетот“, ја коментирал состојбата на пазарот на труд еден од основачите на HackerRank, Вивек Равишанкар. Ваквиот начин на побарувачка на работен кадар е сè попопуларен меѓу компаниите од финансискиот и технолошкиот сектор – потпирањето на CV-ата и интервјуата, на работодавачите не им се гаранција дека ќе ги „уловат“ најдобрите кандидати, па користењето софтвер за анализа на податоци, како и наведените предизвици со кодирањето и видео интервјуата се покажале како многу подобро и поедноставно решение. Без разлика на факултетот или школото што (не) сте го завршиле, денешното време бара сестрано образование, а на интернет се достапни бројни страници каде што можете да научите што ќе посакате (од странски јазици до програмирање) и на тој начин ќе станете поконкурентни на пазарот  на труд, односно ќе си ги зголемите шансите за стекнување доброплатена работа.

За Bloomberg тоа го потврдил и Мајкл Збранак од JP Morgan, кој рекол дека до пред пет години не барале работници преку алтернативни канали, но се покажало дека таквите кандидати (кои најчесто се самоуки и без факултет) се поконкурентни и голем број од нив на крај ја добиваат работата. 
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија