X
 11.11.2016 Настани

9. Скопје постер фестивал – шанса за Твоја промоција и за нови знаења

За едни, плакатот е промотивен медиум за настан. За други, тоа е уметничко дело кое се појавува и останува во долго сеќавање. Искористувањето на читливоста и моќноста на пораката, содржана во плакатот со уметничка вредност, го прави еден од најдобрите и најфункционални медиуми низ историјата, дури и денес. Визуелните уметници, графичките дизајнери, се несомнено најдобро сфатените пренесувачи на пораки. Погледнете само кој вид на содржина е најпопуларна и следена со најмногу интерес на социјалните мрежи?!


 

Студентите се оние кои ќе ја креираат иднината. Шансата на нашиот СкопјеПостер годишен конкурс им ја даваме токму нив и само нив. Оваа година, младите студенти по визуелни комуникации, графички дизајн од целиот свет, работеа на тема од глобално значење „Криза на идентитет“. Победникот ќе гостува во Скопје на наредниот фестивал на трошок на организаторот и ќе има изложба на своите дела во негови рамки. Исто како и за конкурсот, така и за Скопје постер фестивалот, на ум ја имаме нивната потреба од добивање дополнителни знаења, кои во текот на студирањето или им е невозможно да ги добијат или тоа не влегува во нивните наставни програми.

Скопје постер фестивалот, годинава, го прославува 9. издание и затоа, оваа година е посебна за нас. Во рамки на програмата, освен стандардните изложби на плакати од конкурсот од дадената година и презентациите на жирито, секоја година внесуваме свежа, атрактивна содржина. Минатата година, тоа беше специјалната селекција на плакати од жири членовите, кои во текот на фестивалот, беа присутни во Скопје. Од оваа година воведуваме нов сегмент – работилниците.

Кога размислувавме каков вид работилници ќе ги интересираат нашите дизајнерски надежи, гледавме тоа да не звучи типично школски, темата да не биде шаблонска. И така - три работилници. Едната, исклучиво наменета за студенти, е во рамки на национален конкурс за избор на промотивен плакат за Република Македонија како туристичка дестинација – организиран во соработка со Музеј на град Скопје и со поддршка на Амбасадата на Република Полска. Другата работилница дел од овогодинешната програма е за изработка на плакат за џез настан и третата, за дизајнирање на влијателен социјален плакат. Менторите се реномирани графички дизајнери од Германија – професор Фонс Хикман, од Данска – Фин Нигаард, од Полска – Ришард Каја, од Франција – Мишел Буве.

Доколку си студент и доколку, во иднина, се гледаш како уметник кој ќе си зададе цел да ја менува свеста на луѓето за одредени проблеми, теми или да оставиш свој уметнички печат во историјата - нашиот Скопје постер фестивал го овозможува тоа. За оние помалку храбрите, не се обесхрабрувајте, дојдете, дружете се и уверете се дека и Македонија има млади кои знаат својот потенцијал да го претворат во безвременско дело.

Се разбира посебната покана оди на адреса на студентите од профилот на визуелните комуникации, но ги покануваме сите млади – независно од тоа дали сé уште студираат или само што го завршиле образованието - да се дружат со нас во Музеј на град Скопје од 21 ноември до 23 ноември, а изложбите на плакати да ги погледнат и во следните денови – до 30 ноември 2016.

 На следниот линк може да погледнете кои содржини се достапни на 9. Скопје постер фестивал: http://skopjeposter.com/mk/nastani/
Се надеваме дека ќе бидете наши гости, Ве очекуваме!

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Настани