Фејсбук сè повеќе се соочува со критики поврзани со изборните резултати во Америка, заради пропагандните лаги во фабрикуваните вести што се пропуштаа непроверени на социјалните мрежи.
Ширењето неточни информации за време на изборите го поттикнаа коментарот на Барак Обама посветен на Фејсбук како „облак од бесмислици“.
Мислењето на Марк Цукерберг по ова прашање е дека лажните вести се само мал процент од споделбите на Фејсбук кој нема никаков импакт.
Се поставува следната дилема: колку е тешко за алгоритмот да ги издвојува точните од лажните вести?
Се чини дека не е многу комплицирано.
За време на хакатонот на Универзитетот Принстон, четворица студенти во рок од 36 часа креираа форма на пребарувач сличен на Хромот на Google. Својот проект го именуваа FiB: Stop living a lie.
Нивниот контролор на автентичност на вестите функционира на начин што, со употреба на вештачка интелигенција, ги класифицира сите постови, независно дали станува збор за слики, содржина за возрасни, лажни линкови, линкови со вируси, линкови со лажни вести, како „проверени“ или „непроверени“.
Студентите велат дека линковите ги оценуваат согласно репутацијата на веб-страницата што ги продуцира, потем ги проверуваат од вируси, а содржината ја гуглаат и на крај одлучуваат дали да им ја прикажат на корисниците. За сликите од Твитер велат дека ги конвертираат во текст, ги користат корисничките имиња споменати во твитот, ги собираат и ги анализираат сите твитови на корисникот, па плагинот на пребарувачот во аголот појавува поле во кое стои информација дали веста е проверена.
Дечките од хакатонот докажаа дека алгоритмите можат да ги филтрираат вестите, пред да бидат пуштени во промет.
Патем, Фејсбук е еден од спонзорите на овој настан, па да се надеваме дека проектот на студентите ќе им биде „ветер во едрата“ кон решавање на овој крупен проблем.