X
 23.11.2016 Технологија

Симнувањето на пиратски филмови во Македонија е бесплатно, во Германија може да ве чини и над 1.000 евра

За разлика од развиените западноевропски земји, во Македонија интернет-операторите немаат право да контролираат дали корисниците симнуваат содржини од пиратски сајтови, ниту пак имаат право дополнително да им наплаќаат за тоа.



Ако престојувате го Германија, Данска, Норвешка или во некоја друга поразвиена западноевропска земја, не помислувајте да симнете од интернет некој нов филм од популарните сајтови за Македонците, zamunda.net или The pirate bay, зашто може да ве чини и над илјада евра. Во овие земји нелегалното симнување торенти од пиратски сајтови е казниво дело и најстрого се регулира и санкционира. За разлика од овие земји, во Македонија оваа проблематика се уште не е регулирана, така што корисниците на интернет можат без страв од казни и без никаков надомест да ги симнуваат најновите филмови, серии, музика и сличи забавни содржини.

Во повеќето западноевропски земји контролата на нелегалното симнување содржини од пиратски сајтови кои ги немаат регулирано авторските права ја вршат самите интернет-оператори, кои ги пријавуваат корисниците до надлежните институции. Тие пак, на лицата кои нелегално ги симнале содржините им испраќаат тужби кои речиси секогаш завршуваат со парична казна. Во некои земји корисниците кои користеле содржини од пиратски сајтови добиваат дополнителна сметка од интернет-операторот.

На различни форуми каде што се разговара за интернет-содржини заштитени со авторски права може да се прочитат искуства на Македонци во западноевропските земји.

- Во Германија не смееш да симнуваш од интернет нелегално бидејќи имаат закон за тоа и регулирано им е. Моја колешка плати 120 евра казна за симнати филмови од торент страници. Казната беше 800 евра, но со помош на адвокат и фактот дека и беше прв прекршок помина со казна од 120 евра – пишува една Македонка на форумот.

Со слични ситуации се соочуваат и луѓе од земјите од регионот, каде што оваа проблематика исто така не е регулирана и не подлежи на санкции. Хрватскиот портал дневник.хр го објави искуството на 33-годишната Ивана која живее во Берлин. Неа гледањето на филмот „Полноќ во Париз“ на Вуди Ален ја чинел повеќе од 1.000 евра.

- Од торент пред неколку години го симнав филмот и брзо после тоа се шокирав кога добив писмо од „Универзал пикчрс“ и нивниот адвокат во Минхен во кое беше наведено дека морам да платам 1.050 евра поради кршење на авторските права – раскажа Ивана за дневник.хр.

Од Македонски телеком за Факултети.мк објаснуваат дека немаат никаква обврска за контрола на содржините кои корисниците ги симнуваат од интернет, како и дека во моментов Македонија нема законска регулација на оваа проблематика. На прашањето дали операторите може дополнително да им наплатат на корисниците ако симнуваат содржиниод пиратски сајтови, од Македонски телеком даваат негативен одговор.

- Операторите имаат право да им наплаќаат на своите корисници за интернет сообраќајот согласно избраниот тарифен модел. Секое плаќање за било какви услуги добиени преку интернет од трети страни е независно од операторот кој ја обезбедува интернет услугата – велат од Македонски телеком.

Слична е ситуацијата и кај другите македонски оператори, односно никој од нив не контролира што и од каде симнуваат корисниците бидејќи немаат такво овластување, ниту пак законска обврска. Единствено контролираат дали корисниците ќе потрошат толку интернет за колку што имаат склучено договор.

И во земјите од регионот ситуацијата е иста како во Македонија. И таму интернет-операторите не контролираат што и од каде симнуваат нивните корисници, ниту пак им наплаќаат нешто дополнително ако симнувале филмови или серии од пиратски сајтови.

Светската компанија која се занимава со изработка на решенија за заштита на авторски содржини на интернет МУСО неодамна направи анализа на податоците од 14.000 најголеми интернет-страници кои нудат пиратски содржини. Анализата се однесува на жителите на земјите-членки на ЕУ. Според оваа анализа, првото место на интернет-корисници кои посетуваат пиратски сајтови го држи Латвија со 46 отсто. На второ место и трето место се Бугарија и Литванија, додека на четвртото место се наоѓа Хрватска.
Подготвил: Д.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија