X
 24.11.2016 Култура

Интервју со актерката Стефанија Зисовска: Во Еквадор нема вработени актери, никој не си лежи 20 години со сигурна плата

Овде секој може да биде тоа што е, во секоја смисла на зборот. Природата е неверојатно убава, луѓето се интересни, има развиена театарска уметност и продукција. Има бесплатно здравство. Храната е евтина и природна. Патиштата се нови и безбедни. Образованието е бесплатно



Пред две години младата Стефанија Зисовска, тогаш вработена во Кумановскиот театар, одлучи да замине од својот дом, од својата земја. Македонскиот театар пропушти да задржи една од најдобрите актерски појави кај нас од поновата генерација. Бунтовна, своја, уникатна. Но, љубовта кон театарот не остана дома. Си ја понесе со себе и ја негува во Еквадор. Целосно различниот пејзаж од нашиот, убавата клима, пријатните луѓе ѝ прават да се чувствува како дома, работи вредно на театарски претстави, држи работилници, соработува со театарски студија.

Факултети.мк: Замина од Македонија пред две години. Беше дел од ансамблот на Кумановскиот театар, и тоа водечка актерка од помладите генерации. Што ти помогна најмногу за да ја донесеш одлуката?
- Веќе подолго време се чувствував како да сум во некој кафез или во некое ќоше. Иако го работев тоа што го сакам и е дел од мене, а тоа е актерството, во Македонија не можев да дишам слободно. Во државата е уништена слободата на изразување на уметниците, угнетено е сѐ што говори и размислува со својата сопствена глава. Јас не сакам да бидам дел од таа игра, иако тоа значеше напуштање на моето семејство и на мојата работа.

Факултети.мк: Зошто баш Еквадор? Бараше егзотика, егзил, можеби?
- Го избрав Еквадор затоа што ако веќе решив да си го променам местото на живеење, сакав тоа да биде далеку, безбедно, со тропска клима, со најубавите плажи. Еквадор е земја во која секој може да биде тоа што е, во секоја смисла на зборот. Природата е неверојатно убава, луѓето се интересни, има развиена театарска уметност и продукција. Има бесплатно здравство. Храната е евтина и природна. Патиштата се нови и безбедни. Образованието е бесплатно.

СПРЕМАМ ПРВА УЛОГА НА ШПАНСКИ

Факултети.мк: Каков ти беше процесот на приспособување? Би останала ли подолго време?
- Јас сум човек што многу брзо се приспособува на нови ситуации, места и јазици. Првите неколку месеци само слушав како зборуваат луѓето и не разбирав ништо. Ама сега веќе зборувам совршен шпански, функционирам во сите сфери на животот, без проблем. Секако дека ќе останам подолго. Прифатена сум одлично. Јужна Америка е континент кој треба да се истражи. Овде животот е поинаков. Луѓето се луѓе, топли, полни со љубов и многу отворени за соработка.



Факултети.мк: Не се раздели со твојата професија и театарот. Работиш како асистентка на еден професор таму. Што подготвуваш периодов?
- Веќе пет месеци работам како професор по актерска игра во актерското студио Estudio de Interpretacion Actoral, по покана од професорот по актерска игра Гонзало Гонзало, на Универзитет во Куенка (градот во кој живеам последните шест месеци), во театарот Teatro Casa de la Cultura NUcleo de Azuay држам работилници по актерска игра по методот на Санфорд Мајснер и таму имам други студенти, со искуство, без искуство, од различни возрасти. Во театарот Pumapungo почнав со подготовки на претстава по текст на Дарио Фо, во режија на еден млад режисер и заедно со мене ќе игра еден актер од тука. Тоа е мојата прва улога на шпански јазик. Голем предизвик. Премиерата е закажана за јануари. Исто така, работев како инструктор по глума во еден циркуски проект и во една опера. Во најава имам уште два театарски проекти каде што ќе играм.

Факултети.мк: Каква е театарската уметност во Еквадор? Се разликува ли многу од нашата?
- Театарската уметност во Еквадор е многу поразвиена отколку во Македонија. Има многу театри, национални и приватни. Не постојат вработени актери, така што никој не си лежи 20 години со сигурна плата. Луѓето работат, го сакаат театарот, има многу театарски групи кои работат во независни простори или им се обезбедува сала во некој од големите театри, кои секогаш се многу срдечни и прифаќаат идеи. Во Македонија има неверојатен потенцијал и талент. Има огромен број одлични актери и уметници. Мора да им се даде простор и слобода да се изразат. Мора да се настапи храбро и со отворен ум. Задачата на уметникот е да говори гласно, да критикува, да ја кажува вистината, да шири љубов, да образова и да каже гласно што мисли. Не да се плаши, да се крие, да кодоши, да изневерува другари и да се продава за ситни пари. Актерството е начин на живот и мисија, не канцелариска зачмаена и здодевна професија.

ЖИВЕАМ НА 2.500 МЕТРИ НАДМОРСКА ВИСОЧИНА

Факултети.мк: Што те возбудува најмногу во новата средина, а е сосема различно од македонскиот пејзаж?
-Нешто што овде ме прави многу среќна се преубавите плажи. Водопадите, џунглите, исто така. Многу сакам да шетам во природа. Еквадор има неверојатно пријатна клима. Нема зима. Има огромен избор на тропски овошја. Едно од омилените доживувања ми е сезоната на китови. Тоа е фасцинантна глетка. Има и делфини што се гледаат од брегот. За разлика од животот на плажа, во град моите омилени работи се: театарот, се разбира и многуте околни места каде што има џунгла, водопади, дрвја од евкалиптус, мајмуни и многу видови птици. Има и вулкани. Градот во кој живеам сега е на 2.500 метри надморска височина. Има четири реки што поминуваат низ градот, многу паркови, музеи и театри. И сѐ е зелено.



Факултети.мк: Ти недостига Македонија? Кумановскиот театар, можеби?
- Ми недостигаат моите родители и Бисера. Моите другари. Моите мачки. Блиските луѓе.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура