Лидерите на двете најголеми парламентарни групи во Европскиот парламент ја повикаа Европската унија на запирање на пристапните преговори со Турција заради чистките кои ги спроведува претседателот Реџеп Таип Ердоган после неуспешниот обид за пуч во земјата, јавува Ројтерс.
„Нашата порака до Турција е многу јасна: пристапните преговори би требало веднаш да се замрзнат“, истакна Мартин Вебер, лидерот на Европската народна партија што има најголем број пратеници во Европскиот парламент.
Лидерот на втората најголема група, на социјалистите и демократите, Џани Питела, ја повтори истата реченица: „Сакаме да се замрзнат пристапните преговори.“
„Турција под Ергоган сè повеќе и повеќе се лизга кон автократски режим“, рече Питела.
„Нашата политичка порака кон Турција е дека за човековите права, граѓанските права и за демократија не може да се преговара, ако сакате да станете членка на ЕУ.“
Ердоган претходно изјави дека ЕУ ќе мора „да живее со последиците“ ако одлучи да ги прекине преговорите, и дека Турција би можела да се придружи кон безбедносниот сојуз на Русија и Кина. Најави и дека следната година ќе организира референдум на кој граѓаните на Турција ќе се изјаснат во врска со пристапувањето кон Европската унија.
Германија, Франција и повеќето членки на ЕУ го поддржуваат продолжувањето на преговорите, од страв дека Турција ќе ја прекине соработката со ЕУ околу згрижувањето на бегалците. Но, сите членки потенцираат дека преговорите ќе бидат прекинати доколку Турција повторно ја воведе смртната казна.