X
 06.12.2016 Образование

Градинките во Германија со „македонски“ листи на чекање за упис

Иако долго се чека за запишување на дете во германска градинка, сепак таму не помагаат никакви „врски“ за да се скрати времето на чекање.
 
Поттикнување на самостојноста при сите секојдневни активности на децата, многу играње на отворено и во најстудените зимски денови и прецизно испланиран ден, се главните карактеристики на градинките во Германија. Во разговор со Македонци кои живеат во Германија се обидовме да дознаеме кои се позитивните, а кои негативните страни на германските градинки и да ги споредиме со македонските.



Првото нешто што е многу слично со дел од градинките во Македонија е долгото чекање за упис. Разликата е во тоа што во Германија не помагаат никакви „врски“ при уписите. Односно, целосно се запазува редоследот на листата на чекање. Скопјанката Анета Рангелов, која со сопругот и трииполгодишниот син веќе 2,5 години живее во Минхен, вели дека место за во градинка се чека навистина многу долго. За запишување на синот во градинка чекале речиси една година. Децата се пријавуваат преку интернет и постои заеднички систем во кој може да се најдат сите градинки кои имаат слободни места, во кои постои листа на чекање и слични податоци.

- Најчесто во мај стигаат писма со кои родителите се известуваат дали детето е примено во градинка или не. На пример, нас ни стигна писмо од една градинка дека сме одбиени и во писмото пишуваше ако не најдеме место до јуни да ги известиме и тие по службена должност ќе бараат место во другите нивни градинки – раскажува Анета. 

Изборот на градинки во Германија е различен. Постојат државни градинки кои се во надлежност на градската управа која и ги финансира, има приватни кои се прилично поскапи, како и шумски градинки. Секоја од овие градинки е наменета за различна возраст на децата, односно некои имаат само јасли, други згрижуваат само деца постари од 3 години, а има и градинки слични на македонскиот целодневен престој во кои се згрижуваат деца до 10 години кои одат во школо.
Сумата која што се плаќа за државните градинки е различна и зависи од приходот на родителите и бројот на часови кои детето ги поминува во градинка. Приватните се прилично поскапи и чинат од 900 до 1.000 евра месечно.  
 
Објектите во кои се сместени градинките немаат унифициран изглед. Дел се постари градби, некои се сместени во бараки, а има и такви кои се сместени во новоградби. Во принцип, објаснува Анета, сите се шарени, со огромни дворови и игралишта бидејќи децата поминуваат голем дел од времето надвор. Додека се во градинка, децата добиваат три оброци – појадок, ручек и ужинка.

- Сите оброци им се приготвуваат во кујната во градинката и многу се внимава на здрава исхрана. Слатки и чоколади се дозволени само кога некое дете слави роденден. За секое дете родителите дополнително носат специјална облека за дожд и снег бидејќи секој ден најмалку по 1,5 час се надвор, без оглед на временските услови. Во градинка имаат различни активности и целиот ден им е исполнет и испланиран. Бојат, цртаат, учителките им читаат книги, прават фигури со лего коцки, прават возови и автомобили од картонски кутии и сл. Честопати ги носат на екскурзии во зоолошка градина, ботанички градини, домови за стари лица, полициски станици или ги шетаат до околните паркови. Задолжително секој родител добива извештај за сѐ што правеле децата во градинка, а од одговорните добиваме информации и оценки за секој аспект од неговиот развој, за степенот на социјализација, владеењето на јазикот, спортот, активностите, послушноста – вели Анета. 

Во градинките во Германија една учителка се грижи и е одговорна за шест деца најмногу. Децата се примаат до 8:30 часот, кога имаат појадок. По појадокот ги мијат забите и рацете и сите помагаат да се расчистат масите од остатоците од храна и садовите. Во 9:30 часот се собираат, седнуваат во круг и имаат тема на која разговараат. Веќе од 9:45 до 11:30 им е време за играње кое го поминуваат надвор или пак комбинирано, по што се враќаат во објектот, ручаат и спијат околу 12 или 12:30. Поголемите деца кои што не спијат во градинка имаат други, тивки активности, па во 14 часот кога стануваат помалечките повторно заедно си играат додека не ги земат родителите. Најголемиот дел од градинките работат до 17 часот, а во петок затвораат порано, односно во 16:30 часот.



- Mи падна во очи дека учителките коишто излегуваат на пауза да пушат, излегуваат од дворот на градинката и одат дури преку улица за да не се ни во близина на дворот на градинката – вели Анета. 

Еднаш неделно децата имаат спортски активности во сала, а во петок секое дете носи некоја играчка од дома за да ја подели со другарчињата и за да си играат заедно. Родендените ги слават за време на ужинката. Децата на славеникот му пејат роденденска песна, на славеникот му прават круна и добива некаков ситен подарок како автомобилче, сложувалка или книга, во зависност од тоа со што најмногу сака да си игра детето.

Како најпозитивни работи кај германските градинки, Анета ги издвојува скалестото плаќање, многубројните активности на отворено, како и постојаното поттикнување на самостојност.

- Навистина е фер што сумата за градинката зависи од примањата на родителите. Многубројните активности на отворено, како и односот на учителите кон децата придонесуваат тие да станат многу посамостојни и поодговорни. Особено ми се допаѓа деталниот извештај што го добиваме како родители за однесувањето и развојот на детето во секој сегмент – вели таа.
Сепак во овој систем има и некои работи кои што не ѝ се допаѓаат.

- Учителките се многу ладни и воздржани кон децата, што за нас како Балканци не е многу прифатливо. Понекогаш ми е жал за децата што сѐ мора да прават сами и дури кога ќе згрешат нешто, учителките не им помагаат за да им покажат како треба. На пример, погрешно ќе ги облечат патиките или наопаку ќе си ги облечат алиштата и така ги оставаат да го преседат целиот ден – вели Анета.
Подготвил: Д.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование