X
 11.12.2016 Живот

Килограмите чоколади заменете ги со скромна играчка, претстава, кошничка со омиленото овошје

-На своето дете дозволувајте му да ужива во слатките вкусови, но да биде избалансирано. Со малку креативност може новогодишните подарочиња да изгледаат привлечно. Важен е начинот на кој се претставува храната – смета нутриционистката Елена Чороловска


Новогодишните и божиќните празници се знак на радост, на славје, секој на свој посебен посакуван начин. Неретко се знак и на претерување. Доколку имате деца, дали секој јануари не ви се случува истата слика, десетици и десетици чоколади, грицки, соленки, наоколу елката, а како ќе ја раскитите, и по вашите шкафчиња? Тоа е редовна слика за повеќето наши домови, а нашата култура на подарувањето кон децата упорно подразбира огромна количина шеќери, на која ниту децата не се радуваат.
Децата се радуваат на подароци, а понекогаш возрасните сме неинвентивни во осмислувањето на најсоодветните подароци во зимските празници. Можеби наједноставно е да се влезе во првиот супермаркет и да се земе новогодишно пакетче полно слатки задоволства. Зарем задоволство не може да биде детето да се однесе на интересно патување или на пикник, или, секој според буџетот, пакетче со омиленото овошје, можеби или пак, да му се купи некоја скромна играчка, оти веќе и без тоа имаат од сите играчки по неколку примерока?

 -Како мајка на две деца, секоја година се соочувам со сличен проблем, а тоа е количината чоколади и грицки што децата ги собираат за време на новогодишните празници. По 2-3 килограми само чоколади се собираат во нашиот дом, од кои не можеме да се ослободиме со месеци. Тоа ме наведува да размислам, каква култура имаме, зошто мораме да го форсираме благото како единствен начин за почестување на децата, зарем тоа е само знак на радоста и на подарувањето? А уште повеќе, што на секое ново пакетче што ќе пристигне дома, забележувам дека децата не се ни радуваат, ами напротив, почнаа и да реагираат – па сите ни носат пакетчиња! Наместо слатки задоволства, јас почнав да применувам друга тактика, да ги однесам на театарска претстава, на пример, и на тој начин, да ги научам, да ги вреднуваат и нематеријалните работи, а и на нив да се радуваат. Нивната реакција беше одлична – објаснува мајката од Скопје.

УМЕРЕНОСТ ВО КОНСУМАЦИЈАТА

Дури и науката вели дека енормната количина шеќери што децата ги внесуваат во зимските месеци е особено штетна за нив. За таа цел поразговаравме со Елена Чороловска, нутриционистка од Битола. Таа нагласува дека „секој од нас вродено ја поседува привлечноста кон слатките уживања, која прави да се чувствуваме среќни и тоа е сосема нормално, но важно е да се има умереност во консумацијата.“


Елена Чороловска

-Божиќните празници, насмевките на лицата на блиските, ги стоплуваат нашите срца во ладните зимски денови, во тие драги мигови сакаме да ги израдуваме нашите најмали и најмили, со слатки подароци. Проблемот настанува кога детето добива две, три, а можеби и четири килограми  чоколади и слатки, при што лесно настанува нарушување на навиките и доаѓа до дисбаланс на метаболизмот. Заради тоа, треба да се знае дека чоколадите спаѓаат во групата на храна со низок индекс на ситост, односно храна после чие консумирање, личноста чувствува потреба за дополнителна храна. На пример, кроасанот има 47%, колач има 65%, крофната - 68%, чоколадото - 70% индекс на ситост. (Белиот леб е земен како референтна вредност , чиј индекс на ситост изразува 100%) – објаснува Чороловска.

Таа објаснува дека составот на чоколадите се темели на висок удел на шеќери, заситени масни киселини и енергија.
-Брзата согорувачка енергија, која во мали количини лесно се искористува, но при ваков интензивен внес на слатки и чоколади, не може да се согори и се складира како депо од масти во нашиот организам, што претставува ризик за појава на прекумерна телесна тежина и води до појава на хронични болести, како кардиоваскуларни заболувања, дијабетес, итн. Тоа би било причина за секој здравствен проблем на личноста во иднина, бидејќи како што кажал Хипократ, најпознатиот антички лекар и татко на медицната – „Ние сме тоа што го јадеме". Сѐ што внесуваме низ уста, влијае врз нас, на позитивен или негативен начин – додава нутриционистката.

НЕ ЗАБРАНУВАЈТЕ ШЕЌЕРНИ ЗАДОВОЛСТВА

Чорочовска не е застапник на ригорозните ограничувања, таа не вели дека на децата треба целосно да им се забранат шеќерните задоволства, зашто „колку повеќе му забранувате одредена храна, толку повеќе расте нивната желба за неа“.

- И не само тоа. Во таков случај се зголемува и веројатноста вашето малечко да се прејаде кога ќе му стане достапно „забранетото овошје“ на роденденските забави кај другарчињата или додека е на гости. Како соодветната замена би била украсена кошница полна со разновидни овошки, кои спаѓаат во категоријата на храна со висок индекс на ситост. На пример,  банана 112%, грозје 162%, јаболко 328%, орев 445% индекс на ситост. Тие изобилуваат со потребниот дневен внес на јаглени хидрати, витамини, минерали, растителни влакна кои го обезбедуваат основниот извор на енергија (глукоза), која придонесува за правилна работа на органите, особено за градење на коскено ткиво уште од најмала возраст – смета Чороловска.

Таа ги советува родителите, да ја применуваат стратегијата 90/10, осносно 90 отсто здрава храна, 10 отсто храна за забава.
-На своето дете дозволувајте му да ужива во слатките вкусови, но да биде избалансирано. Со малку креативност може новогодишните подарочиња да изгледаат привлечно. Важен е начинот на кој се претставува храната. Секој организам, вклучувајќи го и детскиот има систем за саморегулација. Детето самото ќе знае кога е гладно и ќе побара да јаде. Тогаш сервирајте му здрав и балансиран оброк, но не затоа што така треба, туку затоа што здравата храна е дел од вашиот живот на целото семејство. Во секој случај, не мора со храна да се трудиме да ги усреќуваме, секогаш постои опција да се одведе детето на театарска претстава или да се подари скромна играчка – вели нутриционистката Чороловска.

Затоа, кога годинава ќе посетите некое детенце, обидете се да бидете пооригинални во подарокот, можеби ќе изнудите поголемо задоволство и насмевка на лицето на најсаканите.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот