X
 17.12.2016 Култура

Пети Смит напиша прекрасен есеј за својот настап на церемонијата за Нобеловите награди во Стокхолм


Црно-бела фотографија од Пети Смит

Големата Пети Смит за The New Yorker напиша осврт за својот настап на свеченото доделување на Нобеловите награди, каде што изведе песна во чест на Боб Дилан, овогодишниот добитник на Нобеловата награда за книжевност.

Овој е нејзиниот есеј во целост.

„Се родив во Чикаго, на 30 декември 1946 година, среде снежна виулица. Мојот татко морал да му помага на возачот на таксито да се пробие во снегот. Низ отворениот прозорец од таксито внимавал што се случува на патот, додека мојата мајка трпела породилни болки.

Сум била ситно новороденче, па мојот татко својски се трудел да ме одржи во живот, држејќи ме над када со врела вода за полесно да дишам. Ќе мислам на нив на сцената во Ривер Театарот во Чикаго, на својот 70 роденден.

И покрај емоционалната, напната атмосфера што ги следеше претседателските избори, се обидував, во текот на декември, да се занимавам со позитивни работи, да се подготвувам за пречекот на Нова година и да се грижам за семејството. Но, знаев дека пред да настапам во Чикаго, ме чека уште еден важен настап во 2016 година.

Се уплашив кога чув дека Дилан е добитникот

Имено, во септември ме замолија да настапам на свеченото доделување на Нобеловата награда за да му оддадам признание на добитникот на Нобел за книжевност, чие име сè уште не беше познато. Тој настап значеше дека ќе поминам неколку дена во Стокхолм, во прекрасен хотел со величествен поглед на градот. Тоа беше чесна прилика да се блесне, да се контемплира и да се пишува. Одбрав една од моите песни што ми се чинеше погодна за изведба со оркестар.

Но, кога се објави дека наградата ја доби Боб Дилан и дека тој ја прифатил, идејата да изведам своја песна веќе не ми изгледаше како добра. Се најдов во неочекувана ситуација и ме обзедоа противречни чувства.

Дали сум способна за таа задача? Дали Боб Дилан, човекот кој никогаш не би сакала да го разочарам, би бил задоволен од мојот настап? Бидејќи се обврзав дека ќе настапам, после долго размислување ја избрав A Hard Rain´s A-Gonna Fall, песна што ја сакам уште од тинејџерските години и омилената песна на мојот, сега веќе покоен, сопруг.

Мислев дека сум подготвена за тоа што ме очекува

Оттогаш во секој свој слободен момент ја вежбав таа песна, за да бидам сигурна дека го знам секој стих и да можам да ја уверам и публиката во значењето на секој поединечен стих. Со оглед што и самата имам синоок син, со големо задоволство и одлучност си ја пеев песната во оригинален тоналитет. Си наумив да ја изведам точно онака како што е напишана, но и онака како што им одговара на моите способности. Си купив нов костим и ја скратив косата. Се чувствував подготвена.

На денот на доделување на наградите, се разбудив помалку анксиозна. Истураше дожд што не запираше. Додека се облекував, поминав низ песната прилично сигурно.  Во лобито од хотелот сретнав една прекрасна Јапонка во традиционална облека – извезено долго кимоно со крем боја и сандали. Косата ѝ беше совршено измазнета.

Ми кажа дека е во Стокхолм за да му оддаде почест на својот шеф, добитникот на Нобеловата награда за медицина, но забележа дека времето не е на нејзина страна. ‘Изгледаш прекрасно’, ѝ реков, не постои дожд или ветер што може да го промени тоа. Додека стигнав до концертната сала, почна да снежи. Пробата со оркестарот помина совршено. Имав сопствена гардероба со клавир, ме послужија со чај и топла супа. Ми беше јасно дека луѓето се радуваат на мојот настап. Сè беше пред мене.

Мајка ми ми го купи мојот прв албум од Дилан

Размислував за мојата мајка која ми го купи мојот прв албум од Дилан кога уште немав полни 16 години. Бил на акција и го купила од својот бакшиш. ‘Некако ми изгледаше дека ќе ти се допадне’, ми рече таа.

Постојано го вртев тој албум, а омилена песна ми беше A Hard Rain´s A-Gonna Fall. Помислив дека без оглед што не живеам во ерата на Артур Рембо, живеам во времето на Боб Дилан. Се сетив и на мојот покоен сопруг и на нашите заеднички настапи на кои ја изведувавме таа песна.

И тогаш одеднаш дојде времето на мојот настап. Оркестарот беше распореден на балконот надгледувајќи ја сцената на која седеа кралот, кралското семејство и лауреатите. Вечерта течеше по планот. Седејќи таму, размислував за досегашните лауреати кои се упатувале кон кралот за да ги примат своите награди. Херман Хесе, Томас Ман, Албер Ками.

Кога беше објавено дека Боб Дилан е овогодишниот добитник на наградата, почувствував дека срцето почна забрзано да ми работи. Откако беше прочитан трогателен говор посветен на него, го чув моето име и станав. Како во бајка, стоев пред шведскиот крал и кралицата и пред некои од најголемите умови на светот, вооружена со песна во која секој стих беше проткаен со искуството и еклектиката на поетот што ги исковал.

Ме совладаа емоциите и морав да прекинам

После воведните ноти се чув самата себе како пеам. Мојот прв стих беше просечен, помалку несигурен, но бев сигурна дека ќе се смирам. Наместо тоа, бев прегазена од лавина емоции и тоа со толкав интензитет што не бев веќе во состојба да се носам со нив. Со крајот на окото ја видов големата телевизиска камера, сите достоинственици и луѓето зад неа. Ненавикната на толкава нервоза, не можев да продолжам. Не ги заборавив стиховите, кои сега се веќе дел од мене. Едноставно не можев да ги изразам.

Тоа чудно чувство ниту го намалуваше својот интензитет ниту исчезнуваше, туку остануваше сурово залепено за мене. Бев присилена да запрам, да се извинам и да се обидам уште еднаш, без оглед на состојбата - да пеам со цело свое битие и натаму борејќи се со ситуацијата.

Бев и тоа како свесна за почетокот на песната што почнува со стихот I stumbled alongside of twelve misty mountains, а завршува со стихот And I´ll know my song well before I start singing. Седнувајќи, ги почувствував истовремено понижувачката болка на неуспехот и чудното спознание дека некако сум влегла и вистински сум живеела во светот на песната.

Луѓето се поврзаа со мојот неуспех

Подоцна, на приемот, седев наспроти американската амбасадорка – прекрасна, елоквентна Американка со ирански корени. Таа требаше да го прочита писмото од Дилан при крајот на приемот. Читаше беспрекорно и не можев да избегам од впечатокот дека во неговото крило стојат две силни жени. Една која потклекна и друга која не го направи тоа, а и натаму заедничка мисија и на двете беше да го величаат неговото дело.

Кога се разбудив следното утро, паѓаше снег. Во собата за појадок ме поздравија многу нобеловци. Покажаа сочувство за мојата многу очигледна борба. Ми рекоа дека добро сум ја одработила задачата. Би сакала да бев подобра, им реков. ‘Не, не’, ми одговорија, ‘никој од нас не би го сакал тоа. Вашата изведба, ние ја доживеавме како метафора на нашите сопствени борби.’

Зборовите со пофалби продолжија и во текот на денот, па се помирив со повисоката вистина за својата должност. Зошто ја создаваме своја уметност? Зошто настапуваме? Го работиме тоа, пред сè, заради забава и трансформација на луѓето. Сè што работиме, работиме за луѓето. Песната не бараше ништо. Авторот на песната не бараше ништо. Па, зошто јас би требала да барам нешто?

И неуспехот е важен дел од животот

Кога почина мојот сопруг Фред, татко ми ми рече дека времето не ги лечи нашите рани туку само ни дава алатки да се носиме со нив. Сфатив дека тоа е точно и кај најголемите и кај најмалите проблеми. Гледајќи кон иднината, сигурна сум дека неуспесите нема да исчезнат, и дека сите и натаму треба да внимаваме.

Годината се ближи кон крајот, на 30 декември ќе ја изведам песната Horses со својот бенд, синот и ќерката, во родниот град. И сè што сум  видела и искусила ќе биде во мене, а жалењето кое толку ме погоди ќе се измеша со сите останати мигови. 70 години мигови, 70 години човечко постоење.“  


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура