X
 18.12.2016 Живот

Читателите одговорија на анкетата: Итна гасификација на Македонија и многу зеленило против загадениот воздух

Дрвца на секое ќоше, задолжителни филтри во фабриките, систем пар/непар за автомобилите и воведување велосипеди како приритетно средство за транспорт. Воведување на трамваи, тролејбуси и изградба на метро, контрола и казни за типот на гориво и огрев што се користи за греење, стоп за прекумереното сечење дрва и непланските градби. Набавка на што повеќе паноа со мов во градовите.



Ова се само дел од предлозите на нашите читатели како одговор на анкетата за загадениот воздух и дали треба нашите пари од кои се полни буџетот да се купат прочистувачи на воздухот во најзагрозените подрачја. Има и песимистички решенија на проблемот, како: „Да се напушти државата!“.

На анкетата одговорија вкупно 970 читатели. Ова се сумираните резултати, а подолу пренесуваме и некои интересни идеи на нашата публика.

Вкупно 79 отсто редовно ја следат состојбата со загадувањето на воздухот во Скопје и во останатите градови во Македонија, а 95.1 отсто од вкупните одговори се информирани дека Скопје, Тетово и Битола се на листата на најзагадените градови во светот. Иако во Скопје веќе почнаа да се одржуваат протести против енормното загадување, а одзивот беше многу мал, ние добивме 68 отсто потврдни одговори дека би излегле јавно да го покажат своето незадоволство од актуелната состојба. Повеќе од половина испитаници (56.7 отсто) сметаат дека властите не се засегнати од ситуацијата, бидејќи ако биле, до сега ќе стореле нешто. Од вкупниот број одговори 32.3 отсто сметаат дека можеби се засегнати, но загадениот воздух не им е приоритет, а останатите (11 отсто) мислат дека властите се грижат, но не знаат што да направат.



Скоро изедначени се процентите дека воздухот го загадуваат и индустриските објекти (фабриките), и автомобилите, и системите за греење и употребата на секакви материјали, и сечењето на дрвјата и зеленилото и изградбата на нови објекти во градовите без конкретни урбанистички планови.

Скоро сите (97 отсто) читатели сметаат дека загадениот воздух е причина за зачестена појава на карциномни болести, а 95.4 осто се согласуваат дека власта, на која народот и доверил да располага со јавните пари, е должна да им обезбеди на граѓаните чист воздух за дишење.

На прашањето дали се согласувате со вашите пари од кои се полни буџетот на Р. Македонија да се набават машини кои ќе го прочистуваат воздухот во најзагадените градови, потврдно одговорија 89.4 отсто од испитаниците, 5.7 отсто не се согласуваат, додека 4.9 осто одговорија дека не знаат.

- Да престанат да се сечат дрвја, да се постават филтри на сите фабрики, да се користи чиста обновлива енергија и строго да се ограничи употребата на моторни возила.

- Јавно греење, пар/непар возење, и дај бе не давајте градежни дозволи за секое парче јавна површина, срамота е тоа колку сте алчни за пари.

- Побрзо воведување на гасоводот и забрана за употреба на секакви други матерјали (дрво, јаглен, гума итн, пелети - не знам кој ве лажеше дека се поеколошки?!).

- Подобрување на јавниот транспорт, изградба на велосипедски патеки, повеќе паркови и зеленила.

- Ограничување во однос на стандардите на возилата кој може да вози во централното градско подрачје, гасификација на Скопје и цела Македонија, пошумување со конкретен план од паркови и зеленила во и околу Скопје, контролирање на дрвосечата во околината на Скопје особено планините што гравитираат во Скопската околина, Водно, СЦГ, Китка, Жеден.

- Да се вратат парковите (белите дробови) во Тетово, да се регулира сообраќајот, да се постават филтри на индустриските објекти.

- Да не се користат автомобили секојдневно туку да се користи јавниот превоз, но тука власта не е крива туку самиот народ кој за жал не може да сфати дека не е возењето во автобус одраз на немаштија. Возење велосипед, но со маска за заштита од аерозагадување. Обавезно ставање филтри во фабриките близу/во градовите. Но и тоа ете нема да се случи бидејќи профитот ќе им се намали, кој всушност е и побитен од човечкиот живот. Горење само на дрва и никаков друг материјал.

- Треба да им се допушти на урбанистите да си ја работат работата и да им се имплементираат проектите за одржливо планирање и развој, бидејќи со јавниот транспорт и планиран раст на градот може многу да се придонесе за почист воздух. Укинување на колскиот сообраќај во некој дел од градот и промовирање на други транспортни возила. Во принцип во Скопје не планираното и слободоволно градење е најголем проблем.

- Енергија на обновливи извори, да се затворат дивите депонии и контролирано да се одлага отпадот-рециклирање, електрични автомобили, садење повеќе дрвја во цетралните градски подрачја, филтри на фабриките, кружни текови наместо семафори.

- Да се намали бројот на автомобили, да се зголеми употребата на јавниот превоз, употреба на велосипеди, одење пеш доколку има можност, гасификација на градовите, урбанистички планови за градба, наместо зграда да никне некој парк/зеленило.

- Да се реши јавниот превоз со алтернативни решенија, да се подигне свеста на луѓето да се возат со велосипеди, како што е насекаде во светот, да се дислоцираат поголемите фабрики и да посакаме да бидеме како сите во светот, што се грижат за своето, да станеме едно во се што ќе наумиме да направиме за наше добро!

- Големите градови како Сингапур веќе го имаат одговорот. Повеќе зеленило секаде, и многу важно - гасовод за греење на сите домови во зима и забрана за внес во државата стари неисправни возила. Подолготочно и зголемувањето на стандардот на народот дирекно придонесува, да можат да си дозволат нормално греење, нормални возила (Тесла) итн.

- Мојата сопруга е болна од Канцер. Онколозите и препорачуваат да дише воздух, полн со кислород. Живееме во центар на Скопје, каде воздухот е повеќекратно загаден. Докажано е дека тревата ги впива штетните материи од воздухот. Но нема веќе поголеми површини за нејзино садење. Следно решение, насекаде да се засадат зимзелени дрва. Да се забрани греење со мазут и прегорено моторно масло, греење со пластични шишиња и остатоци од лакиран мебел. Да се стопираат сите возила кои користат дизел гориво. Гасовите од дизел горивото се покажаа како висококанцерогени. Но никогаш нема да ја поправиме големата грешка со висококатниците во Скопје, кои го запираат провевот кој секоја вечер се спушта од Водно и Шара.

- Во Мексико Сити има зграда чија фасада го прочистува воздухот, изградба на неколку вакви згради би помогнало. Во Лондон и многу други големи градови сообраќајот во центарот на градот се наплаќа со што се намалува употребата на автомобили и се промовира употребата на јавен превоз. Што доведува до намалување на емисија на штетни гасови. Во сите поразвиени земји има забрана за користење на возила кои користат дизел горива и немаат соодветен еко мотор. Нашата држава би требало да ја имплементира оваа мерка. Би требало да се постават соодветни филтри на сите фабрики кои испуштаат штетни гасови. За крај, треба да се грееме на гас, бидејки реално тоа е најеколошкото решение. Искрено мислам дека прочистувачи на воздух нема да го имаат посакуваниот ефект. Бидејќи, самостојно би требало да има премногу голем број за да вистински се прочисти воздухот.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот