X
 20.12.2016 Здравје

Овие градови ќе забранат употреба на дизел гориво до 2025 година


Ако возите автомобил на дизел гориво, треба да знаете дека четири големи градови ќе забранат влез на такви возила.

Автомобили во колона

И покрај тврдењата на производителите дека најновите автомобили на дизел гориво се еколошки почисти од кога било, властите во неколку најголеми градови во светот веќе планираат да ги забранат, со цел да го намалат загадувањето на воздухот.

Париз, Мадрид, Мексико Сити и Атина се цврсти во одлуката да ги забранат „дизелашите“ до 2025 и да даваат парични субвенции за употреба на автомобили што возат на струја или водород, а дополнително да го промовираат велосипедизмот и пешачењето.

На кампањата во Лондон се придужија и лекари кои на уличните протести истакнаа дека околу 9.400 жители на главниот град годишно умираат од последици поврзани со дишење на нечист воздух. Дизел моторите придонесуваат за таа црна статистика на два начини - со производство на таканаречените суспендирани честички (ПМ 10), толку ситни што можат да се провлечат длабоко во белите дробови и да предизвикаат сериозни последици по здравјето, како и со емисија на штетните азотни оксиди.

Но, без оглед што овие возила, гледано од локален аспект, се значителни загадувачи, нивната употреба долго време е во пораст, не само од економски причини (помала потрошувачка) туку и заради тоа што производителите ги форсираа поради помалата емисија на јаглероден диоксид, кој е значаен предизвикувач на климатските промени, пишува Политика.

Најавената забрана за дизел возилата би требало да биде пример и за другите големи  градови во светот кои се соочуваат со проблемот со загадениот воздух, но од друга страна, и опомена за автомобилската индустрија. Поранешните искуства покажуваат дека произодителите кои не ги следеле изменетите прописи и еколошките политики, редовно го губеле својот пазар.

И додека Мексико Сити, што мака мачи и со сообраќајните гужви, се обидува жителите да ги пренасочи на употреба на јавен превоз, подземна железница, и инвестира во градење велосипедски патеки, другите градови од оваа четворка веќе преземаа конкретни чекори.

Па така, во Париз е забранет влезот на сите возила што се произведени пред 1997 година, со тоа што во наредниот период старосната граница ќе биде уште построга. Освен тоа, една од најголемите париски авении - Шанзелизе, ќе биде затворена за сообраќај еднаш месечно, а во пешачка зона е претворена и три километри долгата улица долж десниот брег на Сена. 

Светската здравствена организација процени дека околу три милиони смртни случаи ширум светот на годишно ниво се предизвикани од изложеност на аерозагадување.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје