X
 20.12.2016 Живот

Прочуениот африкански диктатор не го признава поразот на изборите во Гамбија!


Дополнително, тврди дека лечи неплодност и СИДА...

Африканскиот дитатор од Гамбија

Пред повеќе од две седмици, Јахја Џаме, претседателот на Гамбија, кој автократски владее со земјата последните 22 години, ја изненадил цела Африка кога го признал поразот на изборите. Тој дури и му честитал на победникот Адам Бероу, што е прилично неочекуван потег за диктатор кој еднаш тврдел дека доколку било потребно, ќе добиел „мандат од милијарда години“.


Бероу на изборите освоил 45,5 проценти од гласовите, а Џаме 36,7 отсто. Тогаш во телевизиско соопштение изјавил дека изборите во Гамбија биле „најтранспарентни во светот“ и дека нема да ги негира резултатите, а Бероу ветил дека земјата најдоцна до јануари ќе биде во негови раце. Но, оттогаш работите драстично се промениле.



Сепак се премислил

Една недела подоцна, Џаме сепак се премислил. На истата телевизија на која му честитал на победникот, издал соопштение во кое ги негира резултатите од одржаните избори. „По темелната истрага, одлучив да ги отфрлам резултатите од изборите заради сериозни и неприфатливи абнормалности во изборниот процес. Препорачувам нови и транспарентни избори кои ќе ги спроведе независна и богобојазлива изборна комисија“, истакнал тој.

Оваа драстична промена на мислењето најверојатно има некаква врска со изјавата на лидерот на победничката коалиција каде тој потврди дека  по предавањето на власта, на Џаме ќе му се суди за злосторствата направени во време на неговото владеење.

Притисок од меѓународната заедница

Оттогаш расте притисокот кон Џаме да отстапи. Веднаш по излегувањето на војската по улиците, американскиот амвасадор во Банјулу ја повикал војската да го почитува владеењето на правото и резултатот од претседателските избори. „Народот во Гамбија донесе јасна одлука дека сака промени и нов почеток“, порачале од амбасадата.

Овој став на американската амбасада, очигледно не го премисли Џаме. Неколку дена подоцна, за ситуацијата во Гамбија реферирал и претставникот на ОН за западна Африка, кој истакнал дека ова е крајот за Џаме, и доколку не дојде до промена на власта во јануари, земјата ќе се соочи со сериозни санкции. Повици до него за отстапување стигаат и од граѓански организации и разни меѓународни институции, речиси секојдневно.

„Професор-доктор освојувач на реки“ кој лекува СИДА

Џаме е роден во 1965, а на власт стапил во 1994 како 29-годишен полковник. До овогодишниот пораз, победувал на четири последователни, номинално демократски избори. После последната изборна побда во 2011, регионалното тело Economic Community of West African States, одбило да му ја честита победата, изјавувајќи дека гласачите и опозицијата биле преплашени со закани и репресија.

Недоволно е да се каже дека Џаме е ексцентрик. Неговата службена титула во Гамбија гласи  „Неговото височество Шеик Професор-доктор Бабили Манса“ каде Бабили Манса се преведува со „освојувач на реки“. Себеси се претставува како побожен муслиман со чудотворна моќ. Пред десетина години настапил со бизарно тврдење дека поседува формула за растителен лек за СИДА, со што ја згрозил научната јавност. Подоцна тврдел дека може да лекува и неплодност.

Егзекуции и обезглавувања

Џаме е познат и по речиси патолошката хомофобија. Тој изјавувал дека хомосексуалците треба да се истребат и поради тоа им се заканувал со обезглавување. Во своето обраќање во ОН во 2014, рекол дека хомосексуалноста е манифестација што е лоша, анти-човечка и анти-божја, а се промовира како човеково право од страна на некои сили.

Исто така, тој е познат и по репресијата кон медиумите и опозициските партии. Гамбиската влада била под интензивни меѓународни притисоци заради неразјаснетото убиство на уредникот на весникот The Point, Дејде Хајдаре, во 2004. Во интервју за BBC, на прашањето за тој случај Џаме кажал дека во Гамбија и други луѓе починале и дека не знае зошто Хајдаре би требало да се издвои.

Пред три години, за време на муслиманскиот фестивал Еид, Џаме прогласил крај на мораториумот на смртната казна и сите затвореници што биле осудени со смртна казна, по кратка постапка биле егзекутирани, вклучително и истакнати опозициски водачи.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот