Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, во неколку наврати ја обвини Кина за кражба на интелектуалната сопственост.
САД повторно го ставија веб сајтот на кинескиот гигант за електронска трговија „
Алибаба“ на црната листа на платформи озлогласени заради продажба на фалсификувана роба и кршење на правата на интелектуална сопственост. Канцеларијата на американското трговско претставништво, пред четири години ја отстрани „Алибаба“ од
црната листа, но сега повторно сметаат дека компанијата не прави доволно за спречување на продажбата на фалсификувана роба.
Вклучувањето на црната листа не подразбира никаква казна, но сепак, се работи за удар на угледот на „Алибаба“, бидејќи компанијата се бори да го подобри имиџот и да ја зголеми меѓународната продажба. Од најголемата кинеска онлајн трговска компанија соопштиле дека се разочарани заради оваа одлука и истакнуваат дека работат на подобра контрола на робата која се нуди на нивните платформи. Според нив, само во 2016 година дуплиран е бројот на отстранети фалсификати во споредба со 2015 година. Од компанијата исто така, сметаат дека на ваквата одлука многу влијаела моменталната политичка клима во САД.
„Алибаба“ и интернет страницата веќе подолго време се обвинуваат како платформи за продажба на фалсификувана роба. Во мај годинава беа и суспендирани од Меѓународниот сојуз за контрола на фалсификати.