X
 24.12.2016 Култура

Прво интервју на ќерката на Садам Хусеин: „Не му беше лесно да управува со Ирак“


Најстарата ќерка на Садам Хусеин го даде првото интервју една деценија по неговата егзекуција.

Најстарата ќерка на Садам Хусеин

Во декември 2006 година, Рагад Садам Хусеин гледала како нејзиниот татко го водат кон бесилката. Таа ги гушнала своите деца и нејзината сестра седејќи во комплетен молк пред телевизорот во Аман, главниот град на Јордан, каде нашла засолниште по американската инвазија на Ирак во 2003 година.

Денес, десет години подоцна, првпат проговорила во медиумите. „Деталите за смртта се грди и болни, но сепак тоа беше храбра смрт“, изјавила таа за CNN. Нејзиниот татко, поранешниот ирачки диктатор, со дигната глава отиде на бесилка. Кога џелатот му ја ставил ортомата околу вратот, ирачката телевизија го прекинала директниот пренос. Неколку часа подоцна, се појавила снимка од неговата егзекуција. Публиката му скандирала: „Муктада! Муктада!“ Тоа било името на шиитскиот верски лидер Муктада ал-Садр, на што Садам им одговорил: „Зарем вака се однесуваат вистинските мажи?“

Одлучноста на ирачкиот народ

„Не верувам дека би можел да замине во смрт со покорност. Тоа беше заминување во смрт на начин со кој јас се гордеам, а исто така и моите деца. Тоа беше смрт со која се гордеат сите кои го сакаа“, раскажува Рагад, но и самата признава дека никогаш не ја гледала снимката од последните моменти на некогаш најмоќниот човек во Ирак.

Тогашниот американски претседател Џорџ В. Буш ги пофалил Ирачаните и кратко по смртта на Садам изјавил: „Погубувањето не би било можно без одлучноста на народот на Ирак за создавање на општество каде ќе владее правото.“ Меѓутоа, секташката струја што го испрати Садам во смрт и денес е сенка над Ирак, кој сè уште е длабоко поделено општество во кое различните деноминации на исламот почесто меѓусебе се гледаат преку нишан отколку на преговарачка маса.

Политичката сензитивност на Трамп

Рагад смета дека новиот претседател на САД, Доналд Трамп, е различен од своите претходници. „Иако само што стапи на лидерската позиција, очигледно е дека поседува високо ниво на политичка сензитивност. Ги разобличи сите грешки на своите претходници, особено кога станува збор за Ирак. Тоа значи дека е свесен за грешките во Ирак и за она што му се случи на мојот татко“, вели Рагад.

Иако за себе вели дека е далеку од политичките води, властите во Ирак во неколку наврати ја обвиниле дека е поддржувач на антиирачката фракција. Порано ја обвинувале дека ја поддржува забранетата партија Баат, а во поново време ја сомничат и за поддршка на Исламската Држава. „Се разбира дека немам никаква врска со таа групација или со кои било екстремисти. Идеологијата на целото мое семејство нема никаква врска со екстемистите“, тврди таа.

Стабилна држава

Кога се присетува на режимот на својот татко, вели дека во негово време државата била стабилна. „За мене тој беше херој, симбол на милиони луѓе. Беше борец и знаеше дека неговиот крај нема да биде едноставен. Се согласувам. Понекогаш имаше и бруталност и тоа не го поддржувам. Меѓутоа, Ирак е држава со која не е лесно да се управува.“

Во текот на осумдесеттите, кога нејзиниот татко масовно ги убиваше Шиитите и Курдите, таа се правда дека била тинејџерка и дека немала сознанија за такви нешта. Впрочем, таа се омажила на свои 15 години. Сопруг ѝ бил Хусеин Камел, висок воен функционер задолжен за развој на ирачкото нуклеарно и биолошко вооружување. Сестра ѝ Рана се омажила за неговиот брат, а во 1995 година и двете семејства побегнале во Јордан. Но, само по една година, Садам ги наговорил да се вратат во Ирак. Три дена по враќањето, ирачката војска ги погубила браќата Камел.

Семејство на владетели

„Тоа беше неверојатно тешко време за мене. Бев растргната меѓу две семејства. Од една страна беа мојот татко и браќата, а од другата сопругот и моите деца“, раскажува Рагад, и вели дека нејзините деца не му замеруваат на Садам за убиството на нивниот татко. „Тоа е тешко да се  објасни на нормални луѓе. Семејствата на владетелите не се обични луѓе и понекогаш е тешко да се разбере комплексноста на нашите животи“, вели таа.

Сега таа живее мирен живот во Јордан, каде кралското семејство ѝ обезбедило прибежиште по американската инвазија на Ирак во 2003. Сепак, ѝ недостига татковината.

„Ирак е мој. На моето семејство и на моите предци. Ирак му припаѓа на сите нас. Би било сосема нормално да се вратам“, вели таа и раскажува дека сè уште се надева на подобра иднина. „Ова е само моментална состојба. Ова не е судбината на Ирак. Војната не е вечна и се разбира дека имам надеж.“

Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура