X
 31.12.2016 Култура

Скулпторот Томе Аџиевски со филм за Џејмс Бонд ќе ја претстави Македонија на Венециското биенале за уметност

Џејмс Бонд се буди во постелата на својата девојка, убавата Катја и сфаќа дека таа е трансвестит. Бега и скока низ прозорецот, директно пред неговиот Бонд-мобил (BMW Z3 roadster). Во истиот момент околу автомобилот доаѓаат група студенти и меншевици, заедно со нивниот професор...



Москва. Парада по повод одбележувањето на 100 години од Октомвриската револуција. Џејмс Бонд се буди во постелата на својата девојка, убавата Катја и сфаќа дека таа е трансвестит. Бега и скока низ прозорецот, директно пред неговиот Бонд-мобил (BMW Z3 roadster). Во истиот момент околу автомобилот доаѓаат група студенти и меншевици, заедно со нивниот професор. Тие го напаѓаат неговиот автомобил со плакати од руските авангардисти. Тие сакаат да обзнанат една тајна... Ова е дел од сценарио, всушност од уметничкиот проект Red Carnival на нашиот ликовен уметник Томе Аџиевски кој ќе ја претставува Македонија на 57. Биенале за ликовна уметност кое ќе се одржи од 13 мај до 26 ноември во Венеција. Биеналето е најстарата светска манифестација која се одржува од 1895 година. На Биеналето се претставиле највлијателните ликовни уметници во изминатте 121 година.

Проектот бил за Скопско лето

Проектот е предлог на Дирекцијата за култура и уметност-Скопје, а требало да биде реализиран на годинашното Скопско лето. Кога од Дирекцијата го разгледале проектот, сфатиле дека е одличен предлог за Венециското биенале. Куратор на Red Carnival е Бранислав Саркањац, а филмот ќе го работи Стефан Шашков.



- Проектот е комплексен. Наративноста честопатпати беше императив да се избегне во уметноста. Јас одам во сосема спротивна насока. Што може повеќе нарација, зашто ние живееме во свет на нарација, опкружени сме секојдневн. Пресреќен сум, оти како уметник можам да кажам дека се остварува еден огромен сон со учеството на Биеналето во Венеција - вели авторот Аџиевски.

Проект го избра комисија составена од Викторија Васева-Димеска, историчар на уметноста и професорите и ликовни уметници Станко Павлески и Жанета Вангели.

Седум проекти во конкуренција

Во конкуренција биле седум проекти. Покрај Red Carnival, во конкуренција биле и „Триумф на уметноста“ на скулпторот Жарко Башевски (поднесен од Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп), „Помеѓу блиску и далеку“ на Јасна Богдановска (од Здружението на граѓани „Нова линија“ – Скопје), „А-рефлексија“ на Марија Павловска (од Здружението на граѓани ИКОН – асоцијација за култура – Скопје), „На плажа: херменевтика на песокот“ на Зоран Поповски (од Здружението на уметници- Македонски центар на ИТИ/ПРОДУКЦИЈА – Скопје), „Изгаснатото сонце и земјиште што се подвижува“ на Нада Прља (од Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“) и „Загуба“ на Пандора Апостолоска-Саздовска (од Здружението на граѓани „Уметност рефлексија“). Комисијата соопштии дека последните две апликации не ги исполнувале условите предвидени со конкурсот.

Македонија на Биеналето од 1993 година

Венециското биенале идната година ќе се одржи под мотото Viva Arte Viva. Директор на манифестацијата е светски реномираниот куратор Кристин Масел. На Биеналето својата уметност ќе ја претстават 57 земји од целиот свет преку националните павиљони, а ќе излагаат стотици автори.

- Во свет полн со конфликти и потреси, кога хуманизмот сериозно е доведен во опасност, уметноста е најскапоцениот дел од човековото битие. Повеќе од кога и да е, улогата, гласот и одговорноста на уметниците се клучни во рамката за современи дебати - вели таа.

Македонија учествува на Венециското биенале од 1993 година, кога ја претставуваа Глигор Стефанов и Петре Николоски. Следуваше проектот на Анета Светиева (1997), додека во 1999 година уметницата Искра Димитрова учествуваше, но како самостојно претставување. Оттогаш досега сите изложби се национални претставувања - Јован Шумковски (2001), Жанета Вангели и Вана Урошевиќ (2003), Антони Мазневски (2005), Благоја Маневски (2007), Гоце Наневски и Никола Узуновски (2009), Жарко Башески и групата ЗЕРО (2011), Елпида Хаџи-Василева (2013) и Христина Иваноска и Јане Чаловски (2015).

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура