X
 16.10.2021 Култура

Самоукиот музичар Мамер Фендер Абедин свири на најмалку 10 инструменти

Велешани не можат да се замислат без велешката чалгија, за која своевремено слушнал и турскиот султан, а ниту без ансамблот „Распеани велешани“, кој годинава слави јубилеј - 50 години од основањето. Убаво ми е на душата кога ќе отсвирам некоја староградска со чалгијата, вели Абедин.

Дел од нив е и велешанецот Мамер Фендер Абедин, кој е роден во истата година кога се формирал ансамблот.
Музичар, книжар и макетар истовремено, Мамер ужива во чалгијата, добрата староградска музика и народна песна и благодарение на звуците од велешките меани, кои ги слушал стоејќи надвор пред нивните тераси, научил сам да свири уште на десетгодишна возраст.

- Музиката ми е прва уметност. Бев фасциниран кога моите родители се дружеа со членови на велешките чалгии. Во тоа време се правеа многу седенки, родителите си свиреа серенади. Јас бев мал, имав десет години кога татко ми свиреше со нив на бузуки. Од мерак што ги слушав, почнав да ги вежбам дома песните на гитара. Одев по кафеаните, слушав музика на терасите и потоа дома седнував да свирам. Првиот инструмент ми беше акустична гитара. Потоа го зедов бузукито на татко ми, па продолжив на џумбуш, а потоа на ут. Свирев и на македонска тамбура со две двојни жици. Кога купив малечок инструмент прим (мала тамбура), почнав да свирам со него во рестораните - се присети Мамер Фендин Абедин.



Мамер почнал да свири со два оркестри кои не можеле да постигнат со обврски затоа што пред дваесетина години имало многу работа, а со тоа и бакшиш доволен да ја збогатува својата колекција со музички инструменти.

Пред осум години направил етнооркестар составен од кавал, тамбура, контрабас, гитара и хармоника кој се вика „Сербес“, што на турски значи „слобода“. Бендот добро работел и требало да почне да свири надвор од земјата и да снима сплетови со староградска музика, но почетокот на пандемијата одложил буквално сè.

- Во последно време почнав да свирам лаута, тоа е бузуки инструмент сличен на утот. Свирам со чалгија, одам со „Распеани велешани“, но и со „Распеани пензионери“. Убаво ми е со нив. Велешки песни има многу, ги негуваме староградските песни. Јас сум таму најмлад, но убаво ми е на душата кога ќе си отсвириме и ќе отпееме некоја стара песна. Тие имаат многу материјали, знаат многу песни кои никогаш не ги слушнал народот и чест ми е да учам од нив - вели Абедин.



Речиси и да нема жичен инструмент на кој Мамер не знае да свири, а колекцијата од инструменти дома му е преголема. Постојано купува инструменти, но најголема гордост му е реткиот џумбуш на кој свирел неговиот дедо.

- Сега зедов виолина, но немам време да ја свирам, а сакам да научам. Свирам на акустична гитара, бас-гитара, електрична гитара, тамбура, прим, бузуки, лаута, ут, џумбуш... Дома имам инструмент саз од Турција, имам четири акустични гитари, две електрични, имав и контрабас, но го продадов за време на пандемијата. Сега во колекцијата го имам и џумбушот на мојот дедо, кој свирел на него своевремено и у го продал на некој човек. Го најдов човекот и успеав да си го откупам. Си го вратив споменот на дедо ми. Бев да купам и канон од Свети Николе, но продавачот очигледно беше емотивно врзан за него и се премисли пред да си подадеме рака - истакна тој.

Велешкиот чалгаџија постојано добива понуди да им држи часови на луѓе кои сакаат да научат да свират на некој од специфичните жичени инструменти, но работата во книжарницата, која им е семеен бизнис 31 година, не му дозволува да работи како инструктор.

- Би сакал да ги учам помладите, но немам време поради работата со книжарницата. Најтежок инструмент е утот бидејќи нема прагови и мораш да имаш чувство. Исто и виолината, и таа нема прагови. И џумбушот е тежок, а сè што има прагови е полесно. Генерално мора да имаш основа на некој инструмент како што е гитарата за да свириш на џумбуш или на ут. Не можеш директно сам да се учиш на нив, многу е тешко – вели Мамер, кој во својата колекција има над 20 жичени инструменти. Меѓу нив се и утот, кој го платил 460 евра и рачно изработената тамбура од мајстор Миле Бајдески од Кичево, кој изработува инструменти за „Танец“.



Семејството Абедин, по потекло Турци, отсекогаш ја негувало македонската музика. По дедо му кој свирел на џумбуш и бил канет на секоја турска свадба во Велешко, со музика се занимавал и татко му, кој свирел гитара, а едно време пеел и мексикански песни и соработувал со Пенчо од групата „Мањифико“.
Покрај музиката, Мамер Фендин Абедин решил да се занимава и со изработка на макети од хамер и кибритчиња. Првата макета од хамер што ја направил е од Султан Ахмедовата џамија од Истанбул, а од кибритчиња го изработил Мало мовче во Велес, пешачки мост во близина на семејната книжарница.

- Таа макета ја почнав во 2014 година и ја работев пет месеци. Направена е од хамер. Внатре во џамијата поставив ЛЕД-сијалички во зелена и бела боја за да биде идентична како Султан Ахмедовата џамија во Истанбул, која е фасцинантна затоа што има шест минариња. А, мовчето го направив по моја замисла. Минувам таму секојдневно и си реков да пробам да го направам од кибритчиња. Го сликав од секој агол и почнав да го правам. Мало мовче има 100 метри, а јас направив мини-верзија од еден метар. Макетарството ми е само хоби, а музиката повеќе ме исполнува - додаде Мамер.



фото: Приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Култура