X
 04.01.2017 Наука

Денес (4-ти јануари), во 15:18 часот, планетата Земја ќе биде најблиску до Сонцето за 2017 година

Денес, 4-ти јануари во 15.18 часот, планетата Земја ќе биде најблиску до Сонцето за 2017 година, во положба позната како перихел. Во тој момент, нивното взаемно растојание ќе изнесува 147.100.993 km, што е околу 2,5 милиони km помалку од просечната вредност, односно околу 5 милиони km помалку од максималното растојание (152 милиони km) познато како афел. Поради близината до Сонцето, во месецот јануари Земјата се движи околу 1 km/sec побрзо (30,3 km/sec) по својата патека отколку во јули. Тоа е причина и за околу 5 дена пократко траење на годишните времиња (зима на северната, а лето на јужната полутопка) во овој период. Затоа, февруари има само 28 дена (29 во престапна година), а и пролетта почнува 1-2 дена порано од есента (20/21 март, наспроти 22 септември).



Без оглед што е најблиску до Сонцето, во јануари на северната хемисфера е зима, а на јужната лето. Тоа значи дека сезоните произлегуваат од поставеноста на хемисферите кон Сонцето, односно наклонетоста на Земјината оска. Така, во зима, на северната хемисфера, сончевите зраци паѓаат под мал агол, што е причина за слабо загревање и ниски температури, без оглед на поблиската положба до Сонцето. Обратно е на јужната хемисфера. Иако би требало да се очекува помалото растојание да резултира со потопли јануарско-февруарски лета на јужната полутопка, тоа не е така заради многу понерамномерниот распоред на водата и копното. Затоа просечните годишни температури се за 2,3 степени Целзиусови повисоки на северната во однос на јужната полутопка.

Сепак, има еден друг многу значаен ефект, а тоа е што количеството на УВ и други зрачења од Сонцето во овој период е поголемо за околу 7%. Тоа зголемување е доволно да предизвика значајни ефекти врз испарувањето на водата во Светскиот океан, влијаејќи врз глобалниот и регионалниот распоред на врнежи. Овој феномен може да влијае на зголемената појава на врнежи од снег на северната хемисфера за време и по перихелот. Поради оштетувањето на озонските слоеви, перихелната положба во последно време понеповолно се одразува врз живите организми и човекот, главно преку намалување на имунолошкиот одговор или преку оштетување на кожата и очите. Затоа, без оглед што е зима, треба да се внимава на изложеноста на директното сончево зрачење, особено на повисоките планини.

Во последно време, се вршат истражувања и за останатите влијанија на перихелот врз одредени процеси на Земјата. Според првичните резултати, за време на перихел постои веројатност за малку поголема фрекфенција или магнитуда на земјотреси и вулкански ерупции, посебно на јужната полутопка (веројатно комбинација на перихел и поставеноста кон Сонцето).
Подготвил: д-р Ивица Милевски / iGeo

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука