Америка е земја со најголем број милијардери - податок кој и не толку изненадува. Веднаш позади Америка се наоѓа Кина, додека во Европа првото место го делат Германија и Велика Британија со по 120 милијардери.
После нив доаѓа Русија, која има 88 милијардери. Магазинот „Forbes“ ја претстави листата на светски милијардери за 2016 година - таа дава интересни податоци за поранешна Југославија.
Што се однесува до Македонија, „Forbes“ вели дека на врвот се наоѓа Јордан Камчев, сопственик на „Orka Holding“, со 238 милиони долари вредно богатство. Втор е Минчо Јорданов, сопственик на „Макстил“ со 234 милиони долари.
Најбогатиот Македонец кој не живее во Македонија е Мајк Илиќ, основач на франшизата за брза храна „Little Caesars Pizza“, сопственик на „Detroit Red Wings“ и „Detroit Tigers“, со богатство од 6.1 милијарди долари.
Во
Босна и Херцеговина најбогати луѓе се Кенан и Дамир Хастор. Тие ги наследиле „Prevet“ и „ASA Group“ од нивниот татко и располагаат со 412 милиони долари. Позади нив е Изуддин Ахметиќ, сопственик на „HIFA Group“ со имот вреден 364 милиони долари.
Во Црна Гора, официјално најбогат човек е Таксин Шинаватра, поранешен премиер на Тајланд кој живее и работи во Црна Гора со имот вреден 1.61 милијарда долари. Второто најбогато семејство во оваа земја е семејството на премиерот Миле Џукановиќ, со имот од 167 милиони долари.
Во Хрватска најбогато е хрватско-чилеанското семејство Лукшиќ, чија нето вредност изнесува 15 милијарди долари. После нив е австриско-хрватскиот милијардер Дитрих Матешиќ, сопственик на „Red Bull“, со богатство од 10.8 милијарди долари. После нив е Ивица Тодоровиќ, сопственик на „Agrokor“ со 499 милиони долари и Емил Тедеши, сопственик на „Atlantic Group“, со нето богатство од 208 милиони долари.
Најбогатиот човек во Србија е Филип Цептер. Тој е основач на „Zepter International“. Иако не живее во Србија, тој има српско државјанство, а неговото богатство се проценува на 5 милијарди долари.
Меѓу најбогатите луѓе во Србија е и Миодраг Костиќ, со потекло од Црна Гора, сопственик на „MK Group“ со нето богатство од 540 милиони долари. Единствениот човек од Србија, чија адреса е српска е Мирослав Мишковиќ, кој располага со 520 милиони долари.
Кај Словенците најбогати се Иза и Само Логин, парот кој заработи огромно богатство со апликацијата „Talking Tom Cat“. Нивниот имот се проценува на 700 милиони долари, а позади нив е Јоц Печечник, сопственик на „Interblock“, со богатство од 266 милиони долари.