X
 17.01.2017 Образование

Интервју со професор Драган Тевдовски: Луѓето кои предаваат на факултетите не смеат да ги премолчуваат неправдите и лошите страни во општеството



За професорот Драган Тевдовски од Економскиот факултет од Скопје, кој заедно со професорот Таки Фити студентите ги избраа за најинспиративен професор од овој факултет во нашата анкета, младите кажаа дека предавањата му се во 8.15 наутро, а веќе во 7.30 часот нема место во амфитеатарот. Студентите го сакаат, па уште рано наутро се „нацртани“ на факултетот за да слушнат што тој има да им каже. За Факултети мк. Тевдовски ни раскажа што него го иснпирира да е толку посветен на студентите. Вели дека секој ден оди среќен на работа, бидејќи знае дека таму го очекуваат млади луѓе полни со позитивна енергија.

Факултети.мк: Студентите од Вашиот факултет Ве избраа за еден од најинспиративните професори. Ви значи ли ова?
- Да, секако. За мене овој избор е посебно драг, бидејќи доаѓа од студентите. Тие се најмеродавни да ја ценат работата на професорите. Нивниот избор има многу поголема тежина од било какво оценување или избирање од страна на комисии или деканатски управи. Посебно ме радува што ова е избор за најинспиративен професор. Убаво е да се види дека има една фина група на професори во која студентите наоѓаат инспирација. Тоа е важно за нашево општество, бидејќи младите треба да бидат инспирирани од своите професори, но и од други луѓе кои чесно и успешно си ја работат својата работа. За жал, во сите овие години наназад младите во Македонија многу повеќе имаа шанса да слушаат и да гледаат за “успесите” и брзите збогатувања на преваранти, рекетари и слични... Затоа за поздравување е идејата на вашиот портал да се претстават успешни професори. Мислам дека и други медиуми треба да го следат вашиов пример и да претставуваат успешни луѓе од различни професии во земјава. Македонија има такви луѓе, но тие за жал од медиумите досега не добиваа доволен простор. А, важно е младите да ги знаат нивните успешни приказни.

Факултети мк: Што Ве инспирира Вас кај студентите, за да им бидете и секако да останете посветени?
- Ме инспирира огромниот потенцијал кој е во секој млад човек. А, јас се обидувам на секој студент, независно дали бил најдобриот или најлошиот ученик во средно училиште, да му покажам дека во него има вредност и дека од него зависи дали ќе успее да ги реализира своите соништа. Мене исто така, ме инспирира и свежиот младешки поглед на работите. Знаете јас секој ден одам среќен на работа, бидејќи знам дека таму ме очекуваат млади луѓе полни со позитивна енергија. Мислам дека нема поубаво од тоа, да го работите тоа што го сакате во околина со свеж и напреден дух. Ова и ме натера да почнам да се борам за промени во општеството. Мислам дека луѓето кои предаваат на факултетите не смеат да ги премолчуваат неправдите и лошите страни во општеството. Нивната задача не е само да кажуваат лекции од учебници, туку навистина да се борат за промени кои ќе донесат подобар живот на генерациите на кои им предаваат.

Факултети мк: Има ли некоја посебна причина што ве натера да ја изберете оваа професија и како е денеска да се биде учител?
- На прв поглед нема посебна причина. Дури ни изборот на професијата не беше линеарен. Во средношколските денови сакав да станам фудбалер. Играв за младинската школа на ФК Вардар и за кадетската репрезентација на Македонија, но и супер ми одеше и училиштето. Бев одличен ученик во гимназијата Корчагин. Затоа мојот план беше да студирам на медицинскиот факултет. Мислев дека медицината со спортот ќе биде добра комбинација. Дури и учев биологија и слично за приемниот испит на Медицинскиот факултет. Да студирам економија се одлучив на две недели пред приемниот испит, пред сè за да можам паралелно со студирањето да играм фудбал. Mислев дека студирањето медицина ќе ме оневозможи да одам редовно на тренинзи. Го положив приемниот испит по математика со максимум поени и почнав да навлегувам во тајните на економијата. А, дури во третата година на факултет бев сигурен дека сум го направил вистинскиот избор. Почнав да уживам во економијата. Ми се допаѓаше ширината на гледањето на работите во општеството, но и комбинацијата на економијата со математика. Тогаш, го напуштив фудбалот и целосно се посветив на економската наука. Потоа, коцките уште еднаш добро се измешаа па од 2002 година започнав да работам како асистент на Економскиот факултет – Скопје. А, денес, ако погледнам наназад и барам една причина за да бидам професор, тоа е веројатно моето следење на соништата и давањето се од себе тие да се остварат.
Подготвил: М.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование