Математичарите се издвојуваат со своето аналитичко расудување, што е резултат на континуираното решавање на проблеми (задачи). Потврда за популарноста на математичарите во денешнината се и резултатите од истражувањата на www.careercast.com. Во 2014 година професијата математичар беше прогласена за најдобра, но лани и преклани математичарот не заостанува многу, Проф. д-р Ирена Стојковска од Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје
Професијата математичар лани се најде на 6-то место на листата на 200 најдобро рангирани професии, според порталот
www.careercast.com. Просечната годишна заработувачка е 104.285 американски долари и во однос на платата, не заостанува многу зад прворангираната професија - информатички научник кој годишно просечно заработува 128.240 долари. Помалку или повеќе, професијата математичар слично беше рангирана и во изминатите две години. Што се случува во светот и како оваа професија повторно станува толку барана?
Проф. д-р Ирена Стојковска од Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје вели дека тоа се должи на фактот што светот станува се поматематички, влегува во нова ера на броевите, па и потребата од математичарите е се поголема.
- Математичарите денес помагаат во лабараториите при изработка на нов медикамент, учествуваат при дизајнирањето на авионите и вселенските летала, креираат ефикасни алгоритми за процесирање на голем број на податоци, им овозможуваат на компаниите да имаат индивидуален пристап кон секој корисник, истовремено зголемувајќи ја ефикасноста на компаниите, и задоволството на корисниците. Со еден збор, математиката учествува во поставувањето на новите стандарди на современиот начин на живеење - вели таа.
Употребата на математиката денеск има навистина широк спектар. Државните и приватните компании, владините организации, образовните институции и непрофитабилните сектори се почесто вработуваат математичари, најмногу заради се поголемата популарност на математичките принципи и концепти во работата.
- Математичарите се издвојуваат со своето аналитичко расудување, што е резултат на континуираното решавање на проблеми (задачи). Потврда за популарноста на математичарите во денешнината се и резултатите од истражувањата на
www.careercast.com. Во 2014 година професијата математичар беше прогласена за најдобра, но лани и преклани математичарот не заостанува многу - вели Стојковска.
Професиите се рангирани од најдобрата кон најлошата, врз база на повеќе критериуми, како примањата, изгледите за вработување, стресот и слично. Овие истражувања се спроведени во САД, врз база на податоците од Бирото за статистика на САД (дополнителен текст Јазикот на математиката).
Стојковска објаснува дека умот станува посилен со редовно практицирање на математиката - решавање на задачи, разбирање на нови идеи, и докажување на тврдења, иссто како што телото станува посилно кога редовно вежбаме - трчаме, скокаме, креваме тегови.
- Сите спортисти не креваат тегови кога се натпреваруваат, но имањето на силни мускули им помага во сите спортови. Голем број од луѓето не користат напредна математика во нивната работа, но да се биде попаметен помага во се што ќе работите - вели Стојковска.
Таа набројува повеќе професии кои може да ги работи еден математичар, а главно ги дели во две групи: едукатори и практичари.
http://kariera-im-pmf.weebly.com/sto-moze-da-raboti-eden-matematicar.html
ЕДУКАТОРИ
Професор во основно/средно училиште
Традиционално најзастапена професија на математичарите, која се уште е актуелна, барана, но и најодговорна. Овие математичати на себе го имаат сиот товар и голема одговорност, да ги постават темелите на математичките знаења кај идните генерации и најважно да ја всадат љубовта кон математиката.
Асистент на факултет
Скоро сите факултети во своите студиски програми имаат предмети од областа на математиката, кои се изучуваат од теориски и практичен аспект. Да се биде успешен во оваа професија потребни се суштински познавања на основните математички дисциплини, продлабочени знаења од областите на математичките предмети по кои асистентот изведува вежби и умешност знаењата да се пренесат на студентите.
Универзитетски професор
Математичките знаења акумулирани во текот на годините, најдобро доаѓаат до израз во професијата универзитетски професор од областа на математиката и математичките науки. Одговорноста за реализирање на наставата по доделените наставни предмети му дава можност на универзитетскиот професор не само да ја креира самиот содржината на предметот, туку и да креира нови предмети заедно со наставниот колегиум на факултетот, па и нови студиски програми, откако претходно согледале дека општеството има потреба од истите.
ПРАКТИЧАРИ
Статистичар
Статистиката е широко применета и силно теориска област. Статистичарот е математичар кој собира и проучува (анализира) податоци за подобро да го разбереме нашиот свет и да се анализира некој од неговите проблеми. Затоа, оваа професија е позната и како статистички аналитичар. Во моментот, зголемена е побарувачката на статистичари на пазарот за работна сила.
Актуар
Математиката е силно орудие во полето на актуарството, кое во себе вклучува многу меѓусебно поврзани дисциплини - веројатност и статистика, финансии, економија. Актуарот креира корисни статистики кои би им помогнале на компаниите да ги предвидат идните случувања. Актуарите се барани од осигурителните компании, пензиските фондови, консултантските фирми, претпријатијата и владините агенции.
Финансиски аналитичар
Финансии е поле кое се занимава со проучување на начинот на работа на компаниите со монетарните ресурси во текот на времето, земајќи го во предвид можниот ризик при работењето. Финансиските аналитичари често препорачуваат кои активностио треба компанијата да ги превзеде врз база на сегашната нејзина моќ и предвидената моќ во блиска иднина. Тие се вработуваат во банки, инвеститорски фирми и осигурителни компании.
Аналитичар за операциони истражувања
Операционите истражувања (ОИ) се меѓудисциплинарна гранка од математиката која користи математички методи за донесување на подобри одлуки. Аналитичарите за ОИ им помагаат на компаниите да ги координираат своите активности на најефикасен начин, применувајќи научни методи и математички принципи при решавањето на ваквиот вид организациони проблеми.
Програмер
Математичарите многу често се наоѓаат себе си и во полето на програмирањето. Пишувањето на програма е слично на решавањето на една математичка задача. Секоја програма за дадени влезни податоци, дава одреден излез, исто како што решението на математичката задача дава одговор. Задача на програмерот е да го презапише алгоритмот за решавање на некој проблем на јазик разбирлив за комјутерите, наречен програмски јазик.
Нумеричар
Нумеричар е математичар кој ги интерпретира проблемите произлезени од физичките науки и инженеството во математичка форма и развива математички решенија на овие проблеми. Нумеричарите интезивно користат моќни компјутери при решавањето на овие проблеми, затоа покрај математичките знаења, тие поседуваат и програмерски вештини.
Математичар истражувач
Математичарот може да истражува, како на полето на чистата математика, така и во полето на применетата математика. Истражувањето нема граници. Една од причините зошто математичарите истражуваат е во убавината на абстрактните облици кои ги користат, и во задоволството на откривање на не толку очигледни аспекти на овие сложени облици.
Биоматематичар
Моделирањето на природните и биолошките процеси, со користење на математички техники и алатки (дифернецијални равенки, динамички системи и слично) е задача на биоматематичарот. Резултатите кои тој ги добива се применуваат во неуробиологијата, моделирање на епидемии, генетика на популацијата.
Криптограф
Криптографијата е наука за сокриените информации. Таа се смета дека е меѓудисциплина на математиката и комјутерските науки. Криптографите учествуваат во изработка на безбедни банкарски електронски картички, комјутерски лозинки и слично.
Кариери во областа бизнис и менаџмент
Математиката е вградена компонента во професиите од областа на бизнис и менаџмент. Калкулус, веројатност и статистика и други математички области се користат секојдневно во овој вид на професии.
Кариери во инженерски области
Инженерството се потпира на многу математички дисциплини како нумерички методи, линеарна алгебра, напреден калкулус, веројатност и статистика. Инженерите често работат во групи и така доаѓаат до нови идеи за производи кои би олесниле одреден аспект од живеењето и би донеле поголем профит на компаниите.