X
 04.02.2017 Живот

Зголемена смртноста од рак на грло на матката, намалени парите за рано откривање


 
“Ние можеме, јас можам” е слоганот под кој во периодот од 2016 до 2018 година се одвива борбата против карциномот во светот. Денес е светскиот ден на борба против оваа зла болест. Смртноста од ракот на грлото на матката во Р. Македонија бележи пораст во периодот од 2011 до 2014 година. Во 2011 година стапката на смртноста изнесува 1,5 на 100.000 жени, додека во 2014 изнесува 4,1 на 100.000 жени, и покрај тоа што овој вид на карцином може навремено да се открие и излекува, објави Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

Покрај оваа состојба и спротивно на препораките дадени на Светскиот ден Владата го намали буџетот за Програмата за организиран скрининг на карцином на грло на матка за 2017 година за 2.950.000 денари во споредба со Програмата за 2016 година. Ова намалување се должи на намалениот предвиден опфат на жени со оваа Програма во 2017 година. Имено, со Програмата за 2017 година се предвидува намалување на бројот на жени кои ќе бидат поканети на организиран скрининг за 15.000 жени (од 35.000 жени во 2016 на 20.000 жени во 2017 година), потоа намалување на бројот на жени на кои ќе им биде направен ПАП тест за 10.000 жени (од 30.000 жени во 2016 на 20.000 жени во 2017 година). Исто така се намалува и предвидениот број на бесплатни цитолошки анализи на земените ПАП тестови за 10.000 (од 30.000 анализи во 2016 на 20.000 анализи во 2017 година). Предвидениот опфат на жени е помал од 5% од целната популација на жени.

Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените упатува барање до Министерството за здравство и Владата да го зголемат планираниот опфат на жени со Програмата за скрининг на рак на грло на матка за 2017 на најмалку 20% од целната популација на жени и да го зголемат планираниот буџет за истата програма. Македонија треба да цели кон постигнување на опфат на најмалку 70% од жените на возраст од 24 до 60 години во наредните пет години со оваа програма.

-Една од целите на кампањата за Светскиот ден за борба против карциномот во 2017 година е обезбедување на универзален пристап до здравствените услуги, поврзани со карциномот, а клучна улога во борбата против карциномот претставуваат здравствените услуги за рано откривање на карциномот. Имено, според Светската декларација за карцином, секоја држава треба да обезбеди универзален пристап за населението до скрининг методите за рана детекција на карциномите, вклучувајќи го и карциномот на ракот на грлото на матката. Со воведување на овие методи значително се намалува стапката на смртност од карциномите – велат од Здружението.

Во 2015 година со Програмата за рано откривање на ракот на грлото на матката биле опфатени 29.887 жени (извор: Институт за јавно здравје на Р. Македонија), што значи дека Владата во 2017 година планира со скрининг да опфати 10.000 жени помалку од постигнатиот опфат во 2015 година.

Организираниот скрининг на рак на грло на матка игра клучна улога во намалувањето на смртноста од ова заболување. Намалувањето на средствата и планираниот опфат на жени со Програмата ќе води кон понатамошен пораст на смртноста од ова заболување.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот