X
 14.02.2017 Наука

Сакате лагата да звучи вистинито? Повторете ја повторно, и повторно...

ллага

Луѓето користат само 10% од мозокот. Ако јадете многу моркови ќе ви се подобри видот. Витаминот Ц лекува настинки. Стапката на криминал во Америка е поголема од било кога.

Ништо од ова не е точно.

Но, фактите всушност и не се важни. Доволно е нешто да се повторува често и луѓето да започнат да веруваат во тоа. Станува збор з а „ефект на илузорна вистина“, каде грешката во човечката психа доведува до тоа, повторувањето да се изедначува со вистината. Маркетинг експертите и политичарите вешт го користат ова за да ја добијат нашата наклонетост.

Трамп неодамна даде три извршни налози, со кои треба да се спречи „високиот степен на насилство против полицијата во Америка“, како што тој постојано повторува. И покрај фактот што стапката на ваквите случаи е на најниско ниво во последните неколку децении, исто како стапката на насилство во Америка.

„Претседателот на Трамп има намера да формира специјална единица која ќе ги истражува и спречува трендовите кои не постојат“, вели Џефри Робинсон, од „American Civil Liberties Union“, здружение кое се занимава со заштита на граѓанските слободи. Меѓутоа, иако овие трендови не се реални, одреден број луѓе веруваат во нив. Секој пат кога Трамп на Твитер ќе напише нешто невистинито, луѓето кои веруваат во овие факти брзаат да укажат на невистината - но залудно. Анкетата која „Pew Research“ ја направи минатата есен открива дека 57% од гласачите веруваат дека стапката на криминал во Америка порасна од 2008 година, иако податоците од ФБИ покажуваат дека стапката падна за 20%.

За што станува збор? „Повторувањето ги прави работите поверојатни“, вели Лин Хашер, психолог од Универзитетот во Торонто, чиј истражувачки тим прв ги открил овие ефекти, уште во 70-те години на минатиот век. „А ефектот е посилен кога луѓето се уморни или кога вниманието им го одвлекува друга информација“.

Повторувањето ги прави лажните вести забележливи, истакнуваат истражувачите од Универзитетот во Вашингтон, во истражување од 2012 година. Тоа е средство на политичка пропаганда. Поради тоа, советниците за односи со јавноста на политичарите и директорите им даваат слогани кои постојано се повторуваат. Дури и Адолф Хитлер знаел за оваа техника. „Слоганите треба упорно да се повторуваат додека и последниот човек не ја прифати оваа идеја“, напишал Хитлер во „Мојата борба“.

Ефектот е успешен затоа што луѓето, кога проценуваат дали нешто е вистина, се потпираат на две работи: дали информацијата се совпаѓа со нивното сфаќање и дали им звучи познато. Првиот услов е логичен: луѓето ги споредуваат новите информации со она што веќе знаат дека е вистина и го земаат во предвид кредибилитетот на двата извори. Но, истражувачите открија дека кога нешто ни е познато, тогаш не размислуваме рационално - така што ако повторно слушате дека некој факт е погрешен, тоа може да има парадоксален ефект. Поради тоа што ви звучи толку познато, ќе имате чувство дека е правилно.

„Кога ќе видите некој факт вторпат, многу е полесно да се обработи - побрзо го читате, и полесно го сфаќате“, вели психологот Лиса Фазио од Универзитетот Вандербилт. „Нашиот мозок оваа леснотија ја толкува како сигнал дека нешто е вистинито“ - без оглед дали е вистинито. Со други зборови,  рационалното размислување може да биде напорно. Бара поголем труд. На вашиот зафатен мозок полесно му е да се води со чувствата.

Да се вратиме на Трамп. Поради нејасноста на јазикот со кој се служат овие налози, борците за граѓански права се грижат дека тие можат да доведат до криминализација на протестите. Налозите ја нагласуваат идејата дека Америка не е безбедна, дека полицајците се изложени на ризк и дека на земјата ѝ е потребен цврст претседател кој ќе воведе ред и закон. И покрај фактите.

Најдобар начин да не подлегнете на „ефектот на илузорна вистина“ е да знаете дека постои. Ако читате нешто што ви звучи правилно, а не знаете зошто, заинтересирајте се малку. Истражувајте. Проверете ги податоците. Ако ви звучи како премногу работа, треба да знаете дека фактите се забавни. Фактите се забавни. Фактите се забавни. Фактите се забавни.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука