X
 22.02.2017 Живот

Џорџ Георгиевски: Инспириран од виножитото секој ден им прави здрави училишни оброци на двете ќеркички

Се обидувам да ги употребам сите бои на виножитото во училишните оброци, малку зеленчук, малку млечни производи и јаглехидрати и протеини. Користејќи ги боите како инспирација бидете сигурни дека оброкот ќе биде хранлив. Сакам да користам свежи продукти кои се хранливи. Би сакал да имам „бавча“ и да берам свежи домати секој ден, но тоа „Македонецот“ зборува од мене. Хахахахаа



Британскиот весник „Дејлимејл“ неодамна ја пренесе приказната за Џорџ од Австралија, кој инспириран од виножитото, секој ден им ги подготвува училишните оброци на двете ќеркички. Неовот хоби за кусо време прераснало во блог School Lunch Box и денес има илјадници следбеници на кои им ги пренесува своите идеи за здрави училишни оброци. Џорџ за „Дејлимејл“ објасни дека секој петок им подготвува оброк со географско потекло и на тој начин им ја приближува културата и традицијата на конкретната земја. Токму тој петок Џорџ беше фокусиран на Македонија. Презимето Георгиевски беше повеќе од доволна причина да го побараме и да ја раскажеме неговата приказна. Тој беше пресреќен што му се обратил медиум од Македонија. Со Џорџ Георгивески разговараме за инспирацијата за тоа што го работи, за околностите во Австралија и колку ова општество посветува внимание на здрават исхрана на учениците.

Има 43 години. Женет е со Марина (40) и имаат две ќеркички, Анела (7) и Киара (Кики 4,5). Имаат свој бизнис – продаваат подови за домување. Родени се во Мелбурн, но сега живеат во Џилонг, град со 250.000 жители, на брегот на Австралија.

Вашето презиме „звучи познато“. Раскажете ни нешто за Вашето семејство.
- Моето презиме Георгиевски секако е македонско. Татко ми е роден во Битола, а мајка ми во Кичево. Обајцата се преселиле во Австралија во 1968 година. Родителите ме научија многу позитивни нешта за македонската култура. Татко ми беше многу горд Македонец, почина пред 20 години. Тој е мојот херој и личност на кој најмногу се огледам, ми недостига секој ден... Мајка ми е неверојатна жена со златно срце. Моето крстено име е Гоце, но во Австралија сите ме викаат Џорџ. Имам сестра и двајцата сме родени тука, во Австралија. Досега трипати сум бил во Македонија, а кога сум таму чувствувам дека срцето ми е исполнето. Имам чувство на припадност и блиска ми е културата која е толку богата и особена. Навистина ја сакам Македонија и гостопримливите луѓе. Татко ми ме научи да пишувам и читам македонски и многу добро го разбирам јазикот.



Кои места ги посетивте?
- Пред седум години со сопругата бевме во Скопје, Кичево, Охрид и во Битола. Ги сакам природните убавини и планинските пејсажи. Охрид е посебно место и заслужува многу поголемо внимание од светот. Сепак, омилено место ми е куќата на баба ми во Кичево, која е во близина на моите роднини. Немаме пошироко семејство во Австралија, па дружењето со семејството во Кичево е драгоцено за мене.

Што мислите за македонската кујна? Кое е Вашето омилено јадење?
- Мајка ми е одлична готвачка, секој ден јадевме традиционално македонско јадење. Обожувам гравче-тавче со кромид и колбаси, тоа е храна за душата. Сакам и бурек, тоа е идеална улична храна. Сепак, нема ништо поубаво од шопска салата, со чашка ладна „мастика“. Македонската култура има толку многу да понуди токму преку кујната, која е многу слична на менталитетот на луѓето, топла, духовна и традиционална. Ако сакате нешто од мене, само дајте ми баклава, апсолутно најубавото слатко јадење на светот! Ете, ми се пријаде баклава...



Во интервјуто за „Дејлимејл“ велите дека секој петок се фокусирате на оброк со географско потекло, а токму тогаш бевте фокусирани на Македонија. Како изгледа овој оброк?
- На фотографијата најубаво ќе видите. Има полнета пиперка, бурек, шопска салата, гравче-тавче, обланди и се разбира, ајвар! Ајвар! Можам да го јадам секој ден и никогаш да не ми здосади! Ако секој во светот проба македонска храна, нема да има војни и недоразбирања. Хахахахаа...

Како дојдовте до идејата да го почнете блогот School Lunch Box?
- Пред една година од сопругата ја презедов обврската да им ги подготвувам училишните оброци на децата. Немав многу идеи, па почнав да пребарувам низ мрежата и не можев да го пронајдам тоа што ми требаше. Или беше премногу комплицирано и нереално или недоволно креативно за да биде визуелно допадливо. Така, решив да создадам сопствен блог за да ги инспирирам и другите луѓе да ги споделат моите идеи. Резултатите се одлични. На инстаграм имам 15.000 следбеници www.instagram.com/schoollunchbox, а бројни се и на „Фејсбук“www.facebook.com/schoollunchboxau и на блогот www.schoollunchbox.com.au. Секој ден добивам коментари од луѓе од цел свет, од Сиетл во САД до Варшава во Полска.



Што е најважно во секојдневната исхрана на учениците?
- Кога им ги подготвувам оброците размислувам само на една работа – виножитото! Се обидувам да ги употребам сите бои на виножитото во училишните оброци, малку зеленчук, малку млечни производи и јаглехидрати и протеини. Користејќи ги боите како инспирација бидете сигурни дека оброкот ќе биде хранлив. Сакам да користам свежи продукти кои се хранливи. Би сакал да имам „бавча“ и да берам свежи домати секој ден, но тоа „Македонецот“ зборува од мене. Хахахахаа. Свежото е најдобро. Се обидувам да не користам шеќери, водата е многу важна и на моите деца не им давам газирани пијалоци.

Како ова се одразува на градењето здрави навики? Наместо да јадат брза храна секој ден?
- Во Австралија имаме сериозен проблем со дебелината. Децата јадат премногу шеќери и обработена храна, а тоа се одразува на нивното однесување и на концентрацијата. Намерно избегнувам мрсна, обработена храна за моите девојчиња. Резултатите се видливи – тие се посконцентрирани и будни во текот на денот. Полесно се фокусираат и подобро се однесуваат. Многу е важно на децата да им даваме здрава храна. Премногу го сакам своето семејство за да им давам храна од која може да се разболат. Ако веруваш во љубовта, мораш да правиш најдобро за своите деца и да им даваш храна која ќе им овозможи долг и добар живот.



Дали Австралијците обрнуваат внимание децата да јадат здрава храна?
- Австралиската заедница има многу „зафатен“ начин на живеење, работа, работа и уште повеќе работа. Резултат на тоа е брзата храна, па затоа има такви ресторани на секои 300 метри. Но, во последно време има промени, се менува свеста и им се зборува на луѓето дека некоја храна навистина не е добра. Кога бев во Македонија седевме да јадеме и разговаравме, се социјализиравме, па храната станува пријатно искуство. Во Австралија јадеме само за да јадеме. Би сакал вечерите тука да се послични на тие во Македонија.

Дали планирате повторно да ја посетите Македонија?

- Срцето секој ден сака да дојде. Се надевам дека ќе успееме идната година. Би сакал да одиме да му оддадеме почит во Спомен домот на Тоше Проески и да посетиме локации каде е снимани филмовите на феноменалниот режисер Милчо Манчевски. Среќен сум што можам да го наречам пријател. Би сакал да ги посетам училиштата, да се инспирирам од традиционалната кујна и да помогнам на секој начин да ја пренесам нашата прекрасна македонска кујна низ целиот свет.


Подготвил: В.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот