X
 24.02.2017 Образование

Студентите знаат кој професор работи од сѐ срце, а кој е „фолирант“

Дали професорите денеска имаат влијание врз студентите како порано, на кој начин го прават тоа, дали реално имаат моќ да сменат нешто во умовите на младите луѓе?



Судејќи според одговорите кои ги добивме од околу осумстотини студенти, да, имаат таква моќ. Иако општиот впечаток е дека високото образование, поради масовноста, големата административна работа на професорите и веројатно демотивацијата од страна на државата не им дава многу простор да им се посветат на студентите, сепак има луѓе за восхит. Студентите велат дека не секој внимава како се однесува со нив и дека многумина само доаѓаат колку да го предадат материјалот и да заминат, а тие учат колку да положат. Но, има многу исклучоци.

- Има професори кои ја вршаат својата функција затоа што мораат, таквите ретко кога влијаат некако. Има професори кои со својот негативен став и ароганција предизвикуваат за жал одбивност и демотивација за студирање. За среќа, постојат и такви кои инспирираат, мотивираат, служат за пример и поттикнуваат развој - вели студент по општествени науки.

- Најчесто тоа се оние кои се посветени и продлабочени во конкретна област од Информатиката и компјутерските науки. Најчесто тие се оние кои читаат многу, ја разбираат материјата толку добро, што знаат на секој лаик да му го презентираат знаењето точно. Тие се вистински професори кои несомнено ги инспирираат студентите - вели студент од ФИНКИ.

Некои студенти објаснуваат дека самата електронизација на високото образование, од електронски индекс, до електронско регулирање на присуство како на студентите така и на професорите, како и со електронското полагање испити, го намалува влијанието на професорите врз студентите бидејќи има помалку личен контакт.

- Не сите професори се ангажираат доволно да го задржат вниманието на студентите, да предизвикаат кај нив желба за интерес кон предметот што го предаваат за врз основа на тоа да имаат некакво влијание врз нив. Изгубен е и контактот, па тука не може да стане збор за било какво влијание - ни одговорила студентка.

Нејзина колешка обајснува дека некои професори со својата незаинтересираност им го убиваат духот.

- Оние кои го заслужуваат својот авторитет имаат позитивно влијание и се инспиративни. Оние кои глумат јаки фаци и го бараат авторитетот без да го заслужат, само ги нервираат и иритираат студентите, имаат негативно влијание на нив - објаснува друг студент.

Квалитетна настава, вистинското пренесување на знаења и вештини, почит се квалитетите кои студентите ги бараат од своите професори. Тие веднаш може да препознаат кој работи од срце.

- Професорот има влијание посебно кон мотивацијата за учењето. Колку професорот повеќе го предава својот предмет со поголема пасија толку повеќе и ние студентите сме позаинтересирани за да сакаме да се посветиме кон учење на предметот.
Подготвил: М.Ф.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование