X
 15.03.2017 Образование

Петар Поповски, професор на Универзитетот во Алборг, Данска: Дигиталниот развој треба да се насочи да ги решава големите проблеми, како климатските промени и нееднаквоста меѓу луѓето

Тој е еден од нашите најуспешни научници во светот. Беше вклучен во проектот METIS - првиот голем европски проект за безжична 5G технологија, но денес е најмногу насочен на фундаментални истражувања за Internet of Things. Веројатно нема период од образованието на Петар Поповски кој не е обележан со предзнакот „првенец“. Од средното образование во родниот Охрид, до студиите на Електротехничкиот факултет во Скопје каде во еден период работеше и како асистент. И денес е контактира и соработува со оваа институција. Лани беше еден од петмината добитници на наградата EliteForsk, која ја доделува Министерството за високо образование и наука на Кралството Данска, а годинава го примија во данската Академија за технички науки (ATV).



Факултети.мк: Помина една година откако по втор пат ја добивте наградата EliteForsk, која ја доделува Министерството за виско образование и наука на Кралството Данска. По една година како ја „трошите“ наградата? На кој истражувачки проект ги насочивте средствата?
- Средствата од наградата ги користам за да ја проширам истражувачката група, во која сега има повеќе од 15 луѓе. Со оглед на тоа дека тие средства не се поврзани со конкретен проект, туку се наменети за слободно истражување, ги користам за да ги прошириме нашите активности кон нови области. Ваков тип на средства се ретки. Денес многу луѓе на универзитетите носталгично гледаат на минатото кога на академските институции можеше да се прави слободно истражување. Денес голем дел од истражувањата се поврзани со проекти и обврски да се прават известувања на агенциите кои ги поддржуваат проектите. Во мојот случај, средствата ги насочив кон нови методологии на процесирање на податоци во Internet of Things.

Факултети.мк: Наградата ја добиваат малкумина истражувачи, а вам Ви се случи два пати. Што беше пресудно?
- Всушност, наградата EliteForsk ја добив само еднаш. Во 2009 добив нешто што се вика млад EliteForsk, а во 2016 ја добив EliteForsk-Вистинска. Или вкупно двете, EliteForsk-Обединета :). Мене ме номинираше мојот универзитет. Главна мотивација беа придонесите кои ги имав во теоријата на телекомуникации во последните десетина години, како и тоа што во 2015 добив престижен истражувачки грант од Европскиот истражувачки совет (European Research Council). Оваа година ме примија во данската Академија за технички науки (ATV). Тоа е нешто како Македонската академија на науките и уметностите, разликата е што е посветена само на технички науки, а плус и дозволуваат да си помлад и не промовираат магистерски трудови на политичари.



Факултети.мк: Зад Вас е импресивна биографија... Терминот „првенец“ се врзува скоро за секој период од Вашето образование. Во 2004 година кога станавте доцент на Универзитетот во Алборг, каде сте денес професор. Да се вратиме малку наназад. Во какви спомени Ви остана студирањето на Електротехничкиот факултет во Скопје?
- Всушност таму и го добив вистинскиот интерес за теоретски истражувања, имавме курсеви од математика, процесирање на сигнали и, секако, телекомуникации, кои беа навистина на високо ниво и скроени на начин да побудат љубопитност и интерес. Телекомуникациите се силно поврзани со веројатност и статистика, работи за кои имав интерес уште од средното насочено образование во Охрид. Исто така, бев дел од една амбициозна и мотивирана група студенти, што многу значи за личниот развој и стимулирање на академскиот профил.

Факултети.мк: Каква основа нудат нашите високообразовни институции за да се продолжи усовршувањето на познатите универзитети во странство?
- Тогаш кога јас студирав, а и во периодот кога бев асистент, мислам дека нашето универзитетско образование беше на сосема солидно ниво. Зборувајќи за мојата област на телекомуникации и електроника, теоретската основа беше на ниво на светските универзитети, што мислам дека е големо достигнување со оглед на тоа дека средствата кои ги имавме за лаборатории беа далеку под нивото на најдобрите универзитети. Низ сите овие години јас го задржав контактот со мојот матичен факултет во Скопје низ соработка со професорите и студентите од телекомуникации и мило ми е да видам дека таа солидна основа кај студентите се одржува. Од друга страна, во Македонија се појави инфлација на нови универзитети и досега не сум имал прилика да се запознаам со нивото на студенти кои излегуваат оттаму.

Факултети.мк: Се чини дека не се снајдовме најдобро во реформите во нашето образование во изминатите 25 години. Според Вас, каде најмногу се греши?
- Не знам колку е благодарно јас да давам мислење што е погрешно и што треба да се направи, затоа што не сум директно афектиран од таа состојба и не ги знам деталите од секојдневието. Од друга страна, кога се појави онаа контроверзна реформа на високото образование, се вклучив во дискусијата затоа што можев да ги согледам фактите, а и сакав да ги поддржам прогресивните организации кои се појавија во тоа време, Професорскиот и Студентскиот Пленум. Ако го резимирам проблемот во една реченица, тоа е дека луѓето од овие академски групации, кои имаат искрени намери и компетенции, се маргинализирани во нивното дејствување поради преголеми политички влијанија. Мислам дека тие луѓе ја имаат точната дијагноза и најдобро знаат што треба да се направи со реформите во образованието во Македонија. Покрај инфлацијата на универзитети, друга негативна појава во последните години е она што јас го викам „трофејно“ образование. Луѓе од различни професии добиваат магистерски и докторски титули, кои потоа ги користат како трофеи. Не велам дека беше оптимално пред 20-тина години, кога се случуваше бескрајно паметни асистенти да не можат со години да докторираат затоа што некој од постарите професори „не сака да го/ја докторира“ (со нагласок на заменките „го/ја“). Тоа не беше фер, но не резултираше нужно во понизок квалитет. Денес имаме ситуација во која личност добива трофеј на „доктор на науки“ во време додека врши висока политичка функција, и притоа исто така има само 24 часа дневно. Овие два примера може да ги видите како две точки на една траекторија по која се движело високото образование низ овие години.

Факултети.мк: Колку независноста и автономноста на универзитетите се важни за да почнат процесите да се нормализираат?
- Секако дека автономноста на универзитетите е многу значајна, затоа и спомнав дека клучно е да се намалат малициозните политички влијанија и да се остави на академскиот еснаф да ги дефинира критериумите за избор, евалуација и напредување. Апсолутна автономија е невозможна, затоа што во крајна линија финансиите доаѓаат од буџетот и често е работа на политичка одлука во кои области ќе се инвестираат истражувачки средства. Сепак, политичките влијанија не треба да одат до мешање во работи кои се исклучиво академски, како што се, на пример, избори на наставници или декани.



Факултети.мк: Како се уредени нештата во образовниот систем во Данска? Како може да се опише односот меѓу студент и професор?
- Тука постои процес на постојани промени и прилагодувања на барањата на општеството и индустријата. Универзитетот има прифатено делумно принципи на либерална економија, така што пофлексибилно се вработуваат и отпуштаат луѓе. Мојата група брои 15 луѓе, но ако не успееме да најдеме нови финансирани проекти, во некој момент ќе мора таа група да се намали. Ресурсите се ограничени и човек треба да е инвентивен со образовните и истражувачките проекти за да успее да привлече студенти и квалификуван истражувачки кадар. Данското општество се одликува со „рамна“ хиерархија и таков е и односот помеѓу студентите и професорите. Меѓусебно се обраќаат со име, без титули, има отворена дискусија и взаемна почит. Студентите ги сфаќаат професорите како партнери во нивното образование, со кои можат да воспостават дијалог и добијат помош во студентските проекти и курсеви. Јас редовно вработувам по неколку студенти од додипломски и магистерски студии во мојата лабораторија, за да искусат како се работи со истражување. Некои од нив остануваат потоа на докторски студии, други одат во индустрија и се случува да продолжиме да соработуваме преку проекти со фирмата каде што работат.

Факултети.мк: Со група истражувачи во изминатите години работевте на импресивни проекти. Што работите во моментот, до каде е проектот METIS 2020 и безжичната 5G технологијата?
- Првата фаза на METIS заврши во 2014 и тоа беше првиот голем европски проект за 5G, со кој Европа презеде водство во 5G технологијата. Од тој проект излегоа серија нови проекти за различни аспекти на 5G, ние сме инволвирани во еден од нив. 5G се развива многу брзо, до пред 3 години беше само на концептуално ниво, и со тоа мојот личен интерес за таа област беше голем. Сега многу аспекти од 5G влегуваат во стандардизација, каде истражувањата се од поинаква природа во споредба со академските истражувања. Јас сѐ уште работам на некои аспекти од 5G, но поголемиот број на активности ми се во областа на фундаментални истражувања за Internet of Things, како и некои нови концепти за безжични комуникации, на пример радио мрежи со cloud архитектура.

Факултети.мк: Се занимавате со една од најнапредните професии денес. Но, лично, сметате ли дека напредната технологија може да влијае и да направи подобар човек од човекот денес?
- Од појавата на WWW во 90-тите (интернет постои од 60-тите) и развојот на мобилните комуникации, работите во светот се менуваат со експоненцијална брзина. Секој технолошки напредок носи исто толку голема темна страна: на пример, со Internet of Things може да се ефективизират многу процеси во производство и енергетика, но секој уред поврзан на тој интернет може да биде жртва на хакерски напад, понекогаш со несогледливи последици. Сметам дека дигиталниот треба да се насочи да ги решава големите прашања на ова време, како што се климатските промени и нееднаквоста меѓу луѓето. Ги спомнувам овие две работи затоа што првата може да доведе до природни катастрофи и промена на животот каков што го познаваме. Втората, нееднаквоста меѓу луѓето, историски секогаш доведувала до конфликти, а податоците велат дека денес нееднаквоста е во голем пораст. Постојат и радикални теории, кои викаат дека поврзаноста на интернет и ефективизирањето на различни процеси и продукти неповратно ќе го променат капитализмот и ќе ги закочат процесите на (алчна) хиперпродукција, која е во основата и на климатските промени и на нееднаквоста меѓу луѓето.
Подготвил: В.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование