X
 27.03.2017 Култура

Милчо Манчевски со премиера на нов краток филм на фестивал во Аспен

„Крајот на времето“ е нов експериментален краток филм на режисерот Милчо Манчевски. Филмот е кубанско-американска копродукција, а премиерата ќе биде на Филмскиот фестивал „Аспен шортфест, во официјалната селекција.  
„Аспен шортфест“ во Колорадо се смета за еден од најреномираните фестивали на краткометражен филм во светот кои се квалификуваат за наградата Оскар, објаснува режисерот Манчевски.


 
„Крајот на времето“ е опишан како експеримнтален филм за оној хипнотизирачки миг во еден обичен, скромен вторник кога човек сфаќа дека времето запрело и светот е вшмукан во една единствена насмевка.
 
Филмот е снимен во Сан Антонио де лос Бањос, на Куба, а постпродукцијата во Њујорк и Македонија. Ова е една од првите американско-кубански копродукции, која започна пред неодамнешното затоплување на односите меѓу двете земји. Македонската Агеција за филм и македонското Министерство за култура не учествуваат во овој проект.
 
„Крајот на времето“ е филм кој може комотно да се претстави во музеј или галерија наместо во киносала. Во него продолжувам да ја истражувам крстосницата каде што вистината и приказната се вкрстуваат,  преклопуваат и влегуваат во конфликт; овој пат на минималистички начин“, вели Манчевски.
 
Директор на фотографија е Ален Лопез Мартинез, монтажер Кристина Поженел, автор на музиката и тонскиот дизајн Игор Василев Новоградска, визуелните ефекти се на Мишо Ристов Рекс, а колор грејдингот на Мајкл Двас.
 
Долгометражните филмови на Милчо Манчевски се добитници на бројни меѓународни награди, меѓу кои и Златниот лав во Венеција, Номинација за Оскар, Давид ди Донатело, Златна бубачка, ФИПРЕСЦИ, УНЕСКО, итн. Неговите кратки форми исто така имаат добиено награда на МТВ за видео, награди за експриментален филм, награди за спотовите Македонија вечна, итн. Њујорк тајмс го вброи неговиот филм „Пред дождот“ во илјада најдобри филмови на сите времиња.
 
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура