X
 27.03.2017 Образование

Нов мебел, санитарии и лифтови во блокот А во студентскиот дом „Гоце Делчев“

Еден од четирите блокови на студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје, блокот А, е комплетно реновиран. Овој објект доби нови прозорци, подови, врати, плочки и осветлување, а собите за студентите се опремени со нов мебел. Заменети се електричната и водоводната инсталација, како и системот за парно греење, а во функција се ставени нови лифтови. Студентите кои ќе престојуваат во овој обект ќе може да ги користат и новите 50 машини за перење кои беа набавени пред неколку месеци.



Со овие градежни активности целосно заврши реконструкцијата на блокот А, со што студентскиот дом сега има два комплетно реновирани блока, откако лани завршија и градежните аквитности за санирање на зградата Б. Според најавите на надлежните од Министерството за образование и наука (МОН), за десетина дена треба да почне и реконструкцијата на другите два блока В и Г, кои треба да се готови во 2018 година.

Реконструкцијата на блоковите А и Б чинеше околу 3 милиони евра. Со завршувањето на градежните активности и на преостанатите два блока од „Гоце Делчев“, студентскиот дом за првпат ќе добие нов лик по повеќе од 40 години откако е пуштен во употреба. Овој сместувачки капацитет за студентите има вкупно 544 двокреветни соби, 64 еднокреветни соби и 54 соби за студенти во брак.
Подготвил: Д.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование