Битолскиот универзитет „Св.Климент Охридски“, на седница на Ректорска управа, денеска, побара повлекување на
ранг листата на Шангајскиот универзитет, според која оваа восокообразовна установа, се најде на 7 место од вкупно 19 рангирани универзитети во Македонија.
„Ректорската управа на Универзитетот бара повлекување на објавената ранг листа нејзино преиспитување и коригирање врз основа на објективизирани критериуми содржани во однапред позната методологија на сите учесници во рангирањето, во функција на целосно транспарентен процес и обезбедена непристрасност и контрола на квалитетот на резултатите. Универзитетот констатира непочитување на Берлинските принципи за рангирање на високообразовните установи врз кои треба да се темели рангирањето како и неможност за приговор како уставно загарантирано право за заштита. Ректорската управа смета дека Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола со постигнатите резултати што се темелат на повеќедецениската традиција, дал значаен импакт врз севкупниот едукативен, научен, општествено-економски и културен развој на државата и дека објавената ранг-листа не је отсликува реалната состојба на универзитетите во Република Македонија“, се вели во заклучокот на Ректорската управа кој е достевен до Министерството за образование.

Последното рангирање на Универзитетите во Македонија се однесува на 2015 и 2016 година.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е прв на листата на најновото рангирање на државните и приватните универзитети во државава која ја прави Шангајскиот универзитет Џиао Тонг по барање на Министерството за образование и наука. Втор е Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, кој заостанува зад УКИМ за само три поени. УКИМ досега на листата имаше по 100 поени во сите категории, а годинава за првпат Штипскиот универзитет е подобар во категоријата социјални услуги. Трета најдобра високообразовна институција е Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ од Охрид. Битолскиот Универзитет е на седмо место, а тетовскиот на осмо. Меѓу најдобрите приватни универзитети се најдоа Универзитетот на Југоисточна Европа, Универзитетот „Американ Колеџ“ и Интернационалниот Балкански Универзитет од Скопје.