X
 21.04.2017 Образование

Може ли данските методи на изучување на природните науки да се применат во македонските училишта?

Кумановецот Саша Стаменковски по тригодишна работа како наставник во Данска реши да се врати во Македонија и на наставниците во земјава да им ги направи достапни нагледните средства и методи кои скандинавските образовни институции ги користат во наставата.



Во време кога многу од младите, но и од постарите луѓе во Македонија размислуваат и бараат начин како да ја напуштат земјата и да се вработат во некоја поразвиена европска земја, во САД, Канада или Австралија, навистина е реткост да се најде човек кој решил од некоја таква земја да се врати и да работи во Македонија. И покрај сигурната работа во Данска како наставник по природни науки, кумановецот Саша Стаменковски реши да се врати во земјава и да се занимава со нешто што е тесно поврзано со образовната дејност – да ги снабди образовните институции со нагледни средства и материјали, но и да им помогне на македонските наставници во планирањето и организирањето на наставата користејќи ги данските искуства и методи.

Пред да замине за Данска, Стаменковски работел како наставник по физика во Куманово. И покрај големата љубов кон работата, како и поголемиот дел од наставниот кадар во земјава се соочувал со работи преку кои не можел да премине.

- Повеќе време ми одземаше да напишам што работам, отколку да го сработам. Времето кое го користев за осмислување на настапот пред учениците со кој максимално би ги мотивирал, одеднаш почнав да го користам за пишување на некакви планови, за кои сум сигурен дека никој не ги чита, бидејќи доколку некој ги прочитал, веднаш би му станало јасно дека се неостварливи во пракса. Најголем дел од нагледните средства кои ги користев на час беа и дел од мојот домашен кујнски прибор – тегли, вилушки, чепкалки за заби, алуминиумски фолии и сл. Сакав да почувствувам како е да се работи во нормален кабинет и професионално опкружување – ја почнува својата приказна Стаменковски.



Незадоволството од таквиот начин на работа се наталожило и затоа решил да аплицира за работа во неколку училишта во странство. За неполн месец добил известување од едно училиште во Данска дека влегол во потесниот избор и го поканиле да одржи пробен час. По тој час следувала понуда за работа како наставник по природни науки и математика, што без многу двоумење ја прифатил.

Кога прави споредба меѓу македонскиот и данскиот образовен систем, Стаменковски потенцира дека разликите се суштински, особено кога ќе се земе предвид кон што се фокусира секој од нив.

- Данците се фокусираат на знаење, ние на диплома. Тие се фокусирани кон изнаоѓање решенија, ние кон пронаоѓање виновници. Тие се флексибилни, ние ригидни. Тие се насочени кон инвестиции, ние кон штедење. Тие се обидуваат кај учениците да развијат вештини на учење, ние бараме од учениците да меморираат факти или слепо да се држат кон шаблони за решавање задачи. Тие учат струен круг за да можат да направат едноставен робот, ние учиме струен круг за да пресметаме отпор. Тие се насочени кон развивање вештачко месо, со цел да се стави крај на убивање животни, да се заштити животната средина и да се пронајде решение на проблемот со исхрана при вселенски патувања, ние кон субвенции за земјоделците. Јас само давам мал увид во тоа како стојат работите, а секој според сопственото убедување може да избере што од наведеното се предности, а што слабости на секој систем – вели Стаменковски.



По речиси три години поминати во Данска, тој решил да се врати во Македонија за да го сподели своето искуство во тукашните наставници, но и со неговите колеги од Балканот. Дефинитивно сфатил дека е време да се обиде да промени нешто во македонскиот образовен систем кога ги видел последните катастрофални резултати од PISA тестирањето. Барајќи опции со што може да се занимава во Македонија, а да не е наставник, стапил во контакт со данската компанија „Фредериксен сајентифик“ (Frederiksen Scientific), која е специјализирана за производство и дистрибуција на нагледни средства за настава по природни науки (физика, хемија и биологија).

- Од многу колеги слушнав дека, дури и да сакаат да купат некакви нагледни средства, немаат од каде. Жално е што наставата по која било од природните науки во Македонија е доведена до степен на глумење лудило. Држење настава по природни науки без нагледни средства е потполно исто како и да си замислувате со учениците дека ќе учите да пливате, а немате ниту базен, река, езеро или море. Секако, на крај на учебната година учениците ќе добијат оценка по пливање, се разбира според однапред пропишаните стандарди. На нагледните средства во Данска воопшто не се гледа како на нешто особено важно и вредно – тие немилосрдно се користат, трошат и обновуваат. Тие друг начин на работа и не познаваат. Едноставно, за нив е безсмислено да се држи настава по природни науки, без практично да ја истражувате природата – објаснува Стаменковски.



Поради сето ова, тој во Македонија основа компанија „Фредериксен“ која ќе биде застапник на данската компанија и ќе ги снабдува образовните институции во земјава со современи нагледни средства. Како што објаснува, негова цел не е само продажба, туку да создадае цел систем со кој ќе му помогне на македонското образование. Заедно со нагледните средства, на наставниците им нуди бесплатна обука за нивно користење, како и помош при изработката на планови за час.

- Што се однесува до парите, многу ми е интересно кога директорите ќе кажат дека немаат пари за нагледни средства, а претходно никој не им ни кажал никаква цена. На пример, знам за училишта кои се жалат дека немаат ниту најобични епрувети, а цената на една епрувета е околу 20 денари. Секоја чест на исклучоците во Македонија кои навистина се трудат, но постојат дел наставници на кои оваа состојба им одговара – вели Стаменковски. Според него, сегашната состојба со користењето нагледни средства во училиштата во Македонија може да се смени за многу кратко време, но во тој процес најважно е да се вклучат наставниците, како и креаторите на наставните програми.
Подготвил: Д.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование