X
 26.04.2017 Образование

Вера Блажевска, најдобар студент и најдобар спортист на Универзитетот „Вилијам Патерсон“, Њу Џерси: Ако тренираш, не значи дека си се откажал од мозочните клетки

Моите родители со скромни примања не испратија мене и брат ми да се образоваме во САД зашто не верувале дека нашиот труд и резултати во спортот и на академско поле ќе бидат соодветно вреднувани и почитувани во Македонија. Мојот пример докажува дека во спортскиот и интелектуалниот труд вреди да се вложи, барем тука во САД. Големи се придобивките и на двете полиња...


Ништо на светот нема да има значење, ако својот живот не го употребиш за другите. Можеби претешки зборови за млада, 22-годишна девојка, но таа навистина го живее својот живот водена од оваа реченица. Потребни се само неколку минути за разговор со Вера Блажевска и веќе ви е јасно дека зад прекрасната насмевка е ведар дух кој не се предава. Како што граба во водата додека плива 100 метри градно, една од нејзините три омилени дисциплини.

Малото бестрашно девојче кое на седум години патувало само од Скопје од Њујорк денес е сениорски шампион во пливање во неколку дисциплини во Република Македонија, а во минатиот месец држеше почесен говор на Универзитетот „Вилијам Пaтерсон“ во Њу Џерси, каде беше прогласена за најдобар студент и најдобар спортист.



Но, да се биде најдобар не е ништо ново, ниту чудно во семејството Блажевски. Татко ѝ, Боро Блажевски, професионален тренер во скопскиот пливачки клуб „Вардар“ е причината поради која почнала да плива, кој ѝ ја вградил „пливачката основа“. Тука е и влијанието од братот, Марко Блажевски (кој двапати учествуваше на Олимписките игри), кој отсекогаш ѝ бил пример. И нејзиниот компетитивен карактер, кој секогаш се обидувал да го победи Марко.

- Ним им должам, и на мајка ми Нарциса - вели Вера.

Не знаеш што имаш, додека не го изгубиш

Вера има добиено многу награди и признанија. Прогласена е за пливач на годината на Спортстката конференција во Њу Џерси, воведена во Chi-Alpha-Sigma chapter бидејќи е студент со висок просек (во САД највисокиот е 4.00, а нејзиниот во моментот е 3.8), била спортист на неделата на ниво на Универзитетот, а секој семестар во изминатите четири години била на листата на која деканот фали студенти со висок просек. - Исклучително сум почестена што ги добив овие престижни награди; премногу емоции во исто време. Малку сум тажна бидејќи ова е крај на досега најубавите години во мојот живот. Наградите беа само цреша на врвот на ова убаво патување - вели Вера.

Таа не може да се сети кога се вљубила во пливањето - едноставно не го памети периодот кога не пливала. Не се сеќава ниту како научила да плива, кога првпат лебдела на грб во вода, кога прват запливала без помагала. - Некаде помеѓу првата трка, кога ми испаднаа наочарите за пливање и плачејќи, излегов од базенот и мојот прв меѓународен настап за мојот клуб „Вардар“, се вљубив во овој спорт. Но, додека не се преселив во САД и не направив двегодишна пауза од натпреварувачко пливање, немав сфатено колкава била мојата страст и љубов кон овој спорт. Можеби звучи како клише, но е жива вистина - не знаеш што имаш, додека не го изгубиш - раскажува Вера.

„Ми - бејби, Америка“

Вера е родена во Скопје. Кога имала само 7 години, отпатувала сама до Њујорк (се разбира под надзор на авионскиот екипаж). Родителите ја испратиле да го види чичко ѝ, кој всушност помогнал при нејзиното раѓање. - Никого не познавав, го знаев само неговото име, а на аеродромот ЈФК во Њујорк кога луѓето од пасошката контрола погледнаа во мојата зелена карта и видоа моја слика од бебе, единствено што знаев и им реков: „Ми - бејби, Америка“. Кога за момент стјуардесата ме остави сама, седнав на куферот и чекав - раскажува Вера.

Веројатно судбината сакала ученичката во скопската гимназија „Орце Николов“ да го продолжи животот и образованието на новиот континент. Летото 2011 година ги посетила роднините во Њу Џерси. Требало да остане во Њујорк еден месец и на 1. септември да се врати во Скопје, каде се определила да го продолжи своето образование на јазична насока.

- Длабоко во мене знаев дека овој пат не се враќам, иако моите родители не ми веруваа. Поради ураган со роднините бев заглавена во Лас Вегас. Така го пропуштив закажаниот лет до дома. По долги разговори на скајп, молења и солзи, со родителите решивме да останам тука и повеќе да се фокусирам на образованието, а помалку на пливањето. Се запишав во средното училиште „Вејн Валеј“ каде што учев трета и четврта година. Во тие две години паузирав со пливањето. Тренирав само за средното училиште – што беше многу поразлично и помалку сериозно во споредба со мојата кариера во Скопје. Тренинзите траеја само 45 минути, а сезоната само три месеци, што е многу малку за постигнување на сериозни пливачки резултати - раскажува Вера.

Студент-спортист во „Вилијам Пaтерсон“

Тогаш ја ставила во мирување натпреварувачката пливачка кариера. Се фокусирала на учењето и на прилагодувањето на американската култура. Не сакала да се откаже, но новата средина, далечината и немањето поддршка од најблиските биле причина да го стави пливањето на дното на приоритетите.



- Длабоко во себе знаев дека можам да дадам многу повеќе, но тоа не можев да го постигнам со тренинг од три месеци. За среќа, тоа го забележа мојот тогашен тренер. Двете бевме многу блиски. Иако ѝ кажав дека со завршувањето на средно училиште завршувам и со пливањето, таа знаеше дека вистински не го сакам тоа. Исконтактира со тренерот во „Вилијам Пaтерсон“ и ме пријави за регрутација. Наскоро откако се сретнав со тренерот и го запознав тимот, нешто кликна. Исчезнаа сите сомнежи дали да продолжам да пливам, дали сум доволно добра. Се чувствував добредојдена во тимот, особено од страна на тренерот. Се чувствував како дома. Наскоро се посветив на тоа да бидам студент-спортист во „Вилијам Пaтерсон“- ја продолжува Вера приказната.

Решила да студира „Нарушувања во комуникацијата“. Тоа била причината што го одбрала токму тој универзитет, поради компетитивната програма која и го привлекла вниманието. Станува збор за комбинирана програма која овозможува да добиеш магистерска диплома.

- За среќа, ме примија во втора година и есенва почнувам со постдипломските студии. Средбата со тренерот и со пливачкиот тим само потврдија дека ова е вистинското место за мене - вели Вера.

Не се откажуваме од социјалниот живот, туку добиваме второ семејство

Еден работен ден на студент-спортист е сосема различен од секојдневието на обичен студент. Да се биде меѓу најдобрите на две посебни, еднакво напорни полиња подразбира и откажувања од многу работи. Но, Вера никогаш не се запрашала што значи да се биде број еден. Вели дека прекрасно е чувството да си го слушнете името како пливач на годината, или да добиете признание како исклучителен студент, но таа на тоа повеќе гледа како привилегија.



- Имав прекрасна можност да бидам студент, но и да го претставувам моето школо како спортист. За мене тоа е вистинска чест. Има многу попаметни студенти, подобри пливачи, но тие не биле толку среќни и благословени како мене. Животот не им дал шанса. Секогаш се обидувам да ги гледам нештата од тој агол - да се натерам себе сѝ да направам нешто подобро, секој ден - објаснува Вера. Да се биде студент-спортист значи да се откажеш од голем дел од слободното време. Наместо да излезеш во петок навечер, често мора да останеш дома, да си легнеш порано, бидејќи тимот смета на тебе следното утро. Наместо еден месец зимски распуст со семејството, заминуваш на патувања со интензивни тренинзи. А кога ќе добиеш малку слободно време, учиш за да надополниш. Но, во сето тоа набиено секојдневие учиш како да си го организираш и да си го цениш времето.

- Можеби изгледа дека се откажуваме од социјалниот живот, но всушност добиваме второ семејство. Во тоа прераснале членовите на твојот тим. Учиш како да работиш со другите за да ја постигнете саканата цел. Како да бидеш добар следбеник, но и како да преземеш водство во одредена ситуација. Да можеш да ги надминеш, да успееш на двете полиња, треба да се откажеш од сите изговори и негативни мисли. Лично, напред ме турка фактот што знам дека моите противници веројатно го прават истото што и јас. Знам дека морам да направам нешто повеќе за да бидам пред нив. Да се биде позитивен, да се трудиш да останеш смирен, да веруваш во тренерот, и тоа ме мотивира; но, најважен дел е тоа што мојот тим е покрај мене. Без нивната поддршка не би можела да го постигнам сево ова. Сакам да бидам подобра бидејќи тие веруваат во мене и не можам да ги изневерам. Ништо не би имало значење ако твојот живот не го употребиш за другите. Мојата улога тука е да се обидам да ги инспирирам и да им покажам дека со напорна работа, можеме да постигнеме се што ќе замислиме - вели Вера.

Најдраг - срушениот рекорд од 1989 година на Универзитетот „Вилијам Патресон“

Следувале нови успеси. Секоја година, подобра од претходната. За четири години урнала шест рекорди, нејзиното име шест пати е испишано на ѕидот од пливачкиот базен на универзитетот. Во трета година била прогласена за ко-пливач на годината (заедно со уште еден пливач), жена на годината и пливач на годината оваа година. Лани настапила и на зимското државно првенство на Република Македонија, во четири дисциплини (50м., 100м., 200м. градно и 200м. мешано) и во сите била сениорски шампион на Македонија.



Од сите пливачки дисциплини најмногу „и лежат“ 100м. и 200м. градно и 400м. мешано. Вели дека сите победи ѝ се драги, но била многу среќна кога го срушила рекордот во 400м. мешано во втора година, бидејќи последен пат бил урнат во 1989 година.

- Исто така бев многу среќна и возбудена во победите со штафета. Фантастично е чувството кога ќе си го видам името шестпати на врвот на табелата, но чувството е десет пати подобро кога ќе видите дека победил тимот или сте победиле во штафета. Затоа што знаеш колку се трудел секој поединечно и сте дале сè од себе за да победите заедно... Тоа чувство е бесценето. Среќата веднаш се множи со три - вели Вера. Покрај мотивацијата од семејството, во успесите многу ѝ помогнал тренерот и бескрајната доверба во него.

- Никогаш не се запрашав зошто останувам дополнителен час кога останатиот дел од тимот завршуваше, но знаев дека тој знае што прави. Само слушав и правев тоа што ќе побараше од мене... и тоа на крај се исплатеше. Тука е и поддршката од мојот тим. Немам зборови да нагласам колку се важни тие луѓе за мене. Ништо не ми предизвикува поголема радост, ниту мотивација од тоа да го видам својот тим позади мене, навивајќи за мене за време на трките - вели Вера.

Не е лесно, но вреди и може да се постигне

На прашањето колку спортувањето и помогнало да биде најдобар студент, Вера како од пушка одговара - сто отсто! Така научила да си го организира времето, да го планира денот. Вели дека пливањето ја одржува свесна, ѝ овозможува неколку часа да се исклучи од светот и свежа, сконцентрирана да се врати на училишните обврски.

Пред три недели Вера имаше свое обраќање Универзитетот и одржа инспиративен говор во кој потенцираше дека и спортистите може да бидат најдобри студенти и дека неправедно се обележани како неуспешни.

- Во прва година познавав најмалку 15 девојки кои беа спортистки, а имаа и други главни научни предмети, ги учеа истите нешта како и јас. Но, додека станав сениор, бев последниот спортист. Сите други се откажаа. Не останав единствена затоа што бев подобра од нив, ниту попаметна. Туку затоа што не слушав што зборуваат за мене (поради тоа што сум спортист) луѓето кои не знаеја ништо за спортот. Имаше професори кои ми велеа дека ако сакам да бидам активна на ова поле, морам да се откажам од секоја друга воншклоска активност. Други ми зборуваа дека дека нема да влезам во одредена програма ако сум спортист. Никогаш не ги слушав. Всушност сето тоа ме мотивираше да се обидам малку повеќе и да им докажам дека не се во право. Во мојот говор сакав да допрам до оние спортисти кои се преиспитуваат дали можат да постигнат одредена цел, бидејќи секако не е лесно. Но, толку многу вреди и што е поважно - може да се постигне. Суштината е во нашата перспектива и во тоа што ќе избереме да видиме или чуеме. Ако си спортист, не значи дека нема да бидеш добар во училницата. Ако тренираш, тоа не значи дека си се откажал од мозочните клетки, напротив, ги храниш и потхрануваш поплавувајќи ги со ендорфини. Никогаш нема да ни се вратат овие четири години. Тогаш зошто да не ги направиме да бидат најдобри? - вели Вера.

Сакам да им го подобрам животот на луѓето

Таа наесен почнува со постдипломските студии. За две години ќе биде сертифициран патолог (логопед) за говорење, а потоа сака да патува. Би сакала да оди на Фиџи или во Гана и да работи како волонтер, да им го посвети своето време и знаење на луѓе кои не можат да си го дозволат финансиски.

- Сакам да им го подобрам животот на луѓето. Што се однесува до мојата пливачка кариера, би сакала да станам помошник-тренер во „Вилијам Патерсон“ - вели Вера.

Таа е веќе сосема прилагодена на американското општество и начин на живот. Сепак и недостигаат родителите, кучето Кала, кумата Нела (нејзиниот ангел-чувар) и другарките.

- Ми недостига јадењето на мајка ми, расправиите со татко ми и кафињата со другарките.

На прашањето што би им порачала на младите надежни спортисти во Македонија, Вера вели тоа е прашање за кое треба државата да се подзамисли.

- Поточно оние кои ја креираат образовната политика, образовниот систем, вклучувајќи ја и спортската развојна политика... Моите родители со скромни примања не испратија мене и брат ми да се образоваме во САД зашто не верувале дека нашиот труд и резултати во спортот и на академско поле ќе бидат соодветно вреднувани и почитувани во Македонија. Мојот пример докажува дека во спортскиот и интелектуалниот труд вреди да се вложи, барем тука во САД. Големи се придобивките и на двете полиња... Секако, секој млад човек првенствено треба да верува во своите способности, да има сон и да се стреми да го оствари.
Подготвил: В.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование