X
 05.05.2017 Култура

Интервју со Ѓоко Блажевски од „Токсиколози“: Политичарите сѐ уште се најголеми ѕвезди кај нас

„Тоа што ќе посакам“ е најновата песна на „Токсиколози“, чиј спот снимен во еден кадар неодамна беше пуштен во етер

Македонија има плодна почва од која никнуваат супер артисти и музичари. Но, иако се срушија многу бариери и предрасуди што постоеја, имаме кревка сцена, за жал. Мислам дека најголемата фалинка што ја имаме е од менаџерски и организациски аспект – вели раперот Ѓоко Блажевски, попознат како Џоле Токсиколози. Повеќе од десетина години тој е еден од најплодните рапери на нашата сцена, со многу песни и соработки зад себе. Деновиве можевме да ја чуеме и неговата нова песна „Тоа што ќе посакам“, за која е направен и интересен видеоспот. На страна на музиката, Ѓоко најмногу го интересира криминалистиката и форензиката, смер којшто го студира на Факултетот за безбедност во Скопје.



Факултети.мк: „Тоа што ќе посакам“ е Ваша нова песна. Песната има и интересен видеозапис снимен во еден кадар. Кажете ни повеќе за идејата, а и за решението за видеото, кое привлекува внимание.
- Искрено, идејата најпрвин ми беше да направам лирик-видео со слики на кои ќе биде испишан текстот, но ја сменивме во последен момент поради тоа што ни беше поголем предизвик и поради тоа што во повеќе наврати се каневме да направиме One shot видео (но не направивме), па еве сега му дојде редот. Идејата е моја и на Кирил Манчески (видеоедиторот), и е минималистичка и едноставна, а поентата беше фокусот да се стави на текстот и на зборовите.

Факултети.мк: Рапот е музика која изразува револт, а последните две-три години дојдоа како нарачани токму за инспирација. Кога се создаваат најдобрите песни?
- Рапот е музика која има раскажувачки карактер, со многу текст, рими, поенти, метафори, компарација и други стилски изразни средства со кои се користи нараторот. Не само револт, рапот изразува секаков тип емоции, ставови, критики, мислења кои ги споделува артистот со публиката, и според мене, уметникот треба секогаш да биде критички настроен, со политички вокабулар - опозиција, од аспект дека секогаш во секое општество може и треба да се стремиме да биде подобро. Големи светски артисти се многу влијателни на глобално ниво (на пример - Jay Z, N.W.A), и тoa како влијаат во креирањето на општото мислење и политики. А според мене, најдобри песни се создаваат кога целата екипа е „заглавена“ во студио подолг период и фокусот е ставен само на музиката.



Факултети.мк: Кога би требало да ја оцените хип-хоп сцената во Македонија, како би ја окарактеризирале?
- Мислам дека Македонија има плодна почва од која никнуваат супер артисти и музичари. Но, иако се срушија многу бариери и предрасуди што постоеја, мислам дека имаме кревка сцена, за жал. Мислам дека најголемата фалинка што ја имаме е од менаџерски и организациски аспект. Тука исто така би упатил апел до сите медиуми (ТВ, радио, портали) да им даваат поголема поддршка на македонската сцена и на артистите, општо, како за хип-хоп сцената така и за останатите. Кај нас сѐ уште политичарите се најголемите ѕвезди.

Факултети.мк: Студирате форензика. Може малку да ни кажете за изборот и љубовта кон оваа област?
- Криминалистиката и форензиката се моја љубов и желба од најрана возраст. Кога дојде ред и јас да станам академски граѓанин, во ниеден момент не се двоумев што треба да студирам и каде да се надградувам. Форензиката е многу комплексна наука со мултидисциплинарен карактер и во Македонија е прилично нова и нема баш многу литература и кадри, а на тоа укажува фактот што само јас сум запишан на оваа насока на Факултетот за безбедност во оваа студиска година. И да, не е како не филмовите, потешко е.



Факултети.мк: Пред една година го промовиравте Вашиот албум „Пушти глас“. Задоволни ли сте како публиката го прими албумот? Направивте ли турнеја за промоција на песните?
- „Пушти глас“ е нашиот прв албум како „Токсиколози“ (Џоле, Сиги, Кацар). Сакавме да направиме и направивме малку поразлична промоција, т.е. концертна промоција во МКЦ во соработка со „ДМА продукција“. Ги собравме сите гости на албумот, сите пријатели и нашата публика и им го презентиравме материјалот со настап во живо. Ние сме задоволни од промоцијата, а се надевам и публиката што беше таму, а потоа направивме промоција и во неколку други градови.

Факултети.мк: Што е следно од Џоле и „Токсиколози“?
- За албумот направивме 7-8 видеа и спотови и тука завршуваме со тоа. Моментално сме фокусирани на подготовка на нов материјал за „Токсиколози“ и три видеа на соло-песни на Џоле, Кацар и Сиги од кои првото беше за „Toa што ќе посакам“.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура