X
 11.05.2017 Култура

Интервју со Андријана Бошкоска-Батич: Ако не завршите Академија за театар во Љубљана, тогаш сте никој и ништо во Словенија!

Толку малку се снима овде, што да добиеш можност да работиш на филм е исто како да си добил седумка на лото! Преблагодарна сум му на универзумот - за новата улога, за улогата во ТВ-серијата што до пред малку ја снимав, за улогата во филмот „Case Osterberg“, за новата соработка со режисерот на филмот, Матеј Нахтигал...



Пред десетина години таа беше една од највпечатливите актерки од поновата генерација во Народниот театар во Прилеп – надежна, талентирана, убава. Но коцките така се наредија што Андријана Бошкоска-Батич одлучи да замине во Словенија и таму да ја негува љубовта кон актерската професија. По неколку тешки години на приспособување и учење на јазикот, таа денес работи како слободен уметник, игра во претстави во различни театри, снима серии, филмови.

Признава дека многу би сакала да игра во македонска претстава или филм. Вели: „Ми недостигаат колегите, нивниот хумор, дружењата! Во Словенија не е така! Се дружиме, но во помали групи“.

Факултети.мк: Имате нов проект, филмот „History of love“, копродукција помеѓу Словенија, Норвешка и Италија. За каква улога и филм станува збор?

-Протагонистката Леа ја игра млада актерка која е студентка. Јас ја играм Леа возрасна, во паралелната приказна што се отвора во неколку наврати во филмот. Станува збор за психолошка драма, режисерката е од Словенија, Соња Просенц. Во филмот играат норвешката филмска ѕвезда Кристогер Јонер и еминентни словенечки актерски имиња како од постарата така и од помладата генерација. Улогата не е голема, но ми е предрага! Не ги делам улогите на големи и мали! Секогаш се шегувам, „биди мајстор и со мала улога остави некој печат!“ Да те запаметат, да те споменат во критика! Верувале или не, толку малку се снима во Словенија, што да бидеш избран, да добиеш шанса да работиш на филм, е исто како да си добил седумка на лото! Преблагодарна сум му на универзумот - за оваа улога, за улогата во ТВ-серијата што до пред малку ја снимав, за улогата во филмот „Case Osterberg“, за новата соработка со режисерот на филмот, Матеј Нахтигал...



Факултети.мк: Заминувањето никогаш не е лесно. Ви дојде како голема промена со оглед на тоа дека заминавте од сигурно работно место, па влетавте во нова средина, каде што допрва требаше да Ве запознаат?

- Не сакам ниту да помислам каква беше промената што ја доживеав пред десет години. Огромна! Страшна! Сега кога размислувам, кога гледам од толкава временска дистанца, си се чудам на самата себе колку сум била храбра. Не знаев што ме чека. Го спакував целиот мој дотогашен живот во два куфера, седнав на авион и за час и половина бев таму, Андријана – никоја и ништо! Само жена и сопруга, а не актерката од Прилепски. Ах, морници ми поминуваат! Не беше лесно, воопшто. Сета моја аура, мојот актерски багаж и биографија, не значеа баш ништо! Ме спасуваше љубовта. Само таа ме водеше напред, ми даваше сила да не потонам. Љубовта кон мојот сопруг Примож и кон синот Валент. Љубовта што ја давав и ја добивав. Во моменти на слабост помислував зошто го направив ова? Непреспиени ноќи, солзи... Ние, актерите, сме таква сорта, актерот што не стои на сцена или пред камера е несреќен. И ете, не се откажав, амбицијата, упорноста и повторно ќе ја споменам љубовта кон работата, театарот, ме водат полека, но, сигурно, да уживам во мојата професија и да ги покажам моето знаење, искуство и талент. Да не бидам сфатена погрешно за талентот. И да, тоа е тоа – сигурното работно место! Тоа ми фали најмногу во моментот. Поточно, сигурноста, спокојот што го уживаш, социјалната сигурност итн... Овде сѐ уште не сум вработена, имам статус на слободен уметник што го добив пред една година.



Факултети.мк: Не се откажавте од театарот ниту во Словенија. Со кои театри соработувате и дали Ви беше проблем да се вклопите во новата културна средина, со оглед на тоа дека сепак работите на немајчин јазик?

-Словенечкиот јазик... мама миа, колку е тежок! Претходно немав шанса каде да го сретнам, да го слушнам. Македонскиот јазик нема двоина, самогласките ги изговараме сите исто, затворени. Е овде, самогласките А и Е, зависи од согласките што се до нив, се изговараат различно и се отворени или затворени... акцентот, падежите, мелодијата, колку препрочитани книги, стручна литература, преслушани милион звучни книги. Соработувам со Народниот театар од Нова Горица и со уште неколку театри – Крањ, Трст, бидејќи играв во една копродукциска претстава. И пред неколку години соработував со приватниот театар „Тип“ од Љубљана.



Факултети.мк: Словенците, според наши сфаќања, важат за малку резервиран народ, какво е Вашето искуство?

-Мојот прв „шок“ што го живеев беше токму тој, колку ли се Словенците резервиран народ! Многу! А од театарските и филмските кругови, пак, да не зборувам! Херметички затворени. Мојот сопруг и неговата фамилија се „обични смртници“. Театарските кругови почнаа да ги запознаваат заедно со мене. Да беше сопругот од мојата бранша, претпоставувам дека ќе ми беше полесно. Знаете, овде се води една чудна „политика“, а тоа е дека доколку не сте студирале на Академијата за театар, радио, филм и телевизија, тогаш сте никој и ништо! Тие си се богови. Словенци што завршуваат факултети во други држави не се прифатени. Многупати сум била дискриминирана, и тоа многу отворено ти кажуваат, но во оваа пригода подобро да не кажувам што точно ми рекле и што сум чула. Не знам, можеби секаде е така. Стравот од туѓото, непознатото, новото. Погледнете што се случува и каков третман имаат сириските бегалци. Се плашиме да ги прифатиме, не ги сакаме. Не ги ни познаваме, а и не си дозволуваме да ги запознаеме подобро!


Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура