X
 11.05.2017 Живот

Учениците трпат и боксови и омаловажување, образовните институции ретко ги решаваат овие проблеми

Клоци, боксови, скршен нос, но и пцовки, навреди, потсмев и омаловажување доживеале многу деца во македонските училишта. Дека врсничкото насилство или т. н. булинг  е присутен во нашите училишта покажа и нашата онлајн анкета на која одговаа родители. Над 40% од родителите ни изјавија дека нивното дете било цел на напад од страна на деца од одделението или училиштето каде што учи. Дел од децата завршиле и со дијагноза депресија и анксиозност.


Децата живеат во страв

Врсничко насилство е секоја форма на непосакувано и агресивно однесување и насилство во училиштата, кое за жал не застанува таму, туку продолжува да ги следи децата во домот, преку интернет  или социјалните мрежи. Жртви на ваков тип на насилство може да бидат сите ученици, машки и женски, на било која возраст. Жртвите вообичаено се поразлични од групата врсници или со некоја постапка или однесување се издвоиле од останатите. Психолошките последици кон малтретираните деца може да бидат сериозни. Во многу земји, има регистрирано случаи и на самоубиства како последица на врсничко насилство. Родителите кои ги споделија своите страотни искуства со нас, велат дека вложиле многу труд, трпение и време за да ги вратат децата на вистинскиот пат и да не дозволат последиците по нивното психичко здравје да бидат поголеми.

На прашањето каков тип на врсничко насилство доживеало нивното дете повеќето одговорија дека се работи и за психичко и за физичко. Еве дел од нивните одговори:

- Моето дете доживеа вербално насилство. Резултираше со детска депресија и анксиозност. Огромен труд вложив за да не ја изгуби самодовербата и да се оформи како здрава личност која ќе може да ги разбере и класифицира случувањата кои беа дел од нејзиното детство.

- Физичко и психичко насилство и уште живее во страв и нон-стоп се јавува дома на телефон, се плаши само да излегува. Не може да спие.

- Моето дете доживеа навредување во училиште, социјални мрежи, последица е намалувањје на самодовербата, повлекување во себе, нервоза, агресија.

- Го навредуваа и тепаа, а тој не сакаше да оди на училиште.

- Вербално насилство како резултат на добивање пцовки и навреди од врсници во училиштето и психичко како резултат на игнорирање и избегнување од страна на останатите ученици. Психичкото здравје беше нарушено во голема мера - преголема чувствителност, повлеченост, недостаток на самодоверба па дури и појава на тикови.

- Исмејување од машките дека многу и се влакнести рацете, а последица, не сака да носи блузи со кратки ракави и носи џемпер( јакна) или бара да се издепилира.

- Многу чести вербални напади, понекогаш и физичко злоставување поради кои чувствува силна несигурност во себе и развива пречувствителност за секаква критика.

- Неприфатена, последиците се несигурност, незадоволство.

- Психичко малтретирање заплашување и игнорирање. Имаше многу комплекси и страв да оди на училиште.

- Влечење по ходниците и закани со  тепање од малку постари соученици. Последици нема, затоа што веднаш и енергично дејствував.

Родителите оставени сами да им помогнат на своите деца

Ако вашето дете е жртва на врсничко насилство образовната институција, наставниците, како и стручните служби се должни да ви излезат во пресрет и да  не ја игнорираат состојбата. На прашањето до родителите како го решиле проблемот со врсничкото насилство, многумина одговорија дека не добиле помош од училиштата, а некои побарале интервенција и од полиција. Само неколкумина од анкетираните проблемот го решиле со помош на надлежните од училиштето, како и наставниците. Ретко наидувале на желба да се реши ситуацијата и од страна на родителите на децата што малтретирале.

Ова се дел од одговорите на родителите:
- Родителите не презедоа мерки, образовната институција минимални, па пријавивме во полиција како опомена до родителите.

- Реагирав, родителите не сакаа да разговараат,службите многу несоодветно реагираа,во смисла станува збор за деца, и тоа е нормално...
- Училиштето не помогна и моравме сами да го решиме проблемот со разговор со нивните родители. Потребни се работилници во училиштата на тема насилство.

- Одговорните лажат дека ќе превземат мерки, повеќето родители не се запознаени со однесувањето на нивните деца.

- Одговорните само ја влошија ситуацијата( немале искуство-почетници се ) сега има преставка до просветен инспектор.

- Го префрлив во друго одделение, а булингот започна со навредите и омаловажувањата на одделенскиот наставник. Децата едноставно ја преземаа нејзината негативност.

- Го префрлив во друго училиште. Родителите не беа убедени дека нивните деца се криви.
- Родителите воопшто не сакаа да се внесуваат во решавањето на проблемите, особено не оние чии деца беа инволвирани во насилството. Додека наставниците и соодветните служби сето тоа го припишуваат на возраста и пубертетот, додека имаше и наставници кои суптилно ги охрабруваат насилните ученици. Многу голема улога има и партиската припадност на родителите, како и нивната позиција во општеството. Ова е сериозен проблем кој треба сериозно да се актуелизира затоа што децата кои се жртви имаат огромни психички последици, а на индиректен начин и целото семејство кое е беспомошно да стори било што да го заштити детето.

- Разговори дома објаснување какви се во суштина луѓето кои имаат потреба да ги малтретираат другите, совети како да се избори за себе и како да се опкружи со стабилни и здрави деца. Од училиштето поточно од класната никаква поддршка напротив застана на страна на насилникот и го поттикна таквото однесување кон моето дете иако и донесовме и писмена конверзација на социјални мрежи и докази за малтретирање.

- Од образовната институција одлучивме да ја вклучиме наставничката која активно се заложи за помагање во решавање на проблемот. Проблемот го изнесовме на родителска средба пред родителите на учениците и баравме сите родители активно да се вклучат преку разговори со своите деца. Ние лично се ангажиравме преку разговор со родителите на тие деца што беа најодговорни за малтретирањето. Проблемот во најголем дел е решен но треба уште да се работи на самодовербата и повлеченоста.

- Јавно го кажав проблемот на наставничката, пред Советот на родители и пред директорката на училиштето бидејќи и сум член на советот. Па ги замолив да се погрижат да престане тортурата, насилството, булингот бидејќи поцнуваше да станува се понеподносливо и премногу влијаеше на однесувањето( психата ) на моето дете. Па така со нивна помош се изборивме заедно да се стави крај на таквото насилничко однесување и потсмевање.
Подготвил: М.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот