X
 18.05.2017 Образование

Интервју со Мирко Трајковски, професор и научник во Женева: Откритието е неверојатно доживување, а возбудата од него е како нов освоен врв!

Домашното воспитување ми ја даде основата за успех. Од животот по скопските улици и сокаците кај баба ми во Буњаковец, справувањето со ситуации, одмерувањето на аргументите на различните мислења, сестраноста, преку секакви игри, итроштини и снаодливост; до шетањето по планините со татко ми, поуките на мајка ми и семејството – сите тие работи ме градеа како личност и ми го дадоа најдоброто образование и подготовка на она што доаѓа!



Тој е врвен научник и почитуван професор на катедрата за Физиологија и метаболизам  на Универзитетот во Женева. Др.Мирко Трајковски повеќе од десет години живее во странство. Германија, Швајцарија, Англија се земјите низ кои се одвивало неговото високо образование. Во Скопје завршил Фармацевтски факултет, а гладта за знаење и наука го одвела на врвни универзитети и институти. Дијабетесот е една од болестите на која се посветил научно.

Факултети.мк: Како ви се нижеа изборите за докторско и постдокторско образование?


-Уште за време на студиите знаев дека сакам да „мучкам нешто паметно”. Со тек на времето како што учев и созревав, ми стануваше сé појасно што е тоа „нештото” што сакам да го работам. Така и ги правев изборите на места за натамошно школување и надградба. Почнав да волонтирам во МАНУ и истовремено аплицирав на многу места за докторски студии. Во тоа време (2001) се отвораше елитниот Институт за клеточна биологија и генетика „Макс Планк“ во Дрезден. Благодарение на визионерството на челните луѓе таму, вратите на овој прочуен институт беа отворени за апликантите како мене (кои потекнуваат од средина со релативно скромна научна дејност, но со проверен потенцијал за научна надградба), па бев поканет на интервју. После тоа, останато беше во моите раце. Мојот докторат беше прогласен за најдобар на Универзитетот во Дрезден (вклучитно и на „Макс Планк“), па продолжив со постдокторска наобразба на Швајцарскиот федерален институт за технологија (ЕТН) во Цирих (каде што работел А.Ајнштајн). Успехот и престижните публикации во Nature, Nature Cell Biology итн. од Цирих  беа основа да добијам понуди од повеќе престижни универзитети, меѓу кои беа и тие од Оксфорд и Лондон. Како доцент на UCL (University College London), Универзитетот ми даде исклучително силна поддршка, а мојата лабораторија беше на местото на куќата на Чарлс Дарвин. Инспиративна околина, зарем не! По некое време се вратив во Швајцарија како професор на Универзитетот во Женева спонзориран од швајцарската научна фондација под покровителство на владата.   

Факултети.мк: Од денешна перспектива, можете ли да кажете дека од своето образование во Македонија добивте добра основа за понатамошната надградба по најдобрите универзитети во Европа?

-Имав среќа да стекнам сестрано образование, иако со релативно скромни услови за практична обука. Она што сигурно можам да го кажам е дека најмногу од сé, домашното воспитување ми ја даде основата за успех. Од животот по скопските улици и сокаците кај баба ми во Буњаковец, справувањето со различните ситуации, одмерувањето на аргументите на различните мислења, сестраноста, преку секакви игри, итроштини и снаодливост; до шетањето по планините со татко ми, поуките на мајка ми и семејството – сите тие работи ме градеа како личност и ми го дадоа најдоброто образование и подготовка на она што доаѓа. Pазноликоста и богатството од искуствата и контрастите на мојата земја нижени со милениуми, звуците, мирисите, вкусовите - тоа се основи што ги носиме со себе каде и да сме и што ни даваат предност пред другите.
Нашата иднина е во изборите што ги правиме. А изборите произлегуваат од нашата личност и во искреноста пред себе. Спознанието на тоа што вистински сакам, вербата во себе и одговорноста пред себе, пред се, во сопствената истрајност, но и рефлексот за препознавање и користење на можностите. Колку и да е забележително и значајно она што до денес сум го направил, верувајте дека моето чувство кон стореното е скромно и сум брутално нескромен спрема моите очекувања од себе си за натаму. Знам дека секогаш може и повеќе и подобро, како мој основен животен избор.

Факултети.мк: На Универзитетот во Женева предавате метаболизам и метаболички заболувања. Ова е проблематика што Ве интересира одамна. Што најмногу Ве привлекува во неа, со оглед на тоа и дека научно сте многу посветени?

-Има повеќе работи што ме привлекуваат. Во науката имаме целосна слобода во размислувањето, а креативноста, критичката мисла, знаењето и посветеноста доаѓаат до израз. Науката и користа од откритијата подеднакво им припаѓаат на сите човечки битија. Заедно, сето тоа е една бескрајна сфера на единството на цивилизацијата - на беспоштедна размена на давање и земање. Огромна е радоста што ја пружа оваа слобода. Откритијата ги доближуваат луѓето, затоа што ги поместуваат границите на нашето разбирање за тоа како функционира човечкото тело, со цел за изнаоѓање и примена на нови терапии. Откритието само по себе е неверојатно доживување, а соочувањето и возбудата од откритијата ги доживувам како новоосвоен врв, нова љубов. А се вечни!



Факултети.мк: Вие сте еден од ретките Македонци што се добитници/носители на грант (1,5 милиони евра) од Европскиот истражувачки совет (European Research Council). На што сте фокусирани периодов научно?

-За време на школувањето и студиите добиваме слика за тоа како глобално функционира нашето тело. И добиваме впечаток дека речиси веќе сé е познато, а всушност не е.. На пример, дури последните неколку години луѓето открија, на пример, дека кај човекот постои цел еден орган што сме мислеле дека е присутен само кај новороденчињата – кафеното масно ткиво. Негова примарна функција е да создава топлина како начин на заштита од хипотермија при изложеност на ладно. Интересно е што при тоа, кафеното масно ткиво согорува достапни шеќери и масти складирани во белото масно ткиво, па така придонесува за слабеење и подобра контрола на шеќерот во крвта. Затоа, наоѓање на начини да се стимулира неговата активност се ветувачки нов пристап за третман на дебелината и на метаболичките заболувања што се поврзани со неа.
Натаму, човекот живее во симбиоза со бактерии што сочинуваат 50% од сите клетки во нашето тело и кои колективно ги нарекуваме микробиота (или микрофлора). Човечката ДНК, кога го гледате човекот како една целина, е само 1/150 дел од сите геноми што се присутни во нашето тело. Останатите се на нашата микробиота!  Едно од неверојатните откритија во последниве неколку години е дака трансплантирање на микробиота од луѓе со зголемена телесна тежина е доволна да придонесе кон здебелување и предиспозиција кон метаболички заболувања кај реципиенти (лабораториски глувчиња). Исто така, откривме и дека изложеноста на ладно ја менува структурата на нашата микробиота, што е доволна да придонесе кон слабеење и подобрување на метаболичките параметри при нејзина трансплантација, трудови што ги објавивме во престижните списанија Cell и Nature Medicine. Овие концептуални откритија отвораат целосно нови научни хоризонти и полиња за истражувања – на пример како да ја дизајнираме структурата на нашата микробиота и со тоа да придонесеме кон слабеење и подобро метаболичко здравје.

Факулети.мк: Каква средина е Швајцарија за лекарите и професорите?

- Луѓето тука имаат неверојатно изградено чувство за општа вредност и добро, пред индивидуалната корист. Мојата работа се перцепира како успех на Универзитетот каде што работам и на државата Швајцарија. Сакале и успеале да создадат услови да привлечат истакнати научници. И овој стил функционира во сите други области – еден другар од детството е, на пример, супер-истакнат инструктор по скијање во Сент Мориц. Дечкото е одличен во тоа што го работи и поради тоа е почитуван и баран!
Науката во Швајцарија, како и во сите напредни средини, се цени, се ценат професорите и научниците што се добитници на престижните домашни и пред сé, европски научни фондови и што објавуваат трудови во престижни светски научни списанија – конечно, тоа се најважните критериуми за напредување. И постојат многу начини откритијата и иновациите што произлегуваат од универзитетите да бидат преточени во старт-ап компании. Со тоа се затвора кругот и вложените средства се враќаат повеќекратно. Тоа дополнително ја храни економијата и остава простор за натамошни вложувања.
Тука професор се станува низ многу отворен процес. Швајцарската влада ги финансира овие професури, каде што апликантите аплицираат со поддршка од некој од швајцарските универзитети, а успешни се околу десетина проценти во сите дисциплини. Значи, исклучително компетитивна постапка, но со тоа ги минимизираат шансите за непотизам и овозможуваат селекција на најквалитетните луѓе и нивно задржување во земјата. Таков рецепт треба да постои и во Македонија.



Факултети.мк: Имате ли соработка со некоја македонска образовна институција?

-Има потенцијал за соработка со неколку фантастични луѓе и научници од Македонија – се надевам дека конечно нашите контакти ќе се конкретизираат. Моите лични, па и семејни контакти, на пример со г-ѓа Мирослава Илиевска од “Алкалоид”, овозможија заедничка публикација во Nature Medicine, едно од најпрестижните светски научни списанија. Значи, постои билатерална соработка и таа ќе продолжи и во иднина, но исклучително на лично ниво. Потребно е востановување на практичен и објективен систем –проект на повисоко ниво за соработка и привлекување кадри , што првенствено е во интерес на Македонија.

Факултети.мк: Сте се обиделе да се вработите на некој од медицинските факултети во Скопје, но безуспешно. Од денешен аспект, сметате ли дека со таквиот игнорантен однос, само ви направија услуга?

-Тешко може да се изврши објективна проценка на оваа одлука. Можеби, гледајќи ја глобално мојата научна работа тоа беше корисна услуга, имајќи ги предвид неспоредливите услови за работа овде. Но долгорочно, за Македонија и можностите за напредок на македонската наука и младите кадри, секако – не!
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование