X
 18.05.2017 Живот

Разговор со Горан Ѓоргоноски, маркетинг менаџер на „КМГ Спорт“: Образованието и спортскиот дух се незаменливи водилки во животот

Комуникативен, позитивен, упорен и борбен е Горан Ѓоргоноски, поранешен македонски ракометен репрезентативец, а сега основач и менаџер на маркетинг агенцијата „КМГ Спорт“.  Како што порано со голем жар играше на паркетот, сега го освојува маркетинг пазарот, спојувајќи ги спортот и образованието. Токму тој спој, вели Ѓоргоноски, кај него се покажал како еден од најважните сегменти во животот



Факултети мк: „КМГ Спорт“ е организатор на досега најмасовниот ракомтен камп на ракометарот на Барселона, Кирил Лазаров, кој ќе се одржи во Македонија. Од 20 јуни до 02 јули во Охрид, нашиот најдобар ракометар со неговите пријатели ќе им биде домаќин на деца и млади од 8 до 18 години. Ќе се обидат колку што е можно повеќе тие да добијат ракометно знаење. Како тече организацијата и колкав е интересот?

- Годинава, трет пат по ред ракометниот камп „Кирил Лазаров 7“ ќе се одржи во Охрид. Кампот ќе биде најмасовен до сега и ќе го организираме во две смени. Организацијата на ваков тип настани е многу комплексна и чувствителна, бидејќи се работи со најискрената група, а тоа се децата. Од една страна, работата на вакви настани бара огромна одговорност, а од друга страна целосно ве исполнува кога ќе го видите задоволството и кај децата и кај нивните родители.
Ние моментално сме во финалната фаза и додека го пополнуваме бројот на учесници во кампот, нашиот медицински партнер „Филип Втори“ ги врши здравствените прегледи на кандидатите. Паралено со тоа, засилено се подготвува опремата, а промоција на гостите на кампот е во полн ек. Позитивно сме изненадени од големиот интерес, и покрај неодмана објавената информација за целосна пополнетост на втората смена, многу наскоро ќе се пополни и првата.
Интересот е навистина огромен, а обврските уште поголеми, но искуството од минатите години многу ни помага за нивно навремено завршување.

Факултети мк: Колку ваквите кампови влијаат врз развојот на младите како ракометари, но и како личности?


- Нашето досегашно искуство покажува дека ваквите кампови не само што позитивно влијаат на спортскиот, конкретно ракометниот, развој на децата, туку има и силен позитивен одраз и на нивната севкупна личност. Иако кампот трае седум дена, во тој период секој учесник има најмалку 13-14 групни и 5-6 индивидуални тренинзи. Кај најголемиот дел од учесниците е евидентиран напредок, како во делот на ракометната игра, така и во останатите сегменти – од идивидуалниот пристап кон тренингот, па се до тимското однесување, и тоа не само на спортскиот терен туку и на заедничките оброци, во дружењето кога имаат слободно време... Позитивното влијание врз децата во нивниот развој како идни ракометари е уште поголемо благодарение и на советите од најдобрите македонски играчи и тренери, како и од гостите од странство во кампот, што навистина е ретка можност за почетниците не само кај нас туку и многу пошироко.
Придобивка плус во нашиот камп е што децата не учат само ракомет, туку имаат можност да видат како изгледа комплетниот животот на еден професинален спортист од рангот на македонскиот репрезентативен капитен и светска ракометна ѕвезда Кирил Лазаров. Кај дел од децата тоа е иницијална каписла во менување на менталниот склоп и прифаќање на одредени навики кои понатаму ќе им помогнат и во спортската кариера, но и во многу други сегменти од животот.

Факултети мк: Дали има таленти што поминале низ кампот а веќе се репрезентативци или членови на познати ракометни клубови?

- Секако. Особено во редовите на кадетските и јуниорските репрезентативци од нашата држава, бидејќи 70-80 отсто од учесниците во кампот се од Македонија. Но, имаме и случаи како оној од минатата година кога капитенот на јуниорската репрезентација на Романија беше дел од нашиот камп, или случаи како што имаме сега кога јуниорски репрезентативец на Словенија, кој иако се опоравува од тешка повреда, ќе присуствува во кампот на Лазаров. Оваа година во нашиот камп ни доаѓаат дваесетина играчи и двајца тренери од ракометната велесила Данска. Сето тоа, а на наше големо задоволство, покажува дека овој камп полека, но сигурно, се позиционира многу високо во ракометна Европа.

Факултети мк: Вие сте поранешен македонски ракометен репрезентативец. По завршувањето на професионалната кариера вашата работа се некако е поврзана со ракометот. Сигурно не случајно.

- Тоа апсолутно не е случајно. Од кога знам за себе, мојот живот во најголема мера е поврзан со спортот, иако во меѓувреме се стекнав и со дипломи од Градежениот и од Економскиот факултет. Ова не го кажувам попусто, бидејќи и таму, каде што во моментов заедно со тренерот Владимир Глигоров тренираме деца, постојано се обидувам да им покажам дека спортот е важен, но дека, сепак, образованието е најважно. Тие две работи, спортскиот дух и образованието, се незаменливи водилки низ животот.
По завршување на мојата кариера, клубот Металург, во кој играв цели 10 сезони, ми даде можност да работам во делот на спортскиот маркетинг, со што, во голема мера, ми ја предодреди мојата професија по завршување на спортската кариера. По мојата работа во Металург, се случи соработката со нашиот најдобар спортист, Кирил Лазаров, преку која соработка повторно сум во ракометот и во спортот воопшто.

Факултети мк: Колку и како ракометарот Ѓоргоноски му помага сега на менаџерот Ѓоргоноски?


- Многу, навистина многу. Знаеме дека спортот има важна функција во развивањето на борбеноста, посветеноста и истрајноста кај една личност. Тоа се карактеристики кои во деловниот свет се и тоа како потребни на една личност кога работите не одат како што треба, кога треба да се оди напред и кога не треба да се откажеш од она што сакаш да го постигнеш, без оглед колку е тешко или на какви пречки ќе наидеш. Од друга страна, пак, многу добро е познато колку спортот придонесува за социјализацијата на една личност и за развивањето на комуникациските способности кои во мојата работа се повеќе од добредојдени. Како краен бенефит е и тоа што спортот овозможува огромен круг на пријатели и познанства што е особено важно во развивање на мрежа на соработници. Со оглед на сите овие факти, менаџерот Ѓоргоноски навистина многу му е благодарен на ракометарот Ѓоргоноски.



Факултети мк: Сега сте фокусирани на летниот камп. Што следно да очекуваме од вас?


- Добар дел од ресусрсите на мојата агенција се „трошат“ на организација на кампот, иако самата организација стартува со стартот на годината. Со првите два кампа се наметна потребата од работа со деца на подолг период во текот на целата година, па во периодот што следува ќе се насочиме кон тој сегмент. За сега толку можам да најавам, но за многу кусо време ќе има и повеќе детали и многу добри вести. Паралелно со тоа, агенцијата работи во делот на т.н дигитален маркетинг, каде што имаме неколку клиенти.
Во иднина посебно ќе се фокусираме и на едно друго поле од нашето работење. Имено, новиот Закон за спорт дава добри можности за вложување во спортот, односно средствата од данокот на добивка да можат да се вложуваат во спортот, што мене, како спортист особено ме радува. Токму поради тоа, во периодот што следува, нашата агенција ќе се насочи и кон едукација на компаниите за тоа како да ја искористат таа законска можност средствата од данокот на добивка да ги насочат во спортот.

Факултети мк: Со толку многу активности и планови, батериите дури и на спортист се празнат. Како ги полните?


- Генерално со спортски активности, но со многу помал интезитет. Многубројните повреди не ми овозможуваат голема спортска активност како што некогаш ја имав, но утринското пешачење покрај Вардар ми е редовна „терапија“. Од оваа година полнач на батериите ми е и работата со децата во школото за ракомет „Блаже Конески“, заедно со професорот Владимир Глигоров. И секако, викендите во родната Струга, нешто што секогаш ми ја враќа енергијата.

Факултети мк: Уште нешто интересно од вашиот приватен живот. Со секој ваш коментар на социјалните мрежи ставате хаштаг #tolkusemozese кој стана ваш заштитен знак. Зошто? Што сакате да кажете со тоа?

- Тоа е една интересна приказна. Во нашиот крај, кога ќе завршиме добро некоја работа, кога ќе направиме нешто убаво и вредно, се користи една фраза со која ем ќе покажеме дека голема работа сме направиле, ем ќе излеземе скромни. Таа фраза е „Толку можев“. Хаштагот #tolkusemozese изворно не е мој, туку на еден мој познаник, Младен Ѓуровски. Јас некако го поврзав со „нашата“ поговорка „Толку можев“ и го користам како мој. И во иднина редовно ќе го користам се додека Младен не ми побара авторски права.
Подготвил: Н.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот