X
 19.05.2017 Образование

Разговаравме со Мартина Солунчевска, дел од тимот на организатори на СИД 2017

Оваа година, ИАЕСТЕ беше домаќин на 32-от интернационален Семинар за развој, СИД. На семинарот учествуваа над 60 странски делегати, претсттавници од сите земји членки на ИАЕСТЕ.

Овогодишниот семинар за развој СИД подготви предлози за надзорниот одбор и за Генералната Конференција кои се однесуваат за развојот на ИАЕСТЕ. За постигнување на целта, учесниците на семинарот споделуваат нови и иновативни идеи кои се оформуваат на работни групи поделени во 5 категории: размена на пракси, ИТ платформа за размена, маркетинг, стратешки развој и водич за работење со практикант.

отворање
Фото: ИАЕСТЕ


Факултети: Најпрво, нешто повеќе за СИД - за каков семинар станува збор и од колкаво значење е истиот?


- Семинарот за развој на ИАЕСТЕ (Strategic IAESTE Development) е интернационален настан, втор по големина и важност, кој се одржува секоја година во една од земјите членки на ИАЕСТЕ ширум светот. Целта за одржување на СИД е преку работни групи да се продискутира за досегашната и идната работа на ИАЕСТЕ на интернационално ниво, да се дефинираат приоритетите и сите членови да се фокусираат на подобрување на работата на организацијата на национално и интернационално ниво. Овој семинар на едно место ги собира челните луѓе кои раководат со националните комитети од сите земји, и тоа универзитетски професори, но и студенти кои се на почетокот од својата академска кариера.

Факултети: Колку сте задоволни од СИД и како помина семинарот?

- Нашето најголемо задоволство како организатори на семинарот беше пред се можноста да бидеме домаќини и на делегатите да им ја прикажеме нашата држава и нашиот национален комитет во најдобро светло. Секој ден беше специфичен и интересен да се доживее на свој начин. Од неформалниот дел, секоја вечер беше исполнета со различна активност: коктел забава, интернационална вечер, гала вечер - забави со алумни членови и новостекнати ИАЕСТЕ пријатели од целиот свет.

работна маса
Фото: ИАЕСТЕ

Факултети: Како овој семинар влијае врз развојот на ИАЕСТЕ?

- Сите предлози и идеи за развојот на ИАЕСТЕ, како што спомнав, се оформуваат на работни групи кои се поврзани со различни активности на ИАЕСТЕ и се поделени во 5 категории. Оваа година имавме работни групи на теми: размена на пракси, ИТ платформа за размена, маркетинг, стратешки развој и водич за работа со практиканти. Секоја од работните групи има свои лидери, кои пред почетокот на семинарот се подготвуваат изработувајќи план со насока во која треба да се движи самата дискусија. За време на работните групи, тие ги охрабруваат учесниците да придонесат со нови и иновативни идеи за постигнување на главната цел. А целта е да се подготват предлози за надзорниот одбор и за Генералната Конференција, кои ќе донесат позитивни промени во ИАЕСТЕ.  

Факултети: Кои се придобивките на учесниците на овој семинар и што тој понуди за нив?

- Покрај промоција на нашата држава во светот, главните придобивки од оваа културна размена се: подобрување на соработката меѓу земјите членки на ИАЕСТЕ, вмрежување и размена на контакти со учесниците на семинарот и чекор поблиску до потребните лични и професионални вештини кои треба да ги има секој студент. По семинарот следи и позабавен дел, во вид на неколкудневна постсеминарска тура низ земјата домаќин, која е супер можност за дружење со останатите луѓе од Европа со кои ИАЕСТЕ ни е заедничка страст. Оваа година, постсеминарската тура за делегатите понуди можност за посета на Матка, како една од најпопуларните атракции во близина на Скопје за одмор и рекреација, нешто вредно да се посети во било кое време од годината.

3
Фото: ИАЕСТЕ

Факултети: Чии гостувања би ги издвоиле како најмаркантни?

- Пред се`, компаниите Фармахем и Musala soft, како едни од главните поддржувачи на СИД, кои не почестија со нивното присуство на отворањето на семинарот и Интернационалната вечер. Исто така, сакаме да упатиме особена благодарност и до г-дин Роберт Смилески, претставник од компанијата Кнауф и алумни член на ИАЕСТЕ Македонија, чиј говор значително придонесе за позитивна атмосфера уште од првиот ден. За крај, делегатите кои пристигнаа од 25 различни држави (најмногу од Европа, но и од земји како Индија, САД и Палестина). Дел од нив имаа улоги на лидери на работните групи, а дел зедоа и активно учество во дискусиите. Така што, присуството на секој поединечен делегат е важно за нашата организација, бидејќи без нив СИД не би бил еден од најголемите достигнувања за нас како организатори. Им благодариме на сите и до скоро видување на некој од идните интернационални настани на ИАЕСТЕ!
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование