X
 23.05.2017 Економија

Македонците купуваат облека и различна опрема од странство - поевтино им е

Трговците се правдаат дека цените во земјава се поскапи поради малиот пазар и немањето конкуренција, додека економистите потенцираат дека тоа е поради наметнатите високи маржи од трговците кои сакаат повеќе да заработат со помала продажба.



Облека, чевли, спортска опрема, велосипеди, бела техника, долг е списокот на производи кои во странство може да се најдат за многу пониски цени отколку во Македонија. Голем дел од граѓаните остануваат вчудовидени кога престојуваат во некоја друга земја или пребарувајќи по интернет ќе сфатат дека многу повеќе им се исплатува саканиот производ да го купат од странство отколку во земјава. Па дури и откако ќе платат за негов транспорт до Македонија.

Скопјанката Мирјана Анастасовска се соочила со таква ситуација барајќи да купи баланс велосипед за двегодишниот син. Во Скопје таков велосипед нашла во неколку продавници, но секаде чинел над 100 евра, што и било прилично скапо.

- Случајно на детско игралиште видов едно дете со велосипед каков што барав и каков што гледав во продавниците низ Скопје. Во разговор со неговите родители случајно дознав дека го купиле од Бугарија претходната година и ги чинел 40 евра. Веднаш почнав да барам на интернет и сфатив дека во сите земји од регионот истиот велосипед е многу поевтин од кај нас. По неколку дена мои пријатели ми го донесоа од Словенија, каде го купиле за 60 евра. Навистина не ми е јасно како може кај нас истиот велосипед да е дури 60% поскап од земјите во ЕУ, кои имаат многу повисок стандард од Македонија - вели Анастасовска.

Иста е ситуацијата и со брендираната облека. Во познатите продавници во скопските трговски центри брендиранаа облека е поскапа за најмалку 30% споредено со облеката во продавниците на тие брендови во европските метрополи.

Трговците во земјава не сакаат јавно да зборуваат за разликата во цените, но се правдаат дека повисоките цени кај нас ги диктираат повеќе фактори. Тие потенцираат дека цените во Македонија во никој случај не можат да бидат исти како во поразвиените европски земји, најмногу поради тоа што сме мал пазар во кој нема доволно конкуренција, како и поради тоа што некои трговци имаат доминантна положба на и така малиот пазар.

- Колку пазарот и куповната моќ на населението се помали, толку цените се повисоки. Ние не нарачуваме цела серија на производите, особено кога станува збор за облека или чевли, туку по неколку модели, за разлика од трговците кои работат на големи пазари. Тоа секако влијае на набавната цена која за нас е повисока. Кога на неа ќе се додадат транспортните и царинските трошоци, различните давачки во земјава, како и трговската маржа, се добива крајната цена на производот - објаснуваат трговците.

Сепак, економските експерти од поодамна реагираат дека трговците во земјава одат со многу високи маржи, обидувајќи се да направат поголем профит со помала продажба. Толку високи маржи, сметаат економистите, се економски неоправдани. Иако официјално трговците велат дека маржите им се движат околу 10 отсто, неофицијално тие достигнуваат од 25 до 30 отсто, што е повисоко од сите земји во регионот.
Подготвил: Д.Ф.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија