X
 29.05.2017 Технологија

Бил Гејтс и Марк Закерберг едногласни во загриженоста за губењето на работните места


Марк Закерберг и Бил Гејтс
(Фото: Dow Jones & Company Inc.)

Марк Закерберг и Бил Гејтс изградија компании тешки милијарди долари во две сосема различни области, но и двајцата се сложуваат во врска со најголемите закани за американските работни места.

Извршниот директор на „Фејсбук“ во четвртокот одржа говор на Универзитетот „Харвард“, каде што посочи на предизвикот со кој ќе се соочат новите генераци професионалци. Според него, десет милиони работни места ќе бидат заменети од автоматизацијата како придобивка на технологијата.

Гејтс, ко-основачот на „Мајкрософт“, на почетокот од овој месец ја сподели истата загриженост. Најголемо влијание, според него, ќе има вештачката интелигенција со акцент на роботизацијата.

Но, во врска со револуцијата на роботите, минатата година Гејтс кажа дека роботите би требало да го ослободат трудот и да им овозможат на дипломираните студенти да се фокусираат на работи кои бараат човечка сомилост и разбирање, како на пример, да им помагаат на децата со посебни потреби. На подемот на роботите, Гејтс сопоставува контра-интуитивен пристап и вели: „Ако можете да се зафатите со работа што може да ја замени автоматизацијата во нејзиното извршување, тогаш ќе бидете во предност пред новите текови“.


Закерберг, исто така, зборува за пронаоѓање целисходни занимања во новата автоматизирана економија. Според него, новите генерации дипломци ќе треба да функционираат во свет на којшто ќе му бидат потребни цели, што ќе треба самите тие да ги создадат. Првенствено би било започнување на целисходни проекти во насока на креирање нов свет каде што секој ќе се чувствува корисен. Следно би било редефинирање на прашањето за еднаквоста, односно секој да има слобода во изборот и извршувањето на својата цел. „Многу од нашите родители имале стабилни работни места низ нивната кариера. Денешните студенти ќе мора да си ја исцртаат сопствената патека и да имаат слобода да погрешат и да почнат повторно.“

Се очекува роботите да создадат 15 милиони нови работни места во Америка во текот на следните десет години, како резултат на автоматизацијата и вештачката интелигенција. Лошата страна е што роботите ќе затворат 25 милиони работни места во истиот тој период. Во таа смисла, Гејтс има право. Вештачката интелигенција и автоматизацијата ќе предизвикаат сеизмички поместувања, исто како што направиле компјутерите со нивната појава во осумдесеттите, носејќи ја промената во комуникацијата и приспапот до информации.

За 50 години од денес, 65 % од Американците очекуваат компјутерите да извршуваат повеќе работа од таа што ја извршуваат луѓето. 38 % од работните места во Америка се соочуваат со висок ризик да бидат заменети од роботите и ВИ во текот на наредните 15 години.

Оние кои не сакаат да се „автоматизираат“ со новиот тренд, сѐ уште имаат можности за кариери надвор од досегот на роботите. Тука спаѓаат композиторите и уметниците, медицинските сестри, домашната нега, грижата за стари и изнемоштени лица, бебиситер(к)ите, воспитувачите и раководителите со човечки ресурси. И се разбира, роботичарите нема да бидат заменети од роботите.

На најголем удар на роботите се ниско платените работни места, предвидуваат економистите. Тие што не сакаат да бидат заменети од роботите, треба да се завртат кон високо образование. Според едно истражување, 83 % се шансите дека автоматизацијата ќе ги замени работните места што се плаќаат 20 долари на час. 31 % дека роботите ќе им ја земат работата на луѓето што се платени помеѓу 30 и 40 долари на час, додека само 4 % е веројатноста дека автоматизацијата ќе ги замени работните места што се платени повеќе од 40 долари на час.

Препораката на Гејтс за новите генерации се бионауката и енергетиката како области во кои можат да се профилираат. Во енергетиката во Америка се вработени 6,4 милиони Американци, според релевантен извештај за 2017 година. Работните места во бионауката е во растечки тренд од 10 % годишно и во оваа област се вработени приближно 1,7 милиони луѓе во Америка.

Закерберг поентираше со мудра препорака до идните претприемачи: „Да ви споделам една тајна: никому не му успеало од почеток. Идеите не доаѓаат во оформен облик. Тие се кристализираат додека работите на нив. Само треба да почнете. Ако јас однапред разбирав сѐ во врска со поврзувањето на луѓето, никогаш немаше да го создадам ’Фејсбук‘. Филмовите и поп културата погрешно го разбрале ова. Идејата за момент на еурека е опасна лага. Нѐ прави да се чувствуваме неспособни додека нам не ни светне. Тоа само ги држи инертни луѓето со добри идеи да почнат да ги реализираат.“   
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија