X
 29.05.2017 Образование

Интервју со проф. д-р. Зоран Ивановски од УТМС: Студентите нема потреба да бараат квалитет надвор од Република Македонија, кога тој е тука „пред нивната врата“

На идните студенти би им порачал да „направат разлика“ и да ги видат реално престижните услови и амбиентот за студирање на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје. Нема потреба да бараат квалитет надвор од Република Македонија, кога тој е тука „пред нивната врата“, вели проф. д-р. Зоран Ивановски, редовен професор на УТМС и проректор за меѓународна соработка. Во интервјуто за Факултети.мк тој ги претставува развојните планови на Универзитетот во наредните десет години и последната етапа од процесот за признавање на нивните дипломи во САД



Факултети.мк: Повеќе од една декада Универзитетот за туризам и менаџмент постои и едуцира високообразовни кадри во Република Македонија. Според вас, која е најголемата придобивка од појавувањето на оваа институција на образовната сцена во Македонија? Донесе ли нешто ново, поинакво?
- Иако е релативно млада високообразовна институција и постои нешто повеќе од десет години, Универзитетот за туризам и менаџмент многу брзо оствари значителни резултати на сите полиња на академската работа и се профилира како една од водечките во земјата, а стана и препознатлива и ценета во регионот и пошироко. Универзитетот од самиот почеток примени напредна методологија на студирање каква користат водечките универзитети во светот и почитување на Болоњската декларација. Тоа значи доследно спроведување на обврските на секоја високообразовна институција, кои покрај знаење треба да развиваат кај студентите и базични вештини (пишување, презентирање, критичко размислување), а што методологијата за работа на УТМС во целост го обезбедува. УТМС прв во државата почна да издава Додаток на диплома, така што дипломите на студентите кои завршуваат на универзитетот се насекаде прифатени, лесно разбирливи и обезбедуваат целосна слика за резултатите од студирањето на секој наш студент по повеќе класификации (национална, европска, американска), како и во проценти изразено усвоеност на знаење, вештини и компетенции. Универзитетот за туризам и менаџмент постави нови и многу високи стандарди на полето на високото образование во Република Македонија.

Факултети.мк: Наскоро започнуваат уписите за новата академска година 2017/2018. Што различно од другите УТМС им нуди на своите студенти?
- На веб страницата на Универзитетот за туризам и менаџмент поставена е презентација за десет причини за упис на УТМС. Тука се објаснети уникатните услови за студирање кои УТМС им ги нуди на идните студенти, преку слики од секојдневниот живот на универзитетот и секако зборови. Освен споменатата методологија, би ги истакнал современите студиски програми, кои се целосно компатибилни со водечките светски универзитети, високо-квалитетен академски кадар, целосно посветен кон студентите, современа електронска платформа за студирање (е-студент), комбинација на академско знаење и искуствата од пракса изразени преку гостување и предавања од важни личности од бизнис секторот и јавниот живот од државата и светот, обезбедени пракси за студенти, можност студентите да поминат семестар или година на некој друг универзитет со кој УТМС има договор за соработка, патувања во форма на академски практикуми во странство и грижа за вработување на студентите по завршувањето на студиите. Ова е само дел од споменатите разлики или компаративните предности кои УТМС го нуди на своите студенти. Во секој случај, сите заинтересирани можат да го посетат Универзитетот за туризам и менаџмент и лично да се уверат.




Факултети.мк: На кој начин овие признанија го подобруваат статусот на студентите на УТМС во меѓународни рамки?
- Успесите на УТМС се заслуга и на студентите, и обратно секој успех и награда на УТМС им дава поголемо значење на дипломите на студентите со кои тие се стекнуваат. Универзитетот за туризам и менаџмент стана препознатлив бренд во виското образование, така што релативно лесно се склучуваат договори за соработка со најдобрите европски и светски универзитет, на кој можат студентите да поминат и дел од своето образование.

Факултети.мк: Пред една година УТМС ја доби Дипломата „TedQual“. Може ли да објасниме што значи тоа и за студентите и за реномето на институцијата?
- Станува збор за престижна диплома, која ја издава специјализирана агенција за високо образование на UNWTO (Светска туристичка организација), како доказ за спроведување на целосниот менаџмент со квалитет (TQM). Тоа е несомнено една од најпрестижните дипломи, која генералниот секретар на Светската туристичка организација, Д-р Талеб Рифаи лично му ја врачи на ректорот на Универзитетот за туризам и менаџмент, проф. д-р Аце Миленковски, на конференцијата во Малага, Шпанија во мај 2016 година. Со тоа, на дипломите на студентите кои завршуваат на туризам на прв и втор циклус стои и знакот на TedQual. Оваа привилегија ја имаат само педесетина универзитети во светот, а во регионот ја имаат само Универзитетите во Љубљана и Универзитетот во Загреб, како и Универзитетот Сингидунум од Белград. Поедноставно кажано, дипломираните на УТМС со ова имаат дипломи како од најпрестижните универзитети од регионот и светот во целина.



Факултети.мк: УТМС е активен член на Светската туристичка организација. Какви се обврските на Универзитетот и од друга страна, каков бенефит има од ова членство?
- Универзитетот за туризам и менаџмент е придружна членка на Светската туристичка организација, затоа што единствено државите се полноправни членки. Во таа организација членуваат голем број на реномирани високообразовни институции од странство (нема друга од Република Македонија) и имаат оформено „Мрежа на знаење“ (Knowledge Network), со многу богата електронска платформа на книги, списанија, извештаи, заеднички проекти и сите форми на академска соработка. Членството во Светската туристичка организација, исто така, нуди можност Универзитетот за туризам и менаџмент активно да ја следи и да учествува во креирањето на стратегиите и политиките за развојот на туризмот во светот, односно таквите сознанија и искуства постојано да ги вградува, а со тоа и да ги иновира студиските програми.

Факултети.мк: На секој организам му е неопходен развој за да делува. Какви се амбициите за развој на УТМС во наредните десетина години?
- Универзитетот за туризам и менаџмент има амбициозен план за развој за следните десет години, а тој се базира на определбата за натамошно подобрување на квалитетот, зајакнување на научно-истражувачката компонента и нови инвестиции. Амбициите се УТМС да расте, созрева и постојано да биде во тек и да ги имплементира најдобрите практики од високото образование во светот.

Факултети.мк: Вие сте проректор за меѓународна соработка на УТМС. Кој е фокусот на Универзитетот на ова поле?
- Покрај стекнатата TedQual Диплома, која треба повторно да се потврди преку ревизија на работењето по три години, УТМС веќе се стекна и со статус на Кандидат за акредитација од страна на ИАЦБЕ (Американски одбор за акредитација на високото образование за бизнис) од Ленекса, САД. Тоа значи дека во следниот период УТМС ќе ја реализира и последната етапа во тој процес со што дипломите на УТМС ќе бидат и целосно признати во САД и секаде во светот, како и дипломите издадени од страна на најдобрите универзитети од Северна Америка. Станува збор за исклучително високо позициониран Одбор за акредитација на светско ниво за студиските програми за бизнис образование, што е најголема потврда за квалитетот на работењето на секој факултет и универзитет. Акредитација се издава не како резултат на исполнетост на одредени услови за работа (како што прават други Одбори за акредитација), туку се оценува квалитетот на „финалниот производ“, а тоа се нашите студенти. Од тука, лично сум оптимист дека овој процес УТМС успешно ќе го реализира и ќе биде единствена институција од таков вид во Република Македонија.

Факултети.мк: Како котира УТМС во меѓународни рамки? Колкав е интересот на странските студенти да студираат на УТМС?
- УТМС е институција која соработува со реномирани високообразовни институции од светот. Тука би ги истакнал МСМ (Maastrich School of Management) која е прогласена за една од ТОП- 5 МБА институции во Европа, Универзитетот од Љубљана (во првите 400 по Шангајската листа на најдобри светски универзитети), но и голем број склучени договори со универзитети од регионот и пошироко. Преку програмата Еразмус плус, УТМС има склучено дваесетина договори за соработка, така што во моментот нашите студенти се на размена на факултетот во Порто (Португалија), на пракса во Барселона (Шпанија) и сл. Секоја година расте интересот и на странските студенти на студии на УТМС, но реално очекуваме истиот значително до порасте во текот на следниот период.

Факултети.мк: Што би им порачале на матурантите кои ќе бидат бруцоши од септември? Зошто да го изберат УТМС и да студираат тука?
- Веќе ги истакнав компаративните предности на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје во однос на другите високообразовни институции. Само би порачал да „направат разлика“ и да ги видат реално престижните услови и амбиентот за студирање на УТМС. Исто така, нема потреба да бараат квалитет надвор од Република Македонија, кога тој е тука „пред нивната врата“.
Подготвил: В.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование