X
 01.06.2017 Образование

Државата мора да го следи и мери квалитетот на образованието, но не со екстерно какво што имаме

Вака како што е поставено, екстерното тестирање не смее да го има во нашето образование, но сепак во основните и средните училишта треба да се проверува квалитетот на наставниците и наставата, да се следи и мери стекнувањето на знаења и вештини, и да се знае каде има тенденции на потфрлање. Само така ќе може да се интервенира во насока на подобрување на системот на образование -сметаат повеќе експерти кои ги следат образованите процеси.


Фото: Pixabay


Професорката од Правниот факултет од Скопје, Каролина Ристова Астеруд смета дека во целата дебата за екстерното, за жал се заборава ударното прашање и проблем, а тоа е како до квалитетно основно и средно образование, како до квалитетни наставници и настава, објективно вреднување и оценување на знаењето.

- Од целата фама во јавноста, колку и да се лутат некои, мислам дека ова се заборава, дури и од родителите, иако сите индикатори и споредбени истражувања покажуваат дека со секоја година, сè помалку писменост и знаење добиваме од средните школи, а тоа веќе се чувствува и на универзитетско ниво, особено откога е укинат приемниот испит - смета Ристова Астеруд.

Мора да се елиминираат и надуваните оценки

Според неа, не смее да се заборави дека основното и средното образование се задолжителни, и дека државата мора да има одредени начини на следење, мерење на квалитетот и контрола во таа смисла.

- За споредба, иако универзитетското образование не е задолжително, па ја имате спецификата на автономија на универзитетот, слободата на научната креација, а сепак имаме не само (ре)акредитации на наставни програми, туку и постојани (ре)избори во звања, евалуации. Ова отсекогаш и независно од неуставниот и спорен ЗВО, во кој има други проблематични аспекти кои сега не се тема. Слично, во основните и средните училишта мора да има модели како се проверува квалитетот на наставиците и наставата, да се следи и мери стекнувањето на знаења и вештини, и да се знае каде има тенденции на потфрлање, па да може да се интервенира во смисла на подобрување. И секако, мора да се елиминира проблемот на надувани оценки - вели таа.

Синот на професорката Ристова Астеруд учи во средно училиште во Шкотска, па таа го сподели искуството од оваа земја. Таму концептот е комбинација меѓу пристапот кај нашите средни училишта со универзитетскиот. - Преку годината учат, имаат домашни задачи, проекти, презентации и сл. Но, не добиваме оцени, само извештаи за напредокот, дали добро напредува, каде ученикот има некои слабости во совладување на материјата, во однос на работните навики, ангажманот. На средината на учебната година има т.н прелиминарни испити, каде по сите предмети се полагаат „испити“ и се добиваат оцени. Но, тие служат за да и наставниците, и учениците и училиштата видат „до каде се работите„. По објавување на резултатите, каде има потфрлање, наставниците повеќе се ангажираат, има и т.н дополнителни часови токму во врска со прелиминарните резултати. При крај на годината, во мај, се полагаат завршните испити. И кај прелиминарните, и кај завршните испити, учениците добиваат „недели за учење“, да го повторуваат материјалот, повеќе секако кога се завршните испити. Но, тука доаѓа „ екстерниот момент“. Резултатите не се даваат локално од наставниците и училиштето, туку се прегледуваат и оценуваат централно, за цела Шкотска, и се објавуваат дури во август. Самите тестови и прашања не ги подготвуваат училиштата и наставниците кои предаваат, туку повторно тоа е се централно, всушност ни самите тие до денот на испитите не ги знаат прашањата. Таквата екстерност и дава можност на државата да следи кои училишта вадат добри резултати, а кои вадат лоши, и да се фокусира на тие, да се види што е проблемот. За ученикот крајната оцена е комбинација од резултатот на завршниот испит, на што потоа се додава и оцената од наставникот за работата во текот на целата година, но главна тежина има екстерната оцена. Оваа година (втора година средно) син ми полагаше 6 испита, практично и толку предмети има, дел се задолжителни, дел ги бира самиот од листа на предмети - објаснува Ристова Астеруд.

Според неа, треба да се размислува и во правец на обемот на наставата, односно предметите, спрема годините, секако комбинирано со проблемот со квалитетот на учебниците. Треба да се најде начин и формула за следење на квалитетот на оценување.

- Ни треба комбинација на интерно и екстерно оценување, но кое нема да предизвикува вакви големи стресови. Од досегашното искуство, да се види од каде е стресот, дали немаат време да се подготвуваат, дали тестовите се лошо концепирани, и сл. Дали е ова подобро, или на крајот да имаат само матура? Што со тие ученици и училишта што покажуваат послаби резултати, општо или по некои предмети, треба да се обмисли концепт, дали е до наставникот, дали е до условите за работа и учење, какви последици. Конечно, дури и ако се отфрли екстерното и секој вид на некаква надворешна контрола, тогаш во секој случај и дефинитивно треба да се вратат приемните испити на универзитетите, како мотив за вистинско учење за оние кои имаат амбиции натаму да се школуваат - објаснува Астеруд.

Националните оценувања во европските држави се насочени кон системот

Дека повеќето европски држави имаат практики на екстерна проверка, но сосема различно концепирана ни потврдува и Ана Мицковска Ралева, аналитичар за образовни политики во Центарот за истражувања и креирање политики од Скопје.

- Генерално, европските држави имаат практики на екстерно тестирање (т.н. национално оценување), кои се разликуваат во поглед на нивната цел и влијанието на резултатот врз општиот успех и понатамошната кариера на учениците (high stakes vs. low stakes assessment). Она што е карактеристично е дека тестирањата во европските земји не се насочени кон наставниците, туку кон учениците, училиштата, и/или системот генерално. За наставниците постојат други механизми на проценка и поддршка. И кај нас по воспоставувањето на системот за кариерно напредување на наставниците, паралелниот систем на проценка со екстерното тестирање е непотребен - вели Мицковска Ралева.

На прашањето каков систем нам ни е потребен, Мицковска Ралева вели дека тој треба да произлезе од проблемите со кои се соочуваме- ниски постигнувања во меѓународни рамки што значи дека учениците не ги постигнуваат меѓународните стандарди на компетенции, и недостаток од објективни податоци за тоа колку се постигнати националните страндарди на постигнувања.

- Бидејќи на меѓународните тестирања имаме многу ниски постигања, всушност немаме многу информации што учениците постигнале, туку кои стандарди не ги постигнале. Значи, не ни даваат доволно информации за нивните компетенции. Затоа ни е потребно национално оценување, за да можеме да утврдиме колку се постигнати стандардите поставени во нашите наставни програми. Конкретно, имајќи предвид дека стандардите во програмите се поставени од страна на експерти, врз основа на нивните проценки што учениците би требало да знаат/умеат, овој вид на оценување би требало да ги утврди емпириските стандарди, т.е. што учениците реално знаат/умеат, и според тоа можеби да ги редефинира веќе поставените стандарди. Дополнително, може да се утврди кои се факторите поврзани со постигањата на учениците (на пр. социо-економски, методи на настава и оценување, ставови на наставниците итн.) и да се развијат политики кои ќе таргетираат различни фактори. Ваквиот тип на оценување не мора да се спроведува на сите ученици, туку на репрезентативен примерок. Исто така, може да се спроведува на неколку клучни предмети, кои од година во година можат да се менуваат - вели таа.

Исто така целта на ваквиот вид тестирање не би била да се санкционираат училишта, ученици или наставници, туку да се соберат податоци кои би биле основа за давање поддршка/помош на училиштата и наставниците и подобрување на нивната работа.

- Во суштина, методите кои се базираат на казнување можат да бидат ефективни на кус рок, но на долг рок се неефективни, бидејќи предизвикуваат отпор, ја намалуваат внатрешната мотивација за постигнување и конечно-не влијаат на подобрување на постигнувањата. Методите кои се базираат на помош и поддршка пак, бараат повеќе време и човечки ресурси за спроведување но делуваат на подолг рок - објаснува Мицковска Ралева.

Екстерното беше наметната реформа

Пратеничката од СДСМ, Ивана Туфегџиќ која е позната и по жестоките критики на образовните политики на претходната Влада, ни изјави дека точно е дека екстерна евалуација мора да постои, но пред да се фокусираат на тоа, мора да се види што наставните програми им нудат како знаење и вештини на учениците.

- Сè што ќе се носи како одлука, ќе биде после широка консултација со професорите и учениците, бидејќи меѓу многуте нешта кои беа погрешни со екстерното тестирање, како немање никаков резултат, не давање на реална слика за образованието и падот на квалитет, оваа реформа беше неуспешна бидејќи беше наметната, не беше консултирана со засегнатите страни, не беше дури ни консултиран начинот на спроведување, едноставно ја донесоа со куп забелешки од професорите и учениците кои беа игнорирани од властите. Оттука мојот одговор, сè од почеток ќе се дебатира и консултира со професорите и учениците. Почетокот, и ова самите професори го велат, е во наставните програми кои се застарени и не им обезбедуваат на професорите да внесат креативност и да се посветат во изнаоѓање на интересите на учениците, ниту пак обезбедуваат вештини за учениците, понатаму начинот на евалуација. Заеднички со нив, професорите и учениците, ќе биде обезбеден квалитетен начин на евалуација кој ќе го цени квалитетот на образованието, и кој ќе ни обезбедува релевантни информации за подобрување на квалитетот на образованието - вели Туфегџиќ.
Подготвил: М.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование