X
 05.06.2017 Култура

Додека трае административната борба за „Браќа Манаки“, наградата „Златна камера 300“ ја доби снимателот на култниот „Амаркорд“ - 94 годишниот Џузепе Ротуно

Проблемите на фестивалот се продлабочија во декември, кога во Агенцијата за филм стигнале две апликации за организирање на 38. издание на фестивалот – на Друштвото на филмските работници на Македонија и на новоформираниот „Центар за филм-Битола“

 

Иако се уште не добиле потврда дека се официјални организатори на годинашното 38. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, Друштвото на филмските работници на Македонија го подготвува најзначајниот филмски фестивал во земјава и го соопшти годишниот лауреат. Наградата за животно дело ја доби најголемиот жив кинематографер во светот – 94 годишниот Џузепе Ротуно од Италија. А овој епитет на го добил попусто. Се смета за родоначалник на повоениот италијански филм, а повеќето од нив се ремек-дела на светската кинематографија. Култна е неговата соработка со режисерскиот великан Федерико Фелини во „Амаркорд“ од 1973 година, за кое освоиле Оскар за најдобар странски филм. Со Фелини претходно го снимил „Фелини сатирикон“ (1969), „Казанова на Фелини“ (1976), „Проба на оркестарот“ (1978), „Градот на жените“ (1980), „Бродот плови“ (1983). Во 1996 година со творецот на италијанскиот нео–хорор саспенс, режисерот Дарио Аргенто, Ротуно го снимил „Стендаловиот синдром“.




- Без овој великан на светската кинематографија нашиот Клуб на великаните не може да се замисли. Џузепе Ротуно заради неговата возраст нема да може физички да  биде присутен во Битола да ја прими наградата. Затоа ќе му ја предадеме во Рим во неговиот дом, каде што живее со својата сопруга – рече директорот на „Браќа Манаки“, Благоја Куновски-Доре.
Во 1955 година го снимил филмот „Скандал во Соренто“ во режија на Дино Риси, а две години подоцна го снима „Бели ноќи“ на големиот Лукино Висконти, со кого во 1960 и во 1963 година ќе ги сними и неговите други два антологиски филма: „Роко и неговите браќа“ и „Леопард“. Со странските истакнати режисери, Ротуно исто така има значајна соработка: Carnal knowledge (1971) и „Волк“ (1994) на Мајк Николс, па „Авантурите на барон Минхаузен“ на Тери Гилијам. Негов кинематограферски врв со истакнат странски режисер е оскаровецот „Сиот тој џез“ на режисерот Боб Фос.
Годинашно мото на фестивалот е Movie on,  Тouch the light! Тouch Bitola. Тимот предводен од ДФРМ веќе го подготвува фестивалот, но се уште нема потпишано договор со Агенцијата за филм. Претседателот на ДФРМ, Роберт Насков апелираше до директорката на Агенцијата, Мими Ѓоргоска-Илиевска и министерот за култура Роберт Алаѓозовски да се заложат брзо да се надминат проблемите, потенцирајќи дека Друштвото е долгогодишен и легален организатор на „Браќа Манаки“.
- Во декември аплициравме на конкурсот за фестивали, навремено со целата потребна документација. Но, иако според законскиот рок од 60 дена тие треба да одговорат дали се прифаќа нашата апликација, поминаа шест месеци и од Агенцијата немаме никаков одговор. Ако наредната недела не се потпише договорот, сериозно ќе биде доведено во прашање одржувањето на ова издание на фестивалот „Браќа Манаки“ - рече Насков.

Веднаш по завршувањето на прес конференцијата министерот Алаѓозовски за „Макфакс“ изјави:
- Со оглед на сложеноста на спорот, земајќи предвид дека до фестивалскиот датум има уште неполни четири месеци, веднаш ќе ги разгледаме сите аспекти. Ќе ги преземеме сите законски чекори и нема да дозволиме никакви опструкции од паралелни организации. Во комуникација со сите надлежни, случајот брзо ќе биде расчистен – изјави Алаѓозовски.
Проблемите на фестивалот почнаа пред повеќе од една година откако ДФРМ на седница го разреши тогашниот директор Димитар Николов-Таки, иако мандатот се уште не му беше завршен, а за нов директор го назначи Благоја Куновски-Доре, тогаш уметнички директор на „Браќа Манаки“. Тогаш кусото образложение на ДФРМ беше дека Николов-Таки е разрешен поради „програмски несогласувања во однос на насоките во кои треба да се движи Фестивалот“. Николов-Таки тогаш остро реагираше и најави правна завршница на случајот.

Во декември во Аганцијата за филм, покрај апликацијата на ДФРМ стигнала и апликација од  „Центарот за филм-Битола“, чии основачи се битолчаните Димитар Николов-Таки, Владимир Симоновски, Александар Стојановски, Сашо Миленковски и Петар Трајчевски.
Подготвил: В.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура