Мнозинството професори на Стоматолошкиот факултет од Скопје бараат за декан да биде назначен проф. д-р Ќиро Ивановски кому тие му ја дадоа довербата уште во декември минатата година на избор на наставно-научниот совет. Професорите се против одлуката на ректорот Никола Јанкуловски, В.д декан на факултетот да биде проф.Мирјана Поповска.
Дваесет и тројца професори и стотина студенти се потпишале на иницијативата за преиспитување на оваа одлука. Според засегнатите, постапката е спротивна на законските прописи.
Ивановски вели дека не постојат разумни причини тој да не стане декан.
-Ниедна од причините која што му дава право на ректорот да не го потврди изборот на декан, а се запишани во статутот, не ми беше посочена од негова страна - ниту устно, ниту писмено - рече Ивановски.
И покрај нашите напори да добиеме изјава од ректорот Јанкуловски за тоа што се случува на Стоматолошки, факултети.мк не доби одговор.
Професорите се категорични дека нема да учествуваат во работата на органите на факултетот, се дури ректорот Јанкуловски не се предомисли.
-Што се однесува до студентите, работите ќе течат, меѓутоа спорен станува уписот на студентите за којшто треба да донесе одлука наставно-научниот совет за комисијата, но се надеваме дека ректорот еден ваков важен проект ќе изнајде сили да го реши - изјави денеска професорката Силвана Георгиева.
Претставки биле поднесени и до просветниот инспекторат и до Министерстовто за образование и наука.